Како СССР тргувал со Западот „преку железната завеса“

Кира Лисицка (Photo: А. Грињко /ТАСС; Николај Гингазов, Сергеј Булавски/Global Look Press)
Обично се смета дека СССР долго бил изолиран зад „железната завеса“ и дека неговата економија функционирала независно од остатокот од светот. Вистинската состојба, меѓутоа, не била баш толку едноставна.

„Толку додатоци за вашите пари во Москвич со четири врати и опрема!“ – пишуваше во рекламата на советскиот автомобил „Москвич 408“ (односно Scaldia 408) во британското списание Autocar од јули 1968 година.

Без оглед на затегнатите односи и на Студената војна, СССР интензивно тргуваше со Западот. Покрај автомобилите, Советите успешно извезуваа и фототехника. Фотоапаратот „Зенит“ беше успешен во Велика Британија, САД, Фтанција и во други земји од Европа (под брендовите Cosmorex, Kalimar, Spiraflex и Phokina).

За волја на вистината, потрошувачката стока од Советскиот Сојуз во странство не беше многу барана. Сепак, главни производи од советскиот извоз беа нафтата и гасот. Договорот „гас во замена за цевки“ значеше почеток на долгогодишна енергетска соработка со Европа. СССР купуваше странска техника за изградба на големи железнички пруги и на водни канали.

Дали железната завеста воопшто постоеше?

Винстон Черчил во Фултон.

Изразот „железна завеса“ го употреби премиерот на Велика Британија Винстон Черчил во 1946 година во својот Фултонски говор со кој Западот практично му ја објави Студената војна на СССР. Советскиот Сојуз во 1949 година го основа Советот за заемна економска помош (СЕВ) за одржување тесни врски со пријателските земји во повоениот период, што беше своевиден пандан на Велика Британија, САД и нивните сојузници. Во тој Совет влегоа земјите од социјалистичкиот блок: Полска, Бугарија, Чехословачка, Унгарија, Романија и Албанија (до 1962 година), а подоцна се приклучија и Источна Германија, Монголија, Куба и Виетнам. СЕВ стана главен трговски партнер на СССР во втората половина на 20 век.

Членките на СЕВ од СССР купуваа гориво, и тоа по цени кои беа пониски од светските, а во СССР извезуваа машини, опрема, земјоделски производи, индустриска и потрошувачка стока. Според податоците од 1960 година, 58% од увезената роба во Советскиот Сојуз доаѓала од членовите на СЕВ, а извозот во оваа земја покривал 56% од вкупниот извоз на СССР.

Генералниот секретар на СССР Никита Хрушчов во 1956 година ја започна „десталинизацијата“ на земјата и тежнеењето кон „мирна коегзистенција“ со капиталистичкиот свет. Тој во 1959 година со голема советска делегација ги посети САД, каде се запозна со најновите технологии во различни сфери на стопанството. Некои од овие технологии подоцна беа реализирани во Советскиот Сојуз.

Никита Хрушчов и Розвел Гарст со клавчиња пченка за време на посетата на фирмата на Гарст во Кун Рапидс, Ајова, 1959.

Во 1964 година Хрушчов го замени Леонид Брежњев. Тој во следните дваесеттина години ги зачува цврстите односи со земјите од СЕВ и воедно ја продолжи политиката на попуштањето тензии со таканаречените индустриски развиени капиталистички земји (САД Франција, Шпанија, Италија, Јапонија, Западна Германија и други). СССР во 1975 година заедно со раководителите на 33 земји, меѓу кои беа и САД и Европа, го потпиша Завршниот акт на Советот за безбедност и соработка во Европа.

За волја на вистината, односите со САД повторно се вжештија по влегувањето на советските единици во Авганистан во 1979 година. Сепак, во 1986година 67% од вкупниот обем на надворешната трговија на Советскиот Сојуз ги покриваа социјалистичките земји (од кои 61% СЕВ), 22% од индустриски развиените капиталистички земји и 11% од земјите во развој. Приходите од извозот изнесуваа 1/5 од буџетот на земјата.

Што извезуваше СССР на Запад?

Советскиот премиер Хрушчов држи најлонска ќеса полна со јаболка во супермаркет во Сан Франциско на 21 септември 1959 година.

СССР во текот на седумдесеттите и на осумдесеттите години од минатиот век на Запад извезуваше гориво, односно нафта и природен гас. Економијата на европските земји во тоа време беше во експанзија, така што се чувствуваше потреба од енергенси.

Од 1970 до 1986 година обемот на извоз на гас на европскиот удел од 1% порасна на 15%. Советскиот Сојуз во 1970 година со Западна Германија потпиша договор за испорака на германски цевки со голем пречник и опрема за изградба на гасовод до Европа на СССР во замена за гас од западен Сибир. И покрај незадоволството на САД, овој договор беше еден од клучните на списокот долгогодишни договори за испорака на гас од Советскиот Сојуз потпишан со земјите од Западна Европа (Франција, Италија и Австрија). До 1970 година извозот на природен гас изнесуваше 3.3 милијарди кубни метри, а веќе во 1986 година обемот на извоз се искачи на 79,2 милијарди кубни метру, Уделот на извоз на горива и електрична енергија во 1986 година изнесуваше 47,3% од вкупниот извоз.

Извозот на СССР во 1986 година (во проценти):

- Гориво и електрична енергија - 47,3%

- Машини, опрема и транспортни средства - 15%

- Руди и концентрати, метали и метални производи - 8,4%

- Хемиски производи, ѓубрива и каучук - 3,5%

- Градежно дрво и целулозно-хартиени производи - 3,4%

- Индустриска стока за широка потрошувачка - 2,4%

- Текстилни суровини и полупроизводи - 1,4%

– Прехранбени производи и суровини за нивно производство - 1,6%

Друга важна ставка во извозот беа машините, опремата и транспортните средства. Нивниот удел во вкупниот извоз во 1986 година достигна 15%.

Манекенката Џули Дезмонд и Москвич-427 на саем на автомобили. Фотографија приближно од 1971 година.

На пример, патничкиот автомобил „Москвич“, направен во фабриката „МЗМА“ (подоцна „АЗЛК“) стана познат во Европа по успешното учество на меѓународните релија кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Го купуваа во Франција и во Велика Британија. „Москвич“ се составуваше и во претпријатија во Бугарија (под марката Rila) и во Белгија (под марката Scaldia).

Изградба на еден од деловите на гасоводот „Оренбург-Западна граница“ (сега „Сојуз“).

Извозот на советските транспортни средства и техника го доживеа својот врв во текот на осумдесеттите години од минатиот век. Така во 1986 година започна извоз на 306.000 патнички автомобили и на 38.000 камиони, 39.000 трактори и 2.919 автобуси.

На другите земји интензивно им се испорачуваше и воена техника. Од 1971 година па сѐ до распадот на СССР извезени се неколку десетина илјади единици воена техника (тенкови, авиони, хеликоптери итн.).

СССР на Запад извезуваше советска енергетска опрема за термоелектрани, хидроелектрани и нуклеарни реактори, а продаваше и лиценци за производство на турбини и генератори, како и проекти за електрани.

Британски бизнисмени, победници на натпреварување, разгледуваат фотоапарат „Зенит-6“, 17 мај 1968 година.

Уделот на останатата стока која во последната деценија СССР ја извезуваше во странство беше воочливо помал од споменатите категории, иако многумина странци со носталгија се сеќаваат на советските фотоапарати „Зенит“, на рачниот часовник „Пољот“ и на радиоприемникот „Микро“.

Што купуваше СССР од странство?

Според податоците од 1940 до 1986 година над 30% од вкупниот увоз во СССР беа машини, опрема и транспортни средства. Нивниот удел во 1986 година изнесуваше 40,7%.

Увоз во СССР во 1986. година (во проценти):

- машини, опрема и транспортни средства - 40,7%

- прехранбени производи и суровина за нивно производство - 17,1%

- индустриска стока за широка потрошувачка - 13,4%

- руди и концентрати, метали и метални производи - 8,3%

- хемиски производи, ѓубрива и каучук - 5,1%

- гориво и електрична енергија - 4,6%

- градежно дрво и целулозно-хартиени производи - 1,3%

- текстилна суровина и полупроизводи - 1,3%

Увоз на машини и опрема

СССР од странските партнери интензивно купуваше електротехника, енергетска и металуршка опрема. Покрај тоа, земјата извезуваше стругови, ковачки преси, вагони, камиони, пловила и уште многу други работи.

Во Советскиот Сојуз од 1945 до 1991 година беа увезени околу 500.000 возила. Камионите од странско производство како што се Tatra 111, Skoda-LIAZ, Mitsubishi-Fuso и Komatsu-Nissan можеа да се видат на најголемите градилишта во земјата (каналот Волга-Дон, Бајкалско-амурската железничка пруга).

Патничките автомобили, дури и од домашно производство, со години беа луксуз, додека во странските автомобили можеше да ужива само политичката елита и нејзиното опкружување. Од вкупниот увоз во 1986 година 3,5% беа товарни возила и гаражна опрема, а само 0,5% беа патнички автомобили, мотоцикли и скутери.

Како СССР, некогашниот увозник на пченица, почна да извезува жито?

Унгарска делегација на чело со министерот за земјоделство Иштван Георгиј на експерименталното поле на Краснодарскиот истражувачки институт за земјоделство.

На списокот увозна стока во СССР второто место го заземаа намирниците. Проблемите со намирниците настанаа по урбанизацијата и одливот на селското население во градовите. Во определени региони на почетокот на шеесеттите години од минатиот век беа воведени картички за храна, владееше кусок од месо, млеко, житарки и други намирници. Според зборникот „Народното стопанство на СССР за 70 години“ од шеесеттите до осумдесеттите години од минатиот век Советскиот Сојуз редовно купувал жито, чај, месо, бобинки, овошје и шеќер. И обемот на овој увоз постојано растел. На пример, во 1960 година биле увезени 66.000 тони место и месни производи, а во 1980 година над 900.000 тони од истата стока. Или, да кажеме, во 1960 година увезени се 335.000 тони овошје и бобинки, а во 1980 година 995.000 тони.

Кога станува збор за житото по Големата татковинска војна СССР ја обновил испораката на жито во Европа, така што во 1952 година овој извоз изнесувал 4,6 милиони тони годишно. Со желба да го зголеми обемот на садење, СССР започна да ги култивира необработените површини во Казахстан, но поради неповолната клима овој потфат не ги донесе очекуваните резултати.

Житото беше неопходно за жителите на огромната земја, а покрај тоа се извезуваше и во другите земји, но големи количества жито се трошеа и како сточна храна. Во СССР, имено, на сила беше програмата за зголемување на внатрешното производство на месо и млеко. Меѓутоа, за зголемување на приносот на жито не помогна ниту кампањата за одгледување пченка што генералниот секретар на СССР Никита Хрушчов ја започна по посетата на Америка, иако на сеидба беше потрошен дел од земјоделскиот буџет. На крајот во 1963 година СССР почна да увезува житарки за сточна храна од САД и од Канада. Така во 1972 година беа увезени 23 милиони тони, а во 1980 година 43 милиони тони жито.

Стока за широка потрошувачка

Редица пред продавницата „Колбаса

По смртта на Јосиф Сталин во СССР кон крајот на педесеттите години од минатиот век беше заземен политички курс насочен кон подигање на стандардот за живот на населението. Меѓутоа, советската стока за широка потрошувачка не беше доволна с сите.

На конгресот на КПСС во 1981 година беше констатирано дека „од година во година не се исполнуваат плановите за производство на многу артикли за широка потрошувачка, особено на ткаенини, трикотажа и кожни обувки“. Тогаш се произведувале 2,1 трикотажни производи и 3,2 пара обувки по глава на жител. За парите добиени од извоз на енергенси во земјата, меѓу другото, се увезуваа кожни обувки, ткаенини од памук и свила, и лекови.

Во врска со преселувањето на жителите од комуналните (заеднички) во сопствени станови, зголемена беше и побарувачката на мебел. Советските граѓани мечтаеја за чешки и за романски мебел. Во продавниците за мебел се правеа списоци на купувачи кои чекаат на ред за стока што не беше пристигната.

И покрај порастот на увозот на стока за широка потрошувачка последната деценија од постоењето на СССР во сеќавањето на многумина советски граѓани остана како период на дефицит.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња