За што се користи рускиот платен систем „Мир“?

Кирил Зиков / Агенција Москва
Картичките на платните системи Visa и Mastercard издадени од руски банки повеќе нема да функционираат во странство. Сега главен платен систем во земјата е домашниот проект „Мир“.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

Од 10 март се укинува плаќањето за стоки и услуги на странските интернет-платформи со картичките Visa и Mastercard издадени од руски банки (вклучувајќи ги и оние кои не се под санкции), како и подигање готовина од нив. Исто така, овие картички ќе престанат да работат во мобилните системи за плаќање Apple Pay, Samsung Pay и Google Pay.

Притоа во Русија на имателите на Visa и Mastercard картички средствата на нивните сметки и платежни трансакции им се достапни додека не истече важноста на картичката (во некои банки рокот е продолжен за неколку години или е направен да биде неограничен). Трансакциите со овие картички се обработуваат во Националниот систем за платежни картички и затоа не се засегнати со санкциите. Кога картичките ќе престанат да важат, банката автоматски ќе издава нови картички врз база на платниот систем „Мир“.

Што е тоа „Мир“? 

Во 2014 година, откако Русија го припои Крим, беше основан Националниот систем за платежни картички (НСПК) како оператор за картичките „Мир“. Основан е токму во случај меѓународните платни системи да престанат да функционираат. Уште тогаш државните организации постепено престанаа да ги користат Visa и Mastercard картичките. На картичките на системот „Мир“ почнаа да се исплаќаат пензиите, социјалните давачки и платите на вработените во државните установи и организации.

Според податоците на НСКП, летото 2021 година над 50% од руските граѓани имаа барем една картичка „Мир“. До крајот на третиот квартал од 2021 година таа покриваше 25,2% од вкупните трансакции во земјата, а издадени се вкупно 112 милиони картички.

Каде примаат банкарски картички „Мир“?

Руските граѓани можат да ги користат националните платежни картички „Мир“ и во странство, во земјите каде што се прифатени овие картички. Во моментов има 10 такви земји:

  1. Турција 
  2. Виетнам
  3. Ерменија
  4. Белорусија
  5. Казахстан
  6. Киргистан
  7. Таџикистан
  8. Узбекистан
  9. Јужна Осетија
  10. Абхазија 

Исто така, на сајтот на банката „Тинкоф“ е објавена информација дека употребата на картички се тестира во Обединетите Арапски Емирати, Јужна Кореја и Велика Британија.

Условите за подигање готовина во светот треба да се проверат во банката што ја издала картичката. На пример, од картичката „Мир“ во банката „Тинкоф“ може да се подигнат до 500000 рубли (3950 евра) без провизија на банкоматите на банката „Тинкоф“ и од 3000 до 100000 рубли (од 23 до 790 евра) на други банкомати ширум светот.

Картичката „Мир“ може да се користи за Apple Pay и Samsung Pay. Има и сопствен мобилен паричник: Mir Pay. Достапен е на паметни телефони со оперативен систем Андроид (од верзијата 6.0) со поддршка за NFC.

Како Русите ќе реализираат плаќања во други земји

За плаќање и подигање готовина надвор од Русија (во земјите каде што картичките „Мир“ не функционираат), руските граѓани ќе мораат да отворат кобеџинг или заедничка картичка. Трансакциите преку таквата картичка се обработуваат ту од едниот, ту од другиот платен систем, во зависност од земјата во која се врши трансакцијата. Притоа нема потреба од отворање дополнителна сметка во странска валута. Потребниот износ се конвертира во моментот на плаќање или исплатата.

НСПК им препорачува на руските граѓани за плаќање и подигање готовина во странство да отворат кобеџинг картичка „Мир“ -UnionPay, која може да се користи и во Русија и во 180 земји кои соработуваат со Union Pay.

UnionPay е национален платен систем на Кина, а од 2005 година се стекна со меѓународен статус. Во однос на обемот на трансакции што ги обработува, тој од 2015 година ги надмина Visa и Mastercard поради големиот домашен пазар, каде што практично не се застапени странските платни системи.

Кобеџинг картичките врз основа на Union Pay веќе се издаваат од регионалните банки на Далечниот Исток за руски клиенти кои често ја посетуваат Кина. Во други региони на земјата, такви картички може да се добијат во банките „Гаспробанк“, „Росељхозбанк“ и некои други. И најголемите банки во Русија планираат наскоро да започнат со издавање кобеџинг картички. 

Дали се можни проблеми со плаќањето преку картичката Мир-UnionPay?

До 2020 година ширењето на кинескиот платен систем беше врзано за центрите кои се привлечни за кинеските туристи. Според податоците на UnionPay, картичките ги примаат во 180 земји низ светот. Но, во таа бројка има измама. Додека во Азија покриеноста на UnionPay е добра, во некои земји во други делови на светот системот може да биде поддржан од една банка или само една продавница во целата земја.

Исто така, останува отворено прашањето дали е исклучена можноста за селективно исклучување на заеднички кобеџинг картички издадени од руски банки, врз основа на BIN-бројот (првите четири цифри од картичката кои служат за идентификација на банката).

Може ли странец да добие картичка „Мир“? 

За странците ограничувањата што се однесуваат на Visa и Mastercard значат дека нема да можат да плаќаат во Русија со картички издадени во странство.

Странците можат да отворат дебитна картичка „Мир“ за плаќање во Русија. Тоа можат да го направат во една од 158 банки чиј целосен список се наоѓа на веб-страницата на НСКП. На пример, во „Сбербанк“ оваа опција е достапна онлајн. Потребно е да пополните пријава на сајтот или во банката, да ги наведе мејлот и телефонскиот број на кој ќе пристигне потврдата дека картичката е готова, како и да ја изберете експозитурата во која планирате да ја подигнете. Исто така е можно да добиете картичка во виртуелна форма (без пластична картичка).

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња