Москва го прослави 870 роденден: Како се менувал „Третиот Рим“ низ историјата?

Тверската улица во советско време се викаше „Улица „Горки“

Тверската улица во советско време се викаше „Улица „Горки“

Фјодор Кислов/TASS
Некогаш зафрленото селце во Источноевропската низина, а денес голем град со 12 милиони жители го прослави својот 870 роденден. Во ги претставуваме најважните настани од историјата на руската престолнина.

1147 година – Москва за првпат се споменува во историските летописи

Основачот на Москва Јуриј Долгоруки. Цртеж на историчарот В. Верешчагин

Во древниот Ипатиевски летопис се зачувани зборовите на суздаљскиот кнез Јуриј Долгоруки упатен на кнезот Свјатослав: „Дојди кај мене, брате, во Москва“. Кога Свјатослав дошол, Јуриј приредил голема гозба. Дури и средновековна Москва била добро место за забава. 

Втора половина на 15 век – Кремљ повторно се гради

Московскиот Кремљ од бела вар

Со текот на времето Москва зајакнувала и го менувала изгледот. Наместо првобитното дрвено кале кнезот Дмитриј Донски (1359-1389) го изградил Кремљ од варовник. Така Москва го добила називот „белокамена“.

Но, кнезот Иван Трети сметал дека варовникот не е доволно цврст материјал. Помеѓу 1485 и 1495 година италијански архитекти го граделе новиот Кремљ од црвена тула. Тогаш московскиот Кремљ го добил денешниот изглед. 

1547 – Иван Грозни е крунисан за цар 

Иван Грозни / С. Ростворовски (1858-1888)

По политичките судири, војните и интригите кои траеле со децении, Москва станала водечка политичка сила во Русија, а Иван Грозни е крунисан за цар. Москва во тој период со челичната царева рака управува со целата држава. Тогаш, како последна надеж на христијаните, го добила називот „Трети Рим“.

1561 – изграден е Храмот на Василиј Блажени 

Црвениот плоштад во Москва со храмот „Св. Василиј Блажени“ во центарот.

Храмот на Василиј Блажени (Храмот на Покровот на Пресвета Богородица) не е најголем храм во Москва, но затоа е најпознат и најдобро го одразува духот на Москва. Се наоѓа на Црвениот плоштад и е составен од девет помали цркви. Секоја од нив е посветена на посебен светител. Храмот и изграден по наредба на Иван Грозни, по повод освојувањето на Казањ и ширењето на Русија кон истокот.

1610-1612 – Полјаците ја заземаат Москва

Кузма Минин ги повикува Русите да се обединат и да ја ослободат Москва од Полјаците

За време на Смутната доба на почетокот на 17 век Полјаците ја зазеле Москва откако биле повикани од еден од таборите кои се бореле за власт. Тоа траело сè до 1612 година која народната војска под водство на Кузма Минин и на кнезот Дмитриј Пожарски не го ослободила градот. Следната година започнала нова доба – кнезот Михаил Романов е крунисан за цар.

1712 – Москва повеќе не е престолнина 

Сенатскиот плоштад во Санкт Петербург, новата руска престолнина

Петар Први во 1712 година ја пренесува престолнината во својот сакан Санкт Петербург. Но, тоа не значи дека во Москва повеќе ништо значајно не се случувало – тука и понатаму биле крунисувани руските императори.

1755 – Во Москва е отворен првиот универзитет во Русија

Првата зграда на Московскиот универзитет

Првиот универзитет во Русија е отворен во Москва во 1755 година, благодарение на најголемиот руски научник од тоа време Михаил Ломоносов. Московскиот државен универзитет (МДУ) и денес е најдобрата високообразовна установа во Русија.

1812 – Походот на Наполеон и пожарот во Москва

Наполеоновата војска по поразот во Русија

Во 1812 година во Русија продрела војската на Наполеон Бонапарта. По неколкумесечни битки францускиот император успеал да влезе во Москва, но нашол празен и запален град.

Московјаните го запалиле својот град за да го избркаат непријателот. Тоа им успеало – Наполеон набргу ја напуштил Москва и бил принуден да се повлече.

1920-1930 – Советската доба и изградбата на Москва

Тверската улица во советско време се викаше „Улица „Горки“

Во 1918 година болшевиците ја вратиле престолнината во Москва. Како главен град на новата социјалистичка држава Москва морала да се измени. Комунистите со сите сили го модернизирале градот во согласност со новата државна идеологија.

Советската власт урнала многу цркви, меѓу кои и прочуениот Храм на Христос Спасителот. Урбанистичкиот план е изменет – урнати се старите улици и проширени се главните магистрални патишта како што се улиците Тверскаја и Нови Арбат. Воведен е нов систем на градски превоз. Во периодот од 1920 до 1930 година во Москва се појавиле автобуси, тролејбуси и метро.

1941-1942 – Црвената армија победува во Битката за Москва

7 ноември 1941. Советска војска маршира кон линијата на фронтот

Битката за Москва траела од октомври 1941 до јануари 1942 година. Тоа била првата победа на Русите во Втората светска војна (1941-1945). Германските трупи веќе продреле длабоко во советската територија, но во близина на Москва наишле на силен отпор.

Тоа е херојска страница во историјата на Москва – на 7 ноември 1941 година во Москва е одржана свеченост по повод годишнината на Октомвриската револуција, иако германската војска се приближила на само неколку километри до градот. Војниците марширале на Црвениот плоштад до линијата на фронтот, каде го запреле непријателот и така ја спасиле советската престолнина.

1980 – Москва е домаќин на Олимписките игри

Олимписката маскота Миша полетува на небо на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Москва

Најголемиот спортски настан во историјата на Москва биле летните Олимписки игри одржани во 1980 година и покрај меѓународните геополитички превирања. Советскиот Сојуз во 1979 година влезе во Авганистан, така што Олимпијадата во Москва ја бојкотираа околу 50 држави.

И покрај тоа, Олимпијадата е успешно одржана, а олимпискиот Мишка стана една од најпознатите спортски маскоти. На церемонијата на затворањето многумина плачеа, гледајќи ја маскотата како лета кон небото. Наспроти овие Олимписки игри изградени се многу спортски објекти. Меѓу нив е и комплексот „Олимписки“ – најголемата затворена арена во Москва.

1991 и 1993 – Москва е сведок на жестоки политички судири

Руски војници во тенк пред зградата на рускиот парламент во Москва. 6  октомври 1993

На почетокот на деведесеттите години од минатиот век политичките немири ја зафатија Москва. Комунистите од „цврстата линија“ во 1991 година се обидоа да предизвикаат државен удар против советскиот лидер и реформатор Михаил Горбачов. Обидот пропадна кога војската им се приклучи на нивните противници.

1993 година Москва беше сведок на жестоко насилство. Конфликтот помеѓу претседателот Борис Елцин и парламентот предизвика судири во кои се убиени најмалку 120 лица. Точниот број убиени сè уште не е познат. Во овој судир војската беше на страната Елцин – пукаше на Белата куќа од тенкови за прв и, се надеваме, за последен пат во руската историја.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња