Трошоците за експлоатација на нафта отсекогаш биле, како и денес, мошне ниски во арапските земји кои се членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), а тука спаѓаат и Саудиска Арабија, Ирак и Иран. Затоа некои членови на ОПЕК секогаш имаат можност да ја намалат и да ја зголемат цената на своите нафтени производи на светскиот пазар за влијание на светската економија. Саудиска Арабија, како несомнен лидер на ова поле, во минатото веќе ја има користено оваа можност. Во една пригода ваквата политика придонесе за колапсот на Советскиот Сојуз.
Сегашниот пад на цените не е ништо во споредба со ситуацијата од 1973 година. На 17 октомври таа година целата Организација арапски земји извознички на нафта (ОАПЕК) со поддршка на Египет и на Сирија ја запреа продажбата на нафта на земјите кои го поддржуваа Израел во Јомкипурската војна против Египет и Сирија. Тоа беа Канада, Јапонија, Холандија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави. Ембаргото беше проследено со постепено намалување на производството: до декември 1973 година производството на ОАПЕК изнесуваше само една четвртина од производството од септември истата година.
Оваа одлука на ОАПЕК предизвика глобална рецесија и економска криза. До крајот на ембаргото во 1874 година цената на нафтата скокна од 3 на 12 американски долари за барел.
Саудиските шеици брзо стекнаа големо богатство. Оваа ситуација поволно се одрази и на СССР кој го зголеми производството на нафта и на природен гас и набргу стана еден од лидерите.
За тоа време во Америка невработеноста се зголеми за двапати, а БДП падна на 6%. Но, Соединетите Американски Држави подготвија контраудар, вршејќи притисок врз Саудиска Арабија да дејствува во согласност со интересите на САД.
Во 1979 година Исламската револуција во Иран предизвика голем пад на производството на нафта во оваа земја, што доведе до понатамошен раст на цените. Во истата насока дејствуваше и војната помеѓу Иран и Ирак која започна во септември 1980 година. До почетокот на осумдесеттите години од минатиот век здружените напори на Америка и на другите развиени земји се исплатеа: цената на нафтата почна да паѓа поради прекумерното производство. Во 1981 година американската администрација ја запре државната контрола на цената на нафтата и на нафтените деривати, а во исто време ги намали и даноците. Од 1980 година натаму цените продолжија да паѓаат.
Во 1979 година Вилијам Кејси, тогашен директор на ЦИА, замина во Саудиска Арабија. Според Ричард Ален, советник за национална безбедност на Роналд Реган, Кејси со кралот Фад се договорил за она што ќе следува. Претходните шест години саудиската влада ја држеше цената на нафтата под контрола, полека зголемувајќи го обемот на производството, но по посетата на Кејси на Саудиска Арабија почна забрзано да го зголемува производството, иако цените и понатаму беа ниски!
За четири месеци саудиското производство од 2 милиони порасна на 10 милиони барели дневно, а цените паднаа од 32 на 10 американски долари за барел. За советската економија која веќе беше навикната на големи приходи од нафта, ова беше смртоносен удар. Само во 1986 година СССР изгуби над 20 милијарди американски долари (околу 7.5% од советскиот годишен прилив), а земјата веќе имаше дефицит во буџетот.
Меѓутоа, и економијата на Саудиска Арабија беше казнета поради ниските цени! Зошто тогаш го зголемија производството? Според мислењето на Ален, Кејси на шеиците им понудил финансиска помош во замена за овој потег. Ова се покажува со фактот дека во 1986 година 80% од саудиската нафта беше продадена преку американските компании Exxon, Mobil, Texaco и Chevron.
Советскиот Сојуз веднаш по нафтената криза 1985-1986 падна во рецесија. Тоа беше доволно за нездравата советска економија да доживее крах. Во 1986 година надворешниот долг на СССР изнесуваше околу 30 милијарди американски долари, а во 1989 година достигна до 50 милијарди.
Нафтената криза во голема мера придонесе за победа на Америка во студената војна против СССР зашто економската рецесија го принуди Михаил Горбачов да донесе непопуларни политички одлуки. До крајот на осумдесеттите години од минатиот век колапсот на Советскиот Сојуз беше неизбежен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче