Бројот на работни мигранти во Москва во 2020 година во споредба со минатата година е намален за 40 отсто. Ова го изјави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин во октомври 2020 година. Како што истакна тој, намалувањето на бројот на мигранти ќе влијае на пазарот на трудот, особено во комуналната сфера. Според него, тоа би можело да доведе до потешкотии во текот на зимата, во услови на зголемени снежни врнежи и оптоварување на овој сектор.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на РФ, бројот на странци работно ангажирани во Русија во септември 2020 година е намален за 22 отсто во споредба со истиот период лани. Бројот на мигранти во Русија изнесуваше 1,8 милиони луѓе наспроти 2,3 милиони пред една година. Исто така, бројот на мигранти е помал во сите категории. Според податоците од истиот извор, намален е бројот на важечки работни дозволи, а бројот на граѓани од земјите на Евроазиската економска унија кои работат во Русија опаднал за 26 отсто. На пазарот на трудот во Русија најмногу емигранти има од: Узбекистан, Таџикистан, Киргизија, Ерменија, Украина, Азербејџан, Казахстан, Кина, Молдавија, Белорусија, Виетнам и Турција.
Русија уште во март оваа година ги затвори своите граници поради пандемијата на новиот коронавирус. Влез во земјата им беше дозволен само на оние странци кои имаат блиски роднини, државјани на Русија, или во случај на вонредни околности. Поради блокадата на меѓународниот сообраќај, заминувањето на мигрантите во странство, исто така, не беше возможно. Така за осум месеци во 2020 година само 50 илјади граѓани на Таџикистан ја напуштиле Русија, додека во земјата, според податоците на амбасадата, се наоѓаат 700 илјади таџикистански граѓани. Во исто време околу 41 илјада луѓе заминале од Русија за Таџикистан во 2019 година. Односно, дури и за време на коронавирусот, бројот на таџикистански граѓани кои ја напуштиле Русија се зголемил благо.
Треба да се истакнат два проблема. Со оглед на затворањето на границите многумина мигранти не успеаја да стигнат на работа поради првиот бран епидемија, кој се совпадна со традиционалниот пик на миграција на работната рака, меѓутоа и бројот на работни места исто така опадна, изјави еден од раководителите на ИК „Финам“ Јарослав Кабаков.
Генерално забавувањето на темпото на раст на економијата и слабеењето на рубљата не им влеваше оптимизам на работните мигранти од кои многумина останаа без работа. Вториот есенски бран пандемија исто така не внесе стабилност во работните односи на мигрантите и бизнисот. Првите не се сигурни дека ќе добијат работно место и се обидуваат да заштедат без да се легализираат на пазарот на трудот, а бизнисот, од своја страна, исто така не покажува тенденција на рефлексија на реалната слика на ангажирањето мигранти.
Експертите инсистираат на тоа дека Москва реално не ја напуштиле толку многу мигранти.
Изгледа дека оваа цифра не е во целост точна, поради статистичката обработка поврзана со евиденцијата на мигрантите (внесувањето се смета, но не и бришењето од евиденција). „Се работи, во суштина, за тоа колку всушност мигранти се регистрирани“, вели Евгениј Варшавер, виш истражувач во Центарот за регионални студии и урбанизам на Институтот за применети економски истражувања на РАНХиГС.
Поради затворањето на границите многумина кои го планираа тоа едноставно не пристигнаа во Русија, додека оние кои одамна би заминале, напротив, останаа во оваа земја. Значи дека бројката е сепак поголема од 60 отсто на минатогодишниот показател.
Според мислењето на Јарослав Кабаков, цифрите кои зборуваат за намалување на приливот на мигранти за 40 отсто се значително зголемени и можат многу брзо да се поправат. Може со сигурност да се тврди дека со зголемената побарувачка на работни ресурси до која ќе дојде како што економијата ќе заздравува и ќе расте, приливот на мигранти во услови на отсуство на забрана за преминување на границата значително ќе се зголемува, вели експертот.
Последиците можат да се поделат на две групи, тие можат да бидат долгорочни и краткорочни. Во долгорочна перспектива може да се очекуваат позитивни резултати, затоа што работодавачите ќе бидат принудени да ги зголемуваат платите, технички да ги опремуваат работните места и слично, објаснува професорот на Катедрата за труд и социјална политика на Институтот за државна управа и администрација на РАНХиГС Александар Шчербаков. Тоа ќе овозможи зголемување на продуктивноста на трудот и ќе го зголеми квалитетот на производството, а економијата генерално ќе добие со тоа и ќе стане поконкурентна.
Меѓутоа, ако го земеме краткорочниот период, малите претпријатија и дел од средните и големите ќе се соочат со потешкотии поради недостиг на нискоквалификувана работна рака. Не е исклучено дека ќе бидат приморани да го намалат обемот на производство или дури да се повлечат од пазарот.
Особено сериозен дефицит на мигранти се чувствува во областа на градежништвото. Според податоците на ресорното министерство, недостигот на градежници од земјите во блиското соседство, односно од поранешните републики на СССР, е забележливо во поглед на роковите за завршување на изградбата. Покрај тоа, тоа може да го запре отворањето нови градилишта и причинува плаќање пенали на градежните компании.
Меѓутоа, има податоци според кои мигрантите веќе активно се враќаат на работните места. Обемот на парични трансакции од Русија во републиките на ЗНД е сериозно зголемен во третиот квартал на 2020 година и достигна 1,916 милијарди долари. Тоа е за третина повеќе од претходниот квартал, соопшти статистичката служба на Банката на Русија. До сериозен пораст на наведените трансакции дојде и кон земјите во странство. Тоа зборува дека мигрантите во Русија повторно работат интензивно и им праќаат пари на семејствата во своите татковини.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче