Жаргонот на руските инвеститори: Virgin Galactic, Macy's и други популарни акции имаат свои прекари

Кира Лисицка (Photo: Shapecharge/Getty Images, Pixabay, Unsplash)
Кога руските инвеститори разговараат на социјалните мрежи за пазарот на хартии од вредност, тие често споменуваат некаков „лос“ што треба да го „заколат“, некакви „ракети“ и скратени машки и женски имиња.

„Деца, што е денеска со Федја (Фјодор)?“

„Се надевам дека е ракета!“

„А како е Гаља (Галина)?“

„Коли го лосот додека не е доцна. Подобро обрни внимание на Зинка (Зинаида)!“

Сличен дијалог на руските инвеститори често може да се види на социјалните мрежи пред почетокот на трговската сесија.

Од 2019 година, бројот на приватни инвеститори во Русија расте. Бројот на брокерски сметки на Московската берза, најголемата берза на хартии од вредност во РФ, до третиот квартал на 2021 година се зголеми речиси за четири пати и брои преку 15 милиони.

На наглиот прилив на инвеститори влијаеја неколку фактори:

  • банкарските депозити повеќе не се толку поволни,
  • брокерските организации и банките посветија поголемо внимание на рекламата,
  • економски активното население има повеќе слободно време за време на пандемијата.

Инвеститорите купуваат акции и други финансиски инструменти, но истовремено бурно дискутираат за сето тоа на социјалните мрежи, и тоа користејќи нов жаргон.

На кои американски акции им се даваат женски имиња?

Една од најактуелните теми на рускиот пазар се хартиите од вредност на Virgin Galactic, американска компанија која планира да организира туристички летови во вселената и да лансира вештачки сателити. Разговорите на оваа тема беа особено актуелни летово во пресрет на летот на Ричард Бренсон. Руските инвеститори ја нарекуваат таа компанија Гаља или Галина.

Сер Ричард Бренсон од прозорец на репликата на вселенскиот брод на Virgin Galactic, за која компанијата вели дека ќе биде прва комерцијална вселенска линија на светот. Меѓународен воздухопловен саем во Фарнборо, 11 јули 2012 година. Бренсон го откри и планот за лансирање мали сателити во вселената.

Зошто инвеститорите ја нарекуваат така Virgin Galactic и зошто воопшто на акциите им даваат човечки имиња? Пред сé,  не е згодно да го менувате јазикот на тастатурата кога треба брзо да напишете порака. Многу е полесно да се напише „Гаља“, поради сличноста на гласовите во зборот Galactic. Второ, кога инвеститорот „влегува во акција со цела плескавица“ (и тоа е израз на инвеститорскиот жаргон), т.е. кога ќе ги вложи сите или поголемиот дел од парите во неа (а токму тоа најчесто го прават новите инвеститори), тогаш таа акција му станува многу блиска, како да му е „родна“, па мора да има и разбирливо име.

Женско име доби и миленикот на шпекулантите, малата фармацевтска компанија Zynerba Pharmaceuticals Inc. Името Зина (полно име Зинаида) е дадено веројатно поради берзанскиот симбол ZYNE. За волја на вистината, „Зина“ може да биде и производителот на медицинска опрема Zynex Medical.

И третото женско име е Масја, кое наликува на Macy's, американската малопродажна мрежа. На руски, Масја е скратено нагалено име за луѓето чиишто имиња започнуваат на слогот „Ма“ (Марија, Максим), а така може нежно да им се обратите и на дете (што е скратено од зборот „масенький“, односно „маленький“ – мак. ситен, малечок), на сакана личност, па дури и на мачка.

„Мажишта“: FedEx, Nasdaq и S&P 500

Во ова женско друштво има и еден маж по име Федја (Фјодор). Се работи за службата за испорака FedEx Corporation.

Инвеститорите најмногу се плашат од доаѓањето на страшниот чичко Коља (Николај), кој има дури и „полно име“: Коља Моржов. Името доаѓа од англискиот термин „Margin Call“ и не ветува ништо добро за инвеститорите. Напротив, тоа повлекува принудно затворање на непрофитабилните позиции во трговијата со заеми.

Патем, во жаргонот на руските инвеститори, загубите се нарекуваат „лос“, како на англиски loss, освен што Русите го имаат на ум животното. „Да се заколи лосот“ значи да се затвори непрофитабилна позиција.

И на американската берза, специјализирана за акции во високотехнолошки компании, руските инвеститори ѝ најдоа прекар кој наликува на оригиналниот назив. Така, Nasdaq во нивните кругови се нарекува „Наждак“, со тоа што се има предвид абразивниот материјал што се користи за брусење. Берзанскиот индекс на хартии од вредност S&P 500 опфаќа околу 500 компании на американската берза кои имаат најголема капитализација. Нему му е даден прекарот „Си-пи“ или „сиплый“, што значи „рапав“.

Сигурно и вие имате обичај да им давате прекари на вашите омилени акции, нели?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња