Изградба на гасоводот „Северен тек 2“. Илустрација.
ReutersНа „Гаспром“ ќе му бидат воведени санкции доколку стави на располагање свој брод заради завршување на работите за изградба на гасоводот „Северен тек 2“, изјави за рускиот деловен весник „Взгљад“ експертот Михаил Крутихин. На тој начин тој ја коментираше информацијата за излегувањето од пристанишниот град на руското приморје Находка на бродот на „Гаспром“ за поставување цевки на морското дно „Академик Черски“, со чие ангажирање гасоводот „Северен тек 2“ би можел да биде завршен.
Според мислењето на партнерот на консултантската агенција RusEnergy Михаил Крутихин, постојат одредени технички пречки поврзани со овој брод, кој претходно би морал да биде реновиран. Имено, за да успешно го реализира завршувањето на работите над наведениот гасовод, потребно е да се оспособи бродот за поставување цевки со одреден пречник. Не ја исклучувам можноста да биде дограден во тој правец во Сингапур, рече експертот.
Бродот „Академик Черски“
Скриншот / YouTube / Федеральное агентство новостей. ФАН-ТВПретходно беше објавено дека бродот за поставување цевки на морското дно „Академик Черски“ вчера го напуштил пристаништето Находка и се упатил во Сингапур, каде што се очекува да пристигне на 22 февруари. За тоа посведочи и порталот Vesselfinder кој се занимава со следењето на таквите движења. Според пишувањето на руските медиуми, во Сингапур (каде што веќе беше доработуван во 2011 година) бродот би останал еден месец, а потоа би се упатил кон Балтикот, каде што би пристигнал на почетокот на мај, кога престануваат пролетните бури и кога климатските услови за изведување на работите се погодни. Министерот за енергетика на РФ Александар Новак изјави дека овој брод на „Гаспром“ е во состојба да ја заврши изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.
Крутихин истакнува дека порано постоеле планови за ремонт и модернизација на бродот за поставување цевки со одреден пречник за да може да работи на бреговите на Сахалин. Меѓутоа, за завршување на изградбата на „Северен тек 2“ тоа не е доволно, рече тој.
Покрај тоа, експертот претпоставува дека би можеле да се појават тешкотии од политички карактер. Бродот е официјално сопственост на „Гаспром“, во оперативна експлоатација на Гаспромовата филијала „Гаспром флот“. А тоа значи дека доколку компанијата го стави на располагање бродот за завршување на проектот „Северен тек 2“, автоматски ќе потпадне под санкциите предвидени со американскиот закон. Се поставува прашањето, што се вели, дали компанијата ќе се реши на таква авантура.
Кон крајот на минатата година претседателот на САД Доналд Трамп го потпиша воениот буџет за 2020 година со кој се предвидени санкции против „Северен тек 2“ и „Турски тек“. Бидејќи санкциите се однесуваат и на бродовите кои полагаат цевки на длабочини преку 30 метри, швајцарската компанија Allseas, главниот изведувач на работите, ја запре изградбата на „Северен тек 2“ во Данска, не завршувајќи 166 километри од планираните 2468. Поради недостиг на бродови кои се во состојба да го продолжат поставувањето на цевки на големи длабочини, завршетокот на работите е одложен. Германски „Ханделсблат“ повикувајќи се на дипломатски кругови во Вашингтон пишува дека американскиот Конгрес во текот на овој или наредниот месец би можел да усвои нов пакет санкции против „Северен тек 2“ насочен кон инвеститорите и компаниите кои би се снабдувале со гас од овој цевковод.
Изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ ќе биде завршена без оглед на евентуални нови санкции од страна на САД, изјави во интервју за новинската агенција РИА „Новости“ заменик-министерот за надворешни работи на РФ Александар Панкин. Русија го најави пуштањето во работа на гасоводот до крајот на оваа година. Германската канцеларка Ангела Меркел апелираше на завршување на работите за изградба на „Северен тек 2“.
Цевките на овој гасовод со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно поаѓаат од Русија и по дното на Балтичкото море водат до бреговите на Германија. Должината на цевководот е 1234 км (двата крака 2468 км). Гасоводот го сочинуваат пет делници - руска (118 км), финска (374 км), шведска (510 км), данска (147 км) и германска (85 км).
Оператор на проектот е компанијата „Nord Stream 2 AG“ чиј основач е „Гаспром“. Во проектот се вклучени европски компании, како што се германските Uniper и Wintershall, австриската OMV, француската Engie и британско-холандската Shell. Изградбата на гасоводот започна во 2016 година, а завршетокот на работите беше планиран за крајот на 2019 година, што одредени случувања го осуетија. Прво одолговлекувањето на Данска со издавањето на дозволата за работи во нејзините територијални води, а потоа американските санкции. Во овој момент останува да се завршат данската и германската делница.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче