Градските власти на Москва се откажуваат од мигрантите-градежници?

Konstantin Kokoshkin/Global Look Press
Градските власти во Москва најавија план за решавање на недостигот од градежни работници без привлекување мигранти.

Ова го изјави заменик-градоначалникот за урбанизам и градежништво Андреј Бочкарјов. 

Според него, недостигот од работни ресурси, кој достигна четириесет проценти, се појавил поради зголемувањето на обемот на изградба во рамките на програмата за реновирање и враќање во татковината на бројните работни мигранти поради пандемијата.

Покрај тоа, заменик-градоначалникот ја истакна и промената во националниот состав на работниците. И додека претходно најмногу имаше емигранти од Таџикистан, сега тие доаѓаат од Узбекистан и Киргизија. Тој рече и дека платата на печалбарите е променета и дека сега изнесува меѓу 50 и 60 илјади рубли месечно или од 600 до 740 евра.

„А беше 30 илјади (370 евра). Но, многумина веќе не сакаат да работат ни за 80 илјади“, рече Бочкарјов.

Според заменик-градоначалникот, во градежниот процес треба да се вклучат три пати помалку луѓе отколку што се користи денес, додека платата треба да се зголеми двојно или тројно. За да се реализира таа цел тој повика на поактивна примена на технолошки решенија.

„На пример, кога станува збор за малтерисување ѕидови, може да се постават четворица работници, а може да се постави и една машина што го нанесува малтерот на ѕидот“, рече тој.

Бочкарјов ја истакна и неопходноста од зголемување на квалитетот на образованието. Тој рече дека досега акцентот повеќе одеше на обуката на инженери, додека на методите на управување со градилиште се посветува само десет до петнаесет отсто од времето.

Руската влада претходно утврди пилот-проект за привлекување десет илјади граѓани на Узбекистан во Русија, вакцинирани против вирусната инфекција Ковид-19, за градежни работи.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња