Путин пушти во работа две термоелектрани на Крим

Reuters

Претседателот на Русија Владимир Путин даде знак за почеток на работата на две термоелектрани на Крим, „Балаклавската” и „Таврическата”, во полн капацитет од 940 мегавати. Првите енергетски блокови на двете електрани, кои се наоѓаат во Севастопол (Балаклавската), односно на подрачјето на Симферопол (Таврическата), беа пуштени во работа во октомври минатата година.

Како што претходно соопшти Кремљ, почетокот на работата на овие две електрани ќе означи целосна енергетска независност на Крим.

„Денес вкупната потрошувачка на електрична енергија на Крим е близу 1000-1100 мегавати. Со оглед на воведувањето на новите објекти, вкупниот енергетски ресурс на Крим и Севастопол ќе биде околу 2070 мегавати. Овој обем ќе биде доволен не само за сопствените потреби, земајќи ги предвид плановите за развој на Кримскиот полуостров, туку и, доколку биде потребно, за соседните региони“, рече Путин.

Претседателот Путин потсети дека во 2014 година производството на електрична енергија на Кримскиот полуостров изнесувала 160 мегавати.

„Тоа не беше доволно ни заедно со снабдувањето од Украина. Очигледно дека не беше доволно за стабилна работа и снабдување со електрична енергија на домовите, болниците, училиштата, а камоли за развој на Кримскиот полуостров, за поврзување на новите потрошувачи на мрежите, развој на индустријата, бизнисот и туризмот. Ситуацијата сега се смени кардинално“, додаде тој.

На официјалната церемонија на пуштањето во работа на новите енергетски блокови присуствуваа потпретседателот на руската влада Дмитриј Козак, министерот за енергетика Александар Новак, раководителот на Крим Сергеј Аксјонов и генералниот директор на „Ростех“ Сергеј Чемезов, пренесуваат руските медиуми.

На тој начин започна работната посета на претседателот Путин на Крим. При посетата на Севастопол рускиот претседател го посети меморијалниот комплекс Малахов курган, отворен при крајот на минатата година по опсежната реконструкција. Шеф на руската држава ја посети Корниловата кула и изложбената поставка посветена на Кримската војна на која се наоѓаат топови од времето на познатата „прва одбрана на Севастопол“ и положи цвеќе на споменикот на адмирал Корнилов, херојот на одбраната 1854-1855. Путин се сретна со воени ветерани и граѓани на Севастопол кои му се заблагодарија за учеството во Кримската пролет и мирното небо над нив.

Путин на крајот на посетата ќе присуствува на концертот што се одржува во чест на петтата годишнина од спроведувањето на референдумот на Крим, кога огромно мнозинство граѓани (речиси стопроцентно) гласаше за присоединување на полуостровот кон Русија.

Во јануари оваа година беше донесена државната програма за „Социјално-економски развој на Република Крим и градот Севастопол“ со цел стабилен развој на стопанството и социјалната сфера во овие два региона на Руската Федерација. За реализација на програмата во периодот од 2019 до 2022 година ќе бидат издвоени од буџетот 309,5 милијарди рубли.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња