Северна Кореја ја моли Русија за помош: Педесет илјади тони жито на дар

Global Look Press

Северна Кореја се обрати до Русија со молба за донација на 50 илјади тони пченица како помош во санирањето на последиците од минатогодишните елементарни непогоди, рече шефот на Одборот за меѓународни работи на Советот на Федерацијата Константин Косачов при средбата со амбасадорот на оваа земја во Русија Ким Хјон Џун. „Како што ми е кажано, во овој момент соодветните ресори го разгледуваат обраќањето на корејската страна по повод испораката на 50 илјади тони пченица за да се санира штетата нанесена од  елементарните непогоди кои во 2018 година ја погодија оваа земја. Се надевам дека ќе биде пронајдено решение“, рече Косачов.

Според зборовите на шефот на думскиот одбор, имајќи ги предвид традиционално пријателските односи меѓу двете земји и народи, Русија продолжува да ѝ дава хуманитарна помош на Северна Кореја, како преку меѓународните организации, така и на билатерална основа. „Кога се работи за Светската програма за храна на ОН, нашите обврски за оваа и претходните години изнесуваат осум милиони долари и тие во целост ќе бидат исполнети“, нагласи Косачов. Тој истакна дека економско-трговските односи на Русија и Северна Кореја не се во подем и како причина ги наведе меѓународните санкции, „одлучно противејќи се на дополнителните, еднострани мерки кои против ДНРК ги воведоа бројни земји“, што Русија никогаш не го направи, ниту пак, како што рече тој, има во план некогаш да го направи тоа.

Како што истакнуваат претставниците на ОН, иако хуманитарната работа не подлежи на меѓународни санкции, нивното влијание се чувствува, создавајќи проблеми со банкарскиот канал, синџирот на испорака и продолжувањето на транспортот на робата. Според процените на светската организација, на Северна Кореја годинава ќе ѝ бидат неопходни 641 илјада тони жито и хуманитарна помош во вредност од преку 111 милиони долари. Се наведува уште и дека почнувајќи од 2004 година па сѐ до ноември минатата година, хуманитарната помош за ДНРК е намалена од 400 милиони долари на  26,2.

Прехранбената криза ја предизвикаа сушите и поплавите кои погубно влијаеја на земјоделското производство. Само минатата година помош беше потребна на голем број луѓе (10,3 милиони). Северна Кореја е една од 40 земји на светот на кои според оцената на соодветната организација на ОН им е потребна надворешна помош во секторот на храна.

Кога се работи за пченица, Русија редовно му помага на Пјонгјанг, па така од средината на минатата година на оваа земја ѝ испорача речиси 70 илјади тони жито. По сѐ изгледа, РФ се подготвува да донира 50 илјади тони пченица, иако и самата лани имаше значително помали приноси отколку предминатата, а исто така, ќе ѝ даде на ДНРК сесрдна поддршка во борбата против смртноста на децата и мајките. Паралелно, се разгледува и проект за развој на железничкиот сообраќај меѓу двете земји, како и изнаоѓање можности за работа во Русија, во согласност со одлуките на Советот за безбедност на ОН.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња