Бизнис-форумот како алатка за продлабочување на билатералната соработка

Македонска-руска стопанска комора
Скопје денес беше домаќин на бизис-форумот „Русија-Северна Македонија“ во рамките на 9 сесија на Мешовитата меѓувладина комисија, која по петгодишна пауза утре ќе се одржи во Охрид.

На присутните најпрво им се обрати премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев кој уште еднаш ја подвлече важноста од соработката помеѓу двете земји. „Во таа насока особено радува фактот дека во дијалогот во Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, од оваа година е внесена нова динамика. Тоа е добра основа за оправдан оптимизам за продлабочување на соработката“. Заев особено се задржа на полето на енергетиката, како еден од најважните сегменти во заемната соработка. „Ќе издвојам една од областите што нудат нови можности за соработка - Енергетиката. Посебни потенцијали во оваа област се отвораат со изградбата на примарната инфраструктура за гасификација, по што следуваат можности за инвестирање и партнерство во проектирањето и изградбата на дистрибутивниот систем на природен гас на целата територија на нашата земја“, подвлече Заев.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев ја искористи можност уште еднаш да им се обрати на претставниците на бизнис-круговите од двете земји со уверување за добивање поддршка за продлабочување на соработката. „Апелирам до сите стопанственици во нашата држава да препознаат дека Русија е голем пазар, кој што може да  апсорбира нови производи и да воспостават колку што може повеќе комуникација и денешниот ден да го искористат за зголемување на таквата можна соработка. Денеска имавме и билатерален состанок, на којшто ја отворив темата да видиме како македонските производи да стигнат подиректно и побрзо до рускиот пазар. Ние имаме земјоделие кое може да произведе квалитетни производи во делот на овошјето и зеленчукот, но и во делот на преработувачките капацитети. Во таа смисла ги поканивме големите синџири на маркети и трговци со земјоделски производи да отворат  еден дистрибутивно продажен центар на собирање на земјоделски производи и ќе ги обезбедиме сите услови од наша страна, доколку имаат интерес тоа да го направат.  Тие тоа го земаа како едно наше барање и се надевам дека таквата иницијатива ќе роди со плод“, изјави Анѓушев.

Копретседателот на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, истакна дека очекува оти денес и утре ќе се отворат нови насоки за натамошно продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, по петгодишна пауза во работата на комисијата. „Во периодот јануари-септември 2019 остварен е извоз на земјоделско прехранбени производи во Руската Федерација во вредност од 21.8 милиони долари, наспроти 15.1 милиони долари истиот период 2018 година, што претставува зголемување од 44 отсто. Најголем дел од извозот отпаѓа на јаболката или 27.2 отсто, потоа праски,  домати свежи или разладени, цреши и тутун.  Во делот на земјоделството, овие позитивни показатели се резултат и на постојаната комуникација на македонските надлежни институции со надлежните служби од Руската Федерација. Агенцијата за храна и ветеринарството имаше интензивна соработка со руската  Россељхознадзор - Службата за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација. Очекувам нивната соработка да продолжи и во наредниот период, со проширување на аранжманот на производи кои се извезуваат во Руската Федерација како и зголемување на бројот на објекти од Република Северна Македонија кои ги исполнуваат неопходните гаранции за извоз“, рече Димковски.

Рускиот заменик-министер за индустриски и трговски развој Алексеј Груздев ја искористи оваа пригода да порача дека Владата на Република Северна Македонија треба да создаде благопријатни услови за интензивирање на економската соработка. „Тоа ќе зависи од вас и само така ќе можете да ја видите вашата конкурентност на пазарот. Убедени сме дека со тоа ќе се зголеми партнерството. За жал, ние имаме поинакви бројки за размената според кои таа се намалува, но ако навистина е зголемена за 25 отсто, како што велите, тоа радува“, подвлече Груздев.

Во својот поздравен говор до учесниците амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Сергеј Александрович Баздникин говореше за можностите и за условите на соработката како помеѓу двете земји, така и воопшто. „ Светскиот економски систем е мошне сложен, многулик и истовремено е исклучително поврзан. Секој играч, без оглед дали е тоа државата, конзорциуми, корпорации или претпријатија постојат, што е сосема логично, сопствени интереси кои не се совпаѓаат со интересите на другите. Сепак за да се избегне хаос, за да не се дозволат кризни појави потребен е единствен систем на координати, правила на игра што ќе важат за сите, подготвеност за заеднички напори, способност за доведување во ред на сложените процеси, раководејќи се според постојните реалии. Тоа претпоставува дека треба да се имаат предвид различните историски и културни вредности, откажување од стереотипите и шаблоните. Само на тој начин може ефикасно да се реализираат задачите од национален, од регионален, па дури и од светски ранг“.

Тој исто така зборуваше и за улогата на руската економија во светски рамки, како и за значењето на соработката на Република Северна Македонија со Руската Федерација. „ Отворени сме за дијалог во различни формати со сите заинтересирани играчи, вклучувајќи ја, се разбира, и Северна Македонија, чии деловни кругови, мислам, дека прекрасно сфаќаат оти со влегувањето на рускиот пазар тие автоматски добиваат пристап кон многу поголемиот пазар на Евроазиската економска унија. Русија самата по себе претставува моќна економска држава и динамично се развива – Претседателот В.В. Путин постави стратешка задача – до 2024 година Русија треба да влезе во петте водечки економии во светот. Мината година порастот на БДП изнесуваше 2.3%. Благодарение на реализацијата на примарните национални проекти чија вредност изнесува околу 400 милијарди долари, само во 2019-2021 година ќе биде постигнат дополнителен пораст од 1.6%. Се очекува да бидат пуштени во експлоатација нови клучни инфраструктурни објекти. Активно се развиваат вискотехнолошките гранки, дигиталната економија, се подобрува инвестициската клима, меѓу другото и во регионите. Во 2020 година се очекува пораст на капитални инвестиции во руската економија за 5%, а во 2021 година за 6.5%. Се зголемуваат резервите на злато. Руската Федерација повторно го доби статусот на глобална земјоделска држава – како според обемот на производство, преработка и експорт на земјоделско производство – на пример, според извозот на пченица ние се на првото место во светот, - така и од гледна точна на технолошки развој на земјоделското и прехранбеното машинско инженерство, воведување на современа биотехнологија. Потврда за ова се авторитетните меѓународни изложби кои се организираат во нашата земја, а на кои учество земаат македонските бизнисмени“, додаде амбасадорот.

По завршувањето на официјалниот дел беа остварени Би-ту-Би средби помеѓу руски и македонски претпријатија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња