Како Европа се „навлече“ на советски гас

Работници на гасоводот Оренбург, западна граница на СССР.

Работници на гасоводот Оренбург, западна граница на СССР.

Е. Котљаков/Sputnik
САД правеа сé што е во нивна моќ за да ја осуетат соработката меѓу Москва и европските земји во трговијата со гас. Меѓутоа, токму советскиот гас беше тој што придонесе за брзиот економски развој на Европа.

Првиот советски гас се појави во Европа веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Од 1946 година, помало количество од оваа суровина почна да пристигнува во Полска, а во текот на 1950-тите на Варшава ѝ се придружија и другите сојузнички на Москва во социјалистичкиот блок.

1960, гасовод Бухара, Урал

Улогата на СССР како гасна сила нагло се зголеми во 1960-тите, кога беа откриени и индустријализирани огромни наоѓалишта како Уренгојското во Западен Сибир. На запад тргнаа разгранети мрежи на цевководи со зголемен капацитет („Братство“), но на почетокот тие не излегуваа надвор од границите на Источниот блок.

Уренгојското гасно поле, 1978.

Во меѓувреме земјите од Западна Европа влегоа во период на бурен индустриски развој и беа крајно заинтересирани за евтината советска суровина. Европа виде во Москва далеку постабилен трговски партнер отколку во земјите од Блискиот Исток, каде ситуацијата во тоа време беше постојано турбулентна.

Заварување на цевки на гасоводот Оренбург, западна граница на СССР, 1976.

Политичките несогласувања меѓу Истокот и Западот беа сериозна пречка за развој на профитабилна економска соработка во купопродажбата на гас, и затоа Австрија, поради својот „неутрален“ статус, беше првата западноевропска земја со која Москва склучи договор.

Потпишување на договорот за испорака на природен гас од СССР за Австрија, 1968.

Во 1968 година советскиот „Сојузнефтеекспорт“ и австриската компанија Osterreichische Mineralolverwaltung OMV потпишаа договор за испорака на 142 милиони кубни метри гас годишно. Така беше скршен мразот и веќе наредната година, по Виена, Москва склучи договори со Италија и Франција.

Првиот гас во Баумгартен.

Западна Германија немаше доволно суровини за индустријата која интензивно се развиваше, па со текот на времето таа стана најважниот партнер на СССР во сферата на трговијата со гас. Според договорот за „гас-цевки“ склучен во 1970 година, западногерманските компании во замена за гас го снабдуваа СССР со челични цевки со голем дијаметар и висок квалитетни (кои во тоа време ги произведуваа само Германците и Јапонците). Од тие цевки се правеа токму гасоводите преку кои евтиното гориво пристигнуваше од Сибир.

Договор за испорака на советски природен гас за Германија, 1975 г. Природен гас, СССР, гасовод во Украина, зима.

Од првиот ден кога СССР влезе на пазарот на гас во Западна Европа, САД се обидуваа да го истиснат од тој пазар. Вашингтон ги предупредуваше своите европски сојузници дека на тој начин би можеле да станат зависни од советските енергенси и ги повикуваше да ја запрат економската експанзија на комунистите, ветувајќи дека повеќекратно ќе ги зголемува резервите на јаглен и предлагајќи им целосно да се префрлат на норвешкиот гас. Меѓутоа, Европејците сметаа дека сите тие алтернативи чинат многу и не можат да се реализираат.

15 јуни 1975 година, Советски Сојуз, Киев: на изградба на гасоводот во близина на градот Талное. Линијата „Пријателство“ беше централен младински проект на Слободната германска младина во 1970-тите.

Затоа Американците во 1981 година започнаа вистинска гасна војна против СССР, противејќи се на изградбата на гасоводот „Уренгој - Помари - Ужгород“. Тој гасовод го градеа советски стручњаци, но со пари од европски кредити. Беа планирани две линии со вкупен проток од 60 милијарди кубни метри годишно.

Демонстранти пред полскиот конзулат во Њујорк кои бараат ембарго на советскиот гасовод, 31 август 1982.

Америка воведе ембарго на испораката на своја опрема за нафта и гас на Советскиот Сојуз. Забраната важеше и за западноевропската и јапонската опрема во која се користеа американски технологии и компоненти. На крајот, наместо две, беше направена само една линија со капацитет од 32 милијарди кубни метри годишно.

Трасата за природен гас во близина на Городенка. Заварувач во акција. 1982/1983.

И покрај противењето на Вашингтон, испораката на советски природен гас во Европа за 20 години се зголеми 35 пати. На крајот на 1980-тите, веќе 15% од вкупниот гас што го трошеше Франција доаѓаше од СССР, а во Германија тој показател се искачи на 30%. Така, Советскиот Сојуз ѝ обезбеди на Европа брз економски раст, а во исто време и зависност од испораките на сибирски гас.

Јуриј Барановски (лево), директор за извоз на советскиот гас, и Клаус Лизен (десно) од Извршниот одбор на Ruhrgas AG го потпишаа на 20 ноември 1981 година договорот за испорака на советски гас во Германија.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња