Поларен хектар: Русите ќе можат бесплатно да добијат и парцела на Арктикот

commons.wikimedia.org/ CC BY-SA 3.0
Новиот нацрт-закон подготвен по налог на потпретседателот на владата Јуриј Трутнев ќе им овозможи на жителите на Русија бесплатно да добијат земјиште со површина до еден хектар во арктичката зона на РФ.

Земјата се дава на користење во временски период од пет години, по што треба да прејде во сопственост или да се изнајми на подолг рок. На земјиштето може да се изгради куќа за домување или да се започне која било стопанска дејност, вклучувајќи создавање стопанство, давање различни услуги, меѓу другото и туристички.

„Луѓето на Далечниот Исток на Русија земаат земја за да изградат куќи и да ги реализираат своите претприемнички идеи. Несомнено е дека тоа е актуелно и за жителите на арктичките територии, соодветни предлози добивме и од бројни други региони“, рече Трутнев, а пренесе службата за односи со јавноста на Министерството за развој на Далечниот Исток и Арктикот.

На руските граѓани ќе им биде на располагање само земјиштето на копнената територија на Арктикот, во Мурманската област, Ненецкиот автономен округ, Јамало-Ненецкиот автономен округ, како и 23 општински реони на Краснојарскиот крај, Архангелската област, република Коми и Карелија. На списокот не се наоѓаат Чукотскиот автономен округ ни арктичките општини на Јакутија.

Во првите шест месеци од реализацијата на новиот закон право на земјиште во регионот ќе имаат граѓаните пријавени во соодветните субјекти и општини. По истекот на тој период истата можност ќе ја имаат сите граѓани на РФ, како и вклучените во програмата за државна поддршка на доброволното преселување во татковината на сонародници кои живеат во странство.

Според мислењето на властите на арктичките региони сé поактуелна станува потребата за поедноставување на доделувањето земјиште, бидејќи до крајот на летото се очекува да стапат во сила законите за државна поддршка на претприемничката активност на Арктикот. Тоа ќе претставува поттик за локалното население да се занимава со претприемништво на свое земјиште.

Во арктичката зона на Русија живеат 2,5 милиони луѓе, притоа 90% живеат во големите градови. Иако многу од нив се намалуваат поради одливот на населението, основната инфраструктура останува.

Тоа е одлична можност за развој на околната индивидуална станбена изградба, наведува прес-службата на Министерството за развој на Далечниот Исток и Арктикот.  

За да не се донесува нов закон, се прибегна кон амандмани на федералниот закон за „далекоисточен хектар“. Меѓутоа, меѓу Далечниот Исток и Арктикот постојат битни разлики. На пример, арктичките региони се повикани да ги утврдат границите на доделуваните парцели така што одобрените територии можат да го опфатат подрачјето на градот.

На Далечниот Исток се формираат „тампон-зони“ во кои не може да се добие земјиште. Општо земено, на Арктикот токму властите на секој субјект, во договор со јавниот Совет на арктичката зона ќе одлучуваат кое земјиште ќе биде одредено за парцели.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња