Кому му припаѓал бизнисот во СССР?

Russia Beyond (Photo: Sputnik; Б. Колесников/Sputnik; Николај Никитин/Tass)
Како земјата која ја презираше приватната сопственост и приватното претприемништво можеше да им обезбеди сѐ што е потребно на милиони луѓе? Дали навистина во СССР не постоеше приватен бизнис? И кој тогаш се наоѓаше зад бројните тезги во малите продавници, работилници и во други ситни претпријатија? Дознајте како опстоја претприемништвото во комунистичкото уредување.

Во Русија отсекогаш имало трговци: во градовите ги нарекувале продавачи, во селата „корпари“ зашто својата стока ја разнесувале и ја продавале „од корпа“. Револуцијата од 1917 година извесно време ја запрела приватната трговија. Болшевиците прогласиле дека претприемачите од сите фели се остатоци од буржоаскиот систем, против кој жестоко се бореле. Меѓутоа, оваа забрана не траела долго.

Дали во СССР можевте да имате приватен бизнис?

Популарниот мит за тоа дека приватната трговија под комунистите била целосно забранета е само делумно точен. Доколку, пак, зборуваме за сите 69 години од советската историја, излегува дека дури и за време на болшевиците претприемачите имале своја „златна доба“. А, таа настапила набргу по воспоставувањето на комунистичкиот систем на владеење.

Измачена од револуциите и од граѓанската војна Советска Русија се соочила со индустриска криза, со глад, со невработеност и со криминал. Одлучено беше земјата да се дигне од пепелта по пат на реформи, таканаречената Нова економска политика (НЕП). Таа не само што дозволувала приватен бизнис, ами и за него предвидувала даночни олеснувања и различни поволности. Властите привремено морале да заборават на идеолошките противречности со цел да го обноват стопанството и да спречат народот да се крене против нив.

На пример, житарките кои би му останале по плаќањето на данокот селанецот морал да ги продаде. А, тоа бил силен потстрек за развој на производството.

Декретот за комплетна национализација на индустријата е исто така укинат. Приватникот можел да поседува мали претпријатија, да привлекува странски капитал, да изнајмува големи претпријатија од државата или на државата да ѝ издава сопствени објекти. Претприемачот вкупно можел да вработи до 100 работници. Наместо плаќање во натура, работниците повторно добивале пари. Поради тоа болшевиците дури и го обновиле банкарскиот систем. Практиката за беспарична размена во натура меѓу градовите и селата исто така била заменета со пазарни односи. Таканаречените „непмани“ интензивно се занимавале со препродажба на селски производи во градовите и со индустриски производи во селата.

Освен тоа, многумина занаетчии се здружувале во здруженија што ги нарекувале „артељи“. Тие биле подвижници на стопанството долга низа години.

Што беше тоа „артељ“?

Артељ беше група индивидуални занаетчии кои со заеднички напори сакаа да го покријат поголемиот дел од пазарот. „Артељите во тоа време ги созадаваа ентузијасти и оние што имаа чувство за пари. А, новата власт ги поддржуваше овие потфати зашто тие на земјата ѝ обезбедуваа стоки и услуги, а исто така вработуваа луѓе што тешко можат да најдат работа во државните организации“, вели истражувачот на советската индустрија Александар Хрисанов.

Имотот на артељите се користел заеднички. „Ако, на пример, артељ основале столари, секој доаѓал со своја пила и со свој чекан. Доколку им била потребна сложена опрема, ја набавувале со помош на банкарски кредити. Заработените пари се делеле на заеднички состанок, висината на заработката не била ограничена“, објаснува Хрисанов.

За приватниците сето тоа завршило на 11 октомври 1931 година со указ со кој се забранува приватната трговија. Но, овој закон не се однесувал на артељите.

Кој управувал со бизнисот во СССР?

Кон крајот со дваесеттите години земјата прогласила индустријализација, развој на индустриските претпријатија. Порастот на капиталот на приватниците кој зајакнал во советскиот систем нанесувал повеќе штета од корист. Меѓутоа, артељите се вклопувале во курсот на социјализацијата. Државата одлучила да ги земе под своја контрола.

„Сите артељи морале да стапат во професионални сојузи, да предаваат финансиски извештаи и да исплаќаат плата според правилник. Поголемите колективи во својот состав биле должни да организираат комсомолска и партиска организација“, вели Хрисанов. Со овие артељи управувале луѓе отстрана, чиновници од партиско-стопанското раководство.

До почетокот на педесеттите години од минатиот век во СССР имало 12.660 артељи. Но, за нив не би можеле да кажеме дека ги претставувале приватниот бизнис. Државата ги утврдувала ценити на производите и им давала план: какви производи и во кое количество треба да се произведе. На пример во 1941 година партијата одлучила дека производите на артељите не треба да бидат поскапи од државните за повеќе од 10%. А, во воено време донесени се цели шест одлуки за тоа колку треба да чинат дрвените лажици што артељите ги правеле за војската.

Што се случило со најуспешните?

Многу артељи под новите услови биле затворени, додека најуспешните занаетчиски здруженија советската власт ги претворала во државни претпријатија. „Во триесеттите и во четириесеттите години од минатиот век артељи останале само онаму кадешто државата дозволила тие да работат“, вели Хрисанов. „Постоеле некои сфери во кои не било исплатливо да се формираат државни организации. На пример, во театрите работеле артељи на гардероберот. А, имало и ситуации кога држава организирала цели фабрики по теркот на артељите“.

Овие артељи произведувале големо количество стока, вклучувајќи и технички сложена продукција. На пример, фабриката „Радист“, којашто произведувала советски телевизори, потекнала од артељ. Или артељот „Примус“ којшто произведувал автоматски пушки за фронтот, во 1944 година прераснал во фабрика, која потоа станала државна. Во текот на војната токму артељите го снабдувале фронтот: шиеле шинели, заштитни навлаки за авиони, произведувале муниција или стока за секојдневна употреба во заднината на фронтот. Фактички сите тие работеле по државна нарачка, дејствувале во сферата на услугите и се занимавале со најголемите „градежни проекти на комунизмот“. На државата ѝ давале 60% од профитот во вид на данок, а останатите 40% ги „реинвестирале“ во проширување на производството, наградување на работниците или подобрување на животните услови.

Како во СССР секој приватен бизнис бил забранет?

Но, дури и на успешните артељи не им било лесно. Тие биле „жртвени јарци“ на чиновниците од економскиот блок. Здруженијата обично наидувале на критика, дали поради неуспешната реализација на задачите од државата, слабиот квалитет или зашто не водат сметка за државните интереси. Притоа нивната работа постојано наидувала на нови пречки.

Еве како изгледала работата во еден артељ за шиење: „Баба ми кон крајот на четириесеттите години од минатиот век беше сметководител во еден артељ за шиење и многу ми раскажуваше за тоа како морале да се снаоѓаат за да набават ткаенини, конец и волна. Државата на артељите им давала дефицитарна стока која преостанувала кога сите останати биле намирени. Затоа дел од материјалот, често украден, го наоѓале на црниот пазар. Артељите доаѓале до готовина така што продавале нерегистрирана (оштетена или расходувана) стока на пазарите. Повремено претседателите на артељите завршувале во затвор поради тој 'приватен бизнис'“, се сеќава Хрисанов.

На крајот победила гледната точка според која артељите имаат на располагање премногу голем паричен фонд. Во 1960 година сите преостанати организации од овој тип (коишто не биле национализирани) биле забранети, со исклучок на оние коишто ги основале лица со инвалидитет и нивните старатели. Потоа во земјата следуваше стагнација и дефицит, што, меѓу другото, беше последица на укинувањето на артељите, со оглед на тоа што синџирите на производство беа уништени. Од тој момент во земјата постоеше само еден бизнисмен, а тоа беше државата.

Кога беше повторно легализиран приватниот бизнис?

За време на перестројката во осумдесеттите години од минатиот век на улиците се појавија препродавачи: владите од странците добиваа странска стока (цигари, беџови, пенкала, запалки, грамофонски плочи, фармерки итн.) во замена за советска вотка, кавијар и слично. На советските граѓани потоа оваа стока им ја продаваа на диво, по многу повисока цена од реалната. Често препродавачите заработуваа многу повеќе одошто нивните родители можеа да добијат за еден месец на работа. Овој нелегален бизнис стана можен поради отворената „железна завеса“, иако сепак беше незаконски.

Во 1986 година беше воведен закон според кој беше дозволен човек паралелно со државната работа да заработува со некоја дејност во слободното време. Но, оваа заработка требаше да биде заснована „исклучиво на лична работа на граѓаните и на нивните семејства“. Така во земјата стана можно држење приватни часови и приватно таксирање. Истовремено приватниците и понатаму беа третирани како класни непријатели. Дури од 26 мај 1988 година усвоен е закон кој им дозволува на приватниците да се занимаваат со секаков дозволен вид дејност, вклучувајќи и трговија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња