Западни медиуми: Златното правило гласи – кој има злато, тој има и власт

Reuters

Русите во првиот квартал од 2019 година има откупено рекордно количество злато, што е „лош знак“ за целиот свет, пишува весникот „Дејли експрес“, повикувајќи се на изјава на раководителот на одделението за истражување на меѓународната брокерска компанија „Булион велју“ Адријан Еш.

Според податоците на весникот, Русија во првиот квартал од 2019 година ги зголемила златните резерви за 145.5 тони, што е за 68% повеќе од истиот период во 2018 година. Според податоците на Светскиот совет за злато, Москва во текот на првите три месеци од оваа година има купено 55.3 тони злато, додека вкупното количество резерви изнесува 2.168 тони, пренесува РИА Новости.

„Дејли експрес“ пишува дека Москва ги зголемува златните резерви, додека паралелно ги намалува вложувањата во американските хартии од вредност, а исто така се обидува да ја намали зависноста од американскиот долар. На тој начин Русија сака да се заштити од можната светска криза.

„Големите набавки на злато од страна на владините или на централните банки ретко се добар знак за мир и соработка во светот“, го цитира весникот Еш.

Сепак, како што додава изданието, Русија и понатаму е на петтото место во светот по вкупното количество златни резерви, додека скапоцениот метал има удел од 20% од нејзините вкупни резерви. Но, ако Москва продолжи со истото темпо да купува злато, наскоро би можела да ги престигне Франција и Италија и да се најде меѓу трите земји со најголеми резерви од овој скапоцен метал. Со самото тоа, смета експертот, Русија ќе го зајакне и своето место на светската сцена. Освен тоа, Москва сака да го искористи златото како инструмент за ограничување на власта на САД, смета тој.

„Златното правило гласи: кој има злато, тој има и власт“, вели Адријан Еш.

Весникот истакнува дека САД и понатаму се најголемиот поседник на злато во светот, при што значително отскокнува од останатите земји, што го потврдува фактот дека земјите со големи резерви од овој скапоцен метал имаат огромно влијание на ситуацијата во светот. Доколку Русија би сакала во овој поглед да ги достигне САД, би морала да го купува целото злато на пазарот во текот на следните 20 години.

Банката на Русија во текот на минатата година ги има зголемено резервите на монетарното злато за 14.9%, или за речиси 275 тони, достигнувајќи количество од 67.9 милиони унци (над 2 илјади тони). Во текот на годината таа редовно купуваше за да ги пополни резервите, меѓу другото и со набавка на 9.3 тони во декември.

Гувернерот на руската Централна банка Ељвира Набиулина во повеќе наврати изјави дека Централната банка води политика на диверзификација на меѓународните резерви, земајќи ги предвид ризиците, вклучувајќи ги и финансиските, економските и геополитичките. Така, на пример, минатата година откако Вашингтон воведе санкции против Русија, Централната банка почна да ги продава американските државни обврзници. До почетокот на есента 2018 година резервите во овој облик, кои во 2010 година изнесуваа 176 милијарди долари се намалени на 14 милијарди.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња