Завршен мостот преку реката Амур: Пруга ги спои Русија и Кина

skmost.ru
На првиот железнички мост што ги поврзува Русија и Кина штотуку беа споени шините од двата правци.

Поставувањето пруга на мостот преку реката Амур што ги спојува Русија и Кина штотуку беше завршено. Градителите денеска ги споија руската и кинеската делница, пишува руската новинска агенција повикувајќи се на Централната телевизија на Кина.

Преминот Нижнеленинское-Тонгѓијанг ќе биде првиот железнички мост меѓу двете земји. Од 2,2 километри вкупна должина, на руската страна отпаѓаат 309 метри.

Проектираната брзина на движење изнесува 100 км/ч, а пропусната моќ 21 милион тони годишно. Русија планира преку мостот во Кина да испорачува железна руда, јаглен, минерални ѓубрива и дрво.

Мостот е предвиден за наизменичен премин на возовите по пругата со колосеци во два стандарди – кинескиот со ширина 1435 и рускиот со ширина 1520 мм. Губернаторот на рускиот Еврејски автономен округ Ростислав Голдштејн навести уште во февруари дека пробната композиција би можела да помине преку мостот во август.

Првиот друмски мост што ги спојува Русија и Кина, односно рускиот Благовешченск и кинескиот град Хејхе, доби дозвола за користење од руското Министерство за градежништво минатата година.

Се претпоставува дека по укинувањето на ограничувањата воведени поради пандемијата на новиот коронавирус преку мостот годишно ќе поминуваат три милиони луѓе и ќе бидат превезени шест милиони тони товар.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња