Што продаде минатата година Русија од своето најмодерно вооружување и кому?

AFP
Русија го зазема второто место кога станува збор за извозот на вооружување и на воена техника на глобален план. Минатата година дури и една престижна членка на НАТО набави најсовремено руско вооружување, што претставува куриозитет од планетарни размери.

На почетокот на април рускиот претседател Владимир Путин ги сумираше резултатите од продажбата на вооружување и воена опрема кога станува збор за извозот. Како што изјави тој тогаш, Москва во 2019 година им испорачала на своите партнери вооружување и техника во износ од 15 милијарди американски долари. Вкупното портфолио на нарачките во април 2020 година изнесува над 55 милијарди американски долари, а за руското оружје се заинтересирани околу 100 земји ширум светот.

„Секако, нам во прилог секако ни оди успешното искуство од примената на нашето оружје во воените дејствија. Конкретно, тоа оружје одлично се покажа во Сирија. Неговата ефикасност, прецизност, сигурност и едноставност во ракувањето се квалитетите кои ја формираат побарувачката на светскиот пазар на вооружувањето“, забележа Путин.

Денес Русија го зазема второто место во светот според извозот на светскиот пазар на вооружување и воена Техника. На овој пазар најголема конкуренција се Соединетите Американски Држави. Но, и оваа ситуација полека се менува. Водечките руски извозници на оружје тврдат дека Русија сега ги зајакнува своите позиции и на пазарите каде до неодамна доминираше Вашингтон.

„Руските военоиндустриски претпријатија постојано ги прошируваат своите промотивни каталози со нови производи, како што се средства за противвоздушна одбрана (ПВО), лансирни ракети со повеќе цевки, борбени возила, средства за борба против беспилотни летала и уште многу други работи. Благодарение на овие напори, Русија во текот на изминатите години ги зацврсти своите позиции во југоисточна Азија, на Блискиот Исток и во Африка“, се вели во соопштението од државната корпорација „Ростех“.

Кој што има купено од Русија

Во последно време Москва има направено над 630 повеќенаменски ловци Су-30, како за руските Воздушно-космички сили, така и за армиите на Алжир, на Јемен, на Кина и на Индија.

Најголемата флота авиони Су-30 (над 300 апарати) отидоа во Индија. Покрај тоа, Њу Делхи во својот арсенал има 4 ескадрили од палубната верзија на ловецот МиГ-29К/КУБ (вкупно 41 летало). Овој авион толку им се допадна на Индијците, што во моментов раководствата на двете земји преговараат за забрзана испорака на уште 21 ваков ловец. Деталите од овој договор сè уште не се објавуваат.

Во исто време, Москва преговара за испорака на ловецот Су-35 од генерацијата 4++ за потребите на воените воздухопловства на НР Кина, на Египет, на Обединетите Арапски Емирати и на Турција.

Згора на тоа, Анкара минатата година беше еден од главниот купувачи на руско оружје. Турција (членка на НАТО и клучен купувач на американското оружје) стана еден од корисниците на напредните далекустрелни системи за противвоздушна одбрана С-400 „Триумф“, откако минатата година купи четири батерии од овие ракетни системи за ПВО во вредност од околу 2.5 милијарди американски долари.

Секоја батерија има по четири лансери со вкупно четири ракети. На тој начин една батерија има вкупно 16 проектили кои можат да се борат со ловци од петтата генерација и крстосувачки ракети на оддалеченост од 200 километри.

Тука не е вклучен резервниот борбен комплет ракети кој исто така е дел од договорот и кој може да се најде на бојното поле. Покрај тоа, договорот вклучува и неколку транспортни возила за полнење, радарски станици, командни центри и различни возила за логистика. Згора на тоа, турските „ракетари“ кои ќе ракуваат со овие системи во Русија ќе минат целосна обука за експлоатација на ПВО/ПРО С-400 „Триумф“.

Покрај тоа, Москва се обидува да тестира и друг традиционален американски партнер, Обединетите Арапски Емирати. Во првата деценија на 21 век оваа земја на почетокот купи над илјада руски леснооклопени борбени возила за пешадијата БМП-3. На изложбата за вооружување ИДЕКС 2019, Абу Даби потпиша договор за модернизација овие возила вреден 2.71 милион американски долари. Засега не е познато каков пакет модернизација ќе добијат овие средства.

Русија на Абу Даби му предложи и купување на најновиот артилериски систем за ПВО кој е ефикасен против нисколетечки воздушни цели, како што се беспилотните летала. Тој е составен од протриввоздушниот топ АУ-220 кој користи распрскувачки гранати со калибар од 57 милиметри. Благодарение на силата на оваа муниција, овој топ може да собори и оклопни воздушни летала (офанзивни и ударни хеликоптери – заб. прев.).

Исто така Москва и со Ирак склучи договор за испорака на тешки лансери за ракети со повеќе цевки ТОС-1А „Солнцепјок“, ударни хеликоптери Ми-28Н и Ми-35, хибридни ракетно-топовски системи за ПВО со краток дострел 96К6 „Панцир-С1“ и основни борбени тенкови Т-90. Проценето е дека целосната набавка е тешка 1.7 милијарди американски долари.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња