Русија оствари рекорден извоз на прехранбени производи

Николај Гингазов/Global Look Press
Во Русија минатата година е забележан рекорден извоз на агроиндустриски производи во современата историја. Во странство се испорачани 79 милиони тони земјоделски и прехранбени производи во вредност од 30,7 милијарди долари, што е за 20 проценти повеќе во споредба со 2019 година, соопштуваат од центарот „Агроескпорт“ при Министерството за земјоделство на РФ.

Според Андреј Сизов, директор на аналитичкиот центар „Совекон“, Русија минатата година, исто така, првпат во постсоветската историја, стана нето-извозник, што значи дека повеќе извезла отколку што увезла  храна. Увозот на прехранбени производи и земјоделски суровини минатата година, според податоците на „Росстат“, на кои се повикува Сизов, изнесувал околу 29,7 милијарди долари, односно милијарда долари помалку од извозот, пишува РБК.

Руски прехранбени производи минатата година купувале 150 земји. Најголем увозник останува Кина, на која отпаѓаат 13 отсто од вкупниот извоз, на второ место е Турција со удел од 10 отсто, а на трето место е Казахстан (7%).

Министерството за земјоделство на РФ го објаснува рекордниот извоз со фактот дека во 2020 година домашниот агроиндустриски комплекс, без оглед на пандемијата и неповолните временски услови, покажа „високо темпо на развој“ во сите клучни насоки. Остварени се рекордни приноси на маслодајна репка, ориз и хелда, еден од највисоките приноси на жито, а зголемено е и производството на добиток и живина, млеко, како и производи од прехранбената индустрија. Затоа домашниот пазар беше целосно обезбеден со неопходните производи, што овозможи „ефикасно зголемување“ на испораките на храна во странство, а поволната пазарна конјунктура значително ги зголеми приходите од извоз на Русија. На извозот влијаеше и фактот што поради пандемијата многу земји го зголемија обемот на купување на агроиндустриски производи, создавајќи значителни залихи.

Главен дел на извозот традиционално го сочинуваат житарките. Во 2020 година уделот на житарките во извозот беше 33% од сите испораки на прехранбени и земјоделски производи. Истовремено извозот на масла и масти порасна за 12 проценти и достигна 8,1 милиони тони, или изразено во пари, зголемен е за 22 проценти, односно достигна пет милијарди долари. Најбрзо темпо на раст минатата година забележа извозот на месо, кој е зголемен за 53 проценти на 525 илјади тони, или изразено во пари за 49 проценти, достигнувајќи 887 милиони долари. Во голема мера придонесе за тоа отворањето на кинескиот пазар за руското месо од живина и говедското месо.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња