Уделот на трговските трансакции со примена на доларот во првиот квартал од 2020 година помеѓу Русија и Кина е намален на 46%, а пред само пет години изнесуваше 90%. Руската влада работи на дедоларизација на економијата уште од 2014 година кога против Русија беа воведени санкции поради соединувањето со Крим.
Меѓу две банкноти од пет рубли се гледаат очите на Џорџ Вашингтон на банкнотата од еден долар.
Getty ImagesЗабраната за користење на американската валута во меѓународните трансакции повеќе пати беше споменувана како една од можните мерки во пакетот санкции кои САД може да ги воведе за Русија. Со оглед на тоа дека американскиот долар зазема водечко место во светската трговија како платежно средство, и дека дури и исплатите во националните валути често се усогласуваат со курсот на доларот, ваквата мерка би значела блокада на целата руска трговија. Поради тоа со процесот на дедоларизација се занимаваат и други земји кои спроведуваат самостојна надворешна политика, вклучувајќи ги и Кина, Турција, Иран, Индија и Бразил.
„Сепак, очигледно е дека американскиот долар преовладува во поголемиот дел меѓународни трговски трансакции, така што процесот на дедоларизација ќе потрае“, вели Екатерина Новикова, доцент на катедрата за економска теорија на Рускиот економски универзитет „Плеханов“.
Русија мошне малку тргува со САД. Својата стока главно ја продава на Европската Унија и на Кина.
Новинари ја набљудуваат церемонијата во која Владимир Путин и Си Ѓинпин го пуштаат во работа цевководот „Силата на Сибир“ низ кој започнува испораката на рускиот природен гас за Кина. Москва, 2.12.2019 година.
Сергеј Мамонтов/Sputnik„Дедоларизацијата на руската економија во определена мера е неизбежен процес со оглед на тоа што прометот на стока помеѓу Русија и САД е релативно умерен, доколку се спореди со прометот што Руската Федерација го има со Европа и со Кина, а исто така треба да се земат предвид и тековните политички ризици“, истакнува Александар Абрамов, шеф на Лабораторијата за анализа на институциите и на финансискиот пазар на Институтот за применети економски истражувања на Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС).
Од друга страна, волатилноста (односно нестабилноста) на курсот на рубљата е знак на слабост на оваа валута во споредба со еврото или со јуанот, што резултира со низок удел во пресметките во рубли за време на трговските трансакции помеѓу Русија и нејзините клучни економски партнери. На пример, уделот на рубљата во трансакциите со Кина веќе неколку месеци изнесува само 7%.
Трансакциите исклучиво во рубли во овој момент не се можни, зашто волатилноста на оваа валута е премногу висока, а користењето деривати изискува дополнителни промени на законодавно ниво. Поради тоа долгорочен договор не може да се склопи во рубли. На пример, договорот за испорака на руски гас за Кина преку гасоводот „Силата на Сибир“ е склопен на триесет години.
Во рамките на меѓународната поделба на трудот сите пресметки на овој или на оној начин мораат да бидат врзани за некој еквивалент. Ако тоа не е доларот, тогаш се поставува прашањето што друго може да биде. На меѓународниот пазар најчесто како таков еквивалент се користи еврото, и поради тоа најголемата руска државна компанија „Роснефт“ сите свои договори ги префрли во таа валута.
Во скоро време веројатно нема да биде изводливо отфрлањето на доларот во меѓународните трансакции, но секако ќе има сè повеќе примери на премин на националните валути во билатералните трансакции.
Курсот на рубљата во однос на јуанот. Во крупен план е прикажана монета од една рубља и сто кинески јуани.
Getty ImagesРусија и Кина минатата година потпишаа меѓувладин договор за плаќање во национални валути. Постепено се намалува уделот на доларот во прометот со стоки помеѓу двете земји, па така во првиот квартал од 2020 година тој изнесуваше 46%, додека во 2015 година изнесуваше над 90%.
„Во структурата на резервите на светските централни банки, уделот на американскиот долар изнесуваше над 60%. Засега позициите на доларот во светската трговија и понатаму се доминантни“, вели Дмитриј Беденков, шеф на аналитичкиот оддел на инвестициската компанија „Русс-Инвест“. Над 60% од рускиот извоз и една третина од увозот се реализираат со помош на пресметки во долари. Договорите за извоз на нафта и гас се потпишуваат главно во долари. Една петина од депозитите на населението е номинирана во долари, иако овој процент од почетокот на годината опаѓа.
Од друга страна Централната банка на РФ доследно го намалува уделот на американскиот долар во своите резерви. Во април 2018 година, по новите остри санкции што САД ги воведе за Русија започна забрзано ослободување на резервите на Русија од американските државни обврзници. Тогаш руските инвестиции беа преполовени, односно од 96.1 милијарди американски долари се намалија на 48.7 милијарди долари, а во мај се намалија за трипати – на 14.9 милијарди долари. За споредба, американските државни обврзници во руските резерви најмногу беа застапени во 2013 година (пред настаните на Крим), и тогаш руските инвестиции во американските хартии од вредност изнесуваа 164.3 милијарди американски долари.
Користењето на доларот во трансакциите со земјите од Европа е наследено од периодот кога еврото не постоеше. Валутите на многу земји од сегашната Европска Унија (со исклучок на Германија) не беа доволно сигурни и ликвидни. Во такви услови користењето на американскиот долар беше сосема логично.
Рускиот брод „Академик Чарски“ за поставување на цевковод во германското пристаниште Мукран на островот Риген. Пристаништето Мукран е логистички центар на „Северен тек 2“, каде се чуваат цевките за изградба на нафтоводот.
Алексеј Витвицки/SputnikНо, оттогаш ситуацијата се смени. Владата на Русија уште во октомври 2018 година соопшти дека го разгледува прашањето за намалување на зависноста на руската економија од доларот, меѓу другото и по пат на стимулирање трансакции во националните валути. Во Министерството за финансии на РФ отворено беше речено дека Русија и Европската Унија имаат намера да ги отфрлат трансакциите во долари поради трговските несогласувања со САД. Во скоро време ќе биде формирана работна група која ќе се занимава со премин на трансакциите во националните валути.
Згора на тоа, пресврт во темата за воведување нови американски санкции против изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ од Русија во Германија во последно време дополнително ги поттикнува ваквите иницијативи. За првпат во поновата историја санкции можат да бидат воведени против една западноевропска земја, односно против Германија.
За порастот на стабилноста и предвидливоста на рубљата во голема мера придонесе преминот на слободен курс од 2014 година. Во тој момент овој премин предизвика девалвација на руската валута, која речиси двократно поевтини, но оттогаш купопродажбата на рубљата се одвива без мешање на Централната банка.
Руската рубља со графикон во позадина. Во крупен план е банкнота од илјада рубли.
Getty ImagesМеѓутоа, целосното отклонување на ризикот од ненадејна девалвација на рубљата е можно само доколку дојде до структурни промени во руската економија. Големи перспективи имаат трансакциите во Рубли со Кина и со земјите од Евроазиската економска унија.
Со Европа ваквите можности се помали зашто формирањето на цените на многу производи што Русија ги извезува во Европската Унија и понатаму се врзани за доларот.
Најголемиот пораст на удел во трансакциите во рубли во изминатава година е забележан во трговијата со Индија. Тој сега изнесува 77.8%, а пред една година изнесуваше само 35.8%.
Руската влада инсистира на тоа дека земјите од БРИКС токму со порастот на заемни трансакции во национални валути можат да ја намалат зависноста од политиката на САД, и дека Индија е вистински пример за тоа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче