Русија сé уште има добри шанси да ја задржи водечката позиција во извозот на пченица

Nikolay Gyngazov/Global Look Press
Руската пченица поскапе на странските пазари и ја достигна максималната цена во последните седум години. Поради тоа, извозните испораки се загрозени, а приходот на рускиот буџет е доведен во прашање. Имено, на последниот тендер Египет купи од Украина четири пати повеќе пченица отколку од Русија. Дали Русија ќе ја задржи водечката позиција во извозот на пченица што ја имаше последниве пет години?

Извозните цени на руската пченица (со удел на протеини од 12,5%) изминатата недела го достигнаа максимумот во последните седум години со цена од 303 долари по тон, соопшти аналитичката компанија „Совекон“. За една недела, цената порасна за 2 долари. Ваквите цени ја прават руската пченица помалку конкурентна на странските пазари. Поради тоа постои опасност од намалување на извозот на пченица. Притоа рускиот буџет последниве години пристојно заработуваше од житото, во кое спаѓа и пченицата. Имено, во 2019 година Русија од пченица заработи дури и повеќе отколку од оружје: 25,5 милијарди долари.

„Житото стана значаен извор на приходи за рускиот буџет и дури и делумно го компензира намалувањето на приходите од извозот на нафта. Последниве пет години Русија беше лидер во извозот на пченица, обезбедувајќи една петтина од светскиот пазар “, објаснува професорката на Катедрата за трговска политика на Рускиот економски универзитет „Плеханов“ Маиса Сејфулаева.

Меѓутоа, сите овие успеси сега се загрозени. Пченицата од Украина и Романија сега се продава подобро, бидејќи руската пченица е поскапа. Вредноста на нашата култура расте поради стравот од слаба жетва во Русија, како и поради воведувањето извозна царина од страна на властите.

Што се однесува до извозната царина за пченица, властите прво ја воведоа од 15 февруари до крајот на јуни 2021 година, со цел да се спречи скок на цените на брашното, лебот и макароните. Но, потоа не само што ја продолжија оваа мерка, туку беше зголемена и царината. Се очекува од 15 до 21 септември царината за извоз на пченица да порасне од 46,5 на 52,6 долари по тон. Додека во втората половина на септември би можела да достигне и 70 долари за тон. Последниве неколку години богатите приноси ѝ овозможија на Русија да не воведува ограничувања за извозот на жито. Но, со оглед на приносите од 2020 година, се појави овој проблем.

Конкуренцијата, од друга страна, нема таков проблем. Украина има рекордни приноси. „Совекон“ ги проценува на 31,6 милиони тони, што е за 7 милиони тони повеќе од претходната година.

Сепак, колебањето на цените има сезонски карактер и не претставува сериозна закана за рускиот извоз, смета експертот. Русија сé уште има добри шанси да ја задржи водечката позиција во извозот на пченица.

Додека Украина во долгорочна перспектива би можела да се соочи со сериозни проблеми кога станува збор за приносите на жито. „Глобалните климатски промени сериозно ќе влијаат на земјоделството на Украина. Некои реномирани стручњаци проценуваат дека во текот на следната деценија во Украина ќе дојде до проширување на постојната сува јужна климатска зона за 150-200 километри кон север. И тој климатски тренд ќе ја зафати не само Украина, туку и Романија“, заклучува Сејфулаева.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња