Како страдаат малиот и среден бизнис во Москва поради коронавирусот

Сергеј Фадејчев/TASS
Малиот и средниот бизнис веќе ги чувствуваат последиците од ширењето на COVID-19 во Русија, од намалувањето на побарувачката за стоки и услуги до прекин на увоз на стока од странство. Кои се главните предизвици во овој момент?

Од 16 март во Москва е забрането собирање на повеќе од 50 луѓе. Кој може, продолжи да работи од дома, а продавниците и рестораните разнесуваат храна по домовите како никогаш претходно.

Ги прашавме московските бизнисмени како се снаоѓаат засега.

„Времето е тешко за сите“

Промените дојдоа одеднаш, вели Џини Лиен Нго од Ханои, сопственичка на виетнамски ресторан во Москва. Кон средината на март луѓето нагло престанаа да одат во ресторани, како Русите, така и Виетнамците. „Се чинеше дека во Москва нема некакви големи промени. Преку викендите ресторанот обично беше полн, а сега имавме само неколкумина муштерии. Почнавме да подготвуваме храна за носење. Студентите од Виетнам сега не излегуваат, родителите исто така работат од дома. Тешко е сега за сите, а нашиот бизнис не е исклучок“, вели таа.

Нејзиниот ресторан се обидува да преживее со испорака на храна по домовите. „Следната недела и месец ќе бидат уште потешки додека сè не се врати во нормала. Можеме само да се надеваме дека сè ќе биде во ред“, вели Џини.

„Проблем е огромната кирија што ја плаќаме“

„Секој ден со страв го пресметуваме профитот, но, да бидам искрена, сè уште нема драстичен пад“, вели Саша Лам, сопственичка на слаткарница во Москва. „Ако дојде до проблеми подготвени сме да понудиме бесплатна испорака на храна по домовите. Плаќаме огромна кирија и ги исплаќаме работниците, како и претходно“.

Саша сепак се надева дека властите ќе преземат мери да му помогнат на малиот и на средниот бизнис околу големите кирии во Москва.

„Каде нема тешкотии, нема ни бизнис“

Дебеша Шарма од Сингапур се занимава со туристички бизнис, ги наоѓа најдобрите и најевтини понуди за патувања во Русија.

Во ваква ситуација ѝ останува што побргу да го стегне ременот.

„Ова е голем предизвик и за малиот бизнис и за големите компании. Всушност, мислам дека малите бизниси дури и полесно носат кардинални одлуки“, забележува таа.

Многу зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата.

„Треба да се сфати дека ова е вистински шок кој го опфаќа целиот економски систем, но онаму кадешто нема тешкотии, нема ни бизнис“, додава таа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња