Русија сé повеќе извезува роба која не спаѓа во суровини и енергенси

Reuters
Русија во 2020 година извезла несуровински и неенергетски производи во вредност од 161,3 милијарди долари, што е речиси 4% во споредба со показателот за 2019 година, соопшти Вероника Никишина, генерален директор на Рускиот центар за извоз (РЦИ).

„И покрај сите тешкотии, минатата година беше забележан рекорд во извозот на руска несуровинска неенергетска роба. Во 2020 година го достигнавме психолошкиот праг од 161,3 милијарди долари извезени артикли, што е повеќе отколку во 2018 година (154,3 милијарди долари) и 2019 година (155,1 милијарди долари)“, ја пренесува агенцијата ТАСС  изјавата на Никишина.

Според податоците што ги изнесува Рускиот центар за извоз (РЦИ), основниот дел од структурата на несуровинскиот неенергетски извоз го сочинуваат производи на металната индустрија (20,8%), машиноградбата (17,7%), прехранбениот сектор ( 17,3%) и хемиската индустрија (16%). Во агро-индустрискиот сектор најголем раст забележаа извозниците на пченица (извозот е зголемен за 1,8 милијарди долари) и сончогледово масло (извозот зголемен за 600 милиони американски долари). Од РЦИ нагласуваат дека руските земјоделци во 2020 година оствариле приноси од 133 милиони тони жито, што е втор резултат во историјата на Русија. Притоа треба да се има на ум дека снабдувањето со намирници беше отежнато поради пандемијата и бројните забрани и ограничувања, што придонесе за зголемување на извозот.

Уште еден клучен сегмент беше извозот на полиетилен, кој е зголемен за 449 милиони долари во споредба со 2019 година. Од Рускиот центар за извоз посочуваат дека поради пандемијата на коронавирусот е зголемена побарувачката за лекови, хартиена и пластична амбалажа и пакувања, заштитни средства и медицински апарати, а руските производители исто така го извезувале тоа.

Најмногу роба што не спаѓа во суровинскиот и енергетскиот сектор била извезена во Кина (16,369 милијарди долари), Казахстан (12,284 милијарди долари), Белорусија (9,368 милијарди долари), Турција (8,148 милијарди долари) и Холандија (6,237 милијарди долари).

Според податоците на РЦИ, Русија го достигнала максималниот показател на несуровински неенергетски извоз во декември 2020 година, кога е извезена роба во вредност од 18,8 милијарди долари, што е апсолутен месечен рекорд. Претходниот рекорд беше забележан во декември 2017 година и изнесуваше 17,9 милијарди долари.

Рускиот центар за извоз потсетува дека во склоп на националниот проект „Меѓународна соработка и извоз“ е формулирана национална цел за развој на извозна конкурентност, а тоа е вредноста на несуровинскиот и неенергетскиот извоз до 2030 година да достигне раст од 70%.

Во декември рускиот премиер Михаил Мишустин на форумот „Произведено во Русија - 2020 година“ потсети на целта поставена од претседателот Владимир Путин - до 2030 година да се забележи раст на извозот на несуровинска неенергетска роба во вредност од најмалку 70% во споредба со показателот од 2020 година. За таа цел беше коригиран националниот проект „Меѓународна соработка и извоз“ и сега во него се попрецизно пропишани мерките кои ќе овозможат извозниот потенцијал на Русија максимално да дојде до израз, истакна премиерот.  

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња