„Гаспром“ соопшти дека „Северен тек 2“ влезе во финалната фаза на реализација

Максим Шеметов/Reuters
При крајот на јули беше соопштено дека се изградени 99% од гасоводот.

Проектот „Северен тек 2“ влезе во завршната фаза на реализација, се вели во соопштението на „Гаспром“. Реализацијата на проектот во текот на средбата на 27 август беше оценета од првиот човек на „Гаспром“ Алексеј Милер и шефот на австриската компанија OMV Рајнер Зеле.

„Истакнато е дека рускиот гас успешно се извезува во Австрија повеќе од половина век. Вкупниот обем на испораките од 1968 година надмина 260 милијарди кубни метри. Посебно внимание е посветено на проектот „Северен тек 2“, кој влезе во финалната фаза на реализација“, се наведува во соопштението.

Средбата се одржа во Санкт Петербург. Беше разгледана и темата за успешна соработка во проектот за индустријализација на Јужно-руското наоѓалиште.

Претходно „Гаспром“ соопшти дека преку гасоводот „Северен тек 2“ во тековната година може да бидат испорачани 5,6 милијарди кубни метри гас.

Кон крајот на јули медиумите јавија дека 99% од „Северен тек 2“ се завршени и дека бродот за поставување цевки на морското дно „Фортуна“ продолжува со работа на последната делница. Првата линија на цевководот беше завршена во јуни оваа година. Претседателот на РФ Владимир Путин на 20 август изјави дека изградбата на гасоводот е при крај и дека се останати уште 15 километри од морската делница.

„Северен тек 2“ подразбира изградба на две линии гасовод со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно, од брегот на Русија преку Балтичкото Море до Германија. Работите беа привремено прекинати во декември 2019 година, кога швајцарската компанија Allseas се откажа од поставувањето цевки поради заканите од воведување американски санкции. Изградбата на гасоводот беше обновена во декември 2020 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња