Колку чини бензинот во Русија во споредба со Европа?

Global Look Press

Бензинот во Русија и понатаму е еден од најевтините во Европа. Русија притоа го зазема 20 место според количината на гориво што може да се купи за просечна плата.

Според резултатите од истражувањето кое го спроведе РИА „Рејтинг”, на дното на ранг листата се наоѓа Украина, чии граѓани за својата плата можат да купат 3,3 пати помалку бензин од граѓаните на Русија.

Стручњаците ја проучија ситуацијата во 33 европски земји, како и во Казахстан. Процената е извршена врз основа на состојбата во средината на јануари, а за Норвешка, Казахстан и Украина за средината на декември. Споредени се цените на бензинот од 95 октани.

Според апсолутните вредности, најниска цена на бензинот е забележана во Казахстан, каде што литар 95-октански бензин чини 30,9 рубли (0,41 евра). На второ место е Русија со 45 рубли (0,6 евра) за литар. Во Белорусија, еден литар бензин чини 46,9 рубли (0,62 евра), а во Украина 72,1 рубли (0,96 евра).

Потоа следат земјите од Источна Европа со релативно ниски цени на горивото.

Најскапиот бензин е во Холандија, каде што литар чини 117,7 рубли (1,57 евра). Во Норвешка, Данска, Италија и Грција, еден литар бензин чини над 112 рубли (1,49 евра) за литар.

На првото место според количината на бензин што граѓаните можат да ја купат за просечна плата е Луксембург (над 3 илјади литри). Во оваа земја, цените на горивото се релативно ниски, а платите се меѓу највисоките во Европа.

На второ место според овој показател е Норвешка со 2,3 илјади литри. Бензинот во оваа земја е релативно скап, но и заработката е висока.

Во Австрија, Велика Британија, Шведска и Данска, жителите можат да купат за просечна плата над 1,9 илјади литри бензин.

Русија го зазема 20 место, заедно со Естонија и Португалија. Руските граѓани за просечна плата можат да купат околу 826 литри 95-октански бензин. Русија, со оглед на достапноста на бензинот, се наоѓа пред многу земји од Источна Европа.

На последното место е Украина, чии жители можат да купат само 247 литри бензин за просечна плата, што е 12 пати помалку отколку во Луксембург и 3,3 пати помалку отколку во Русија. На листата на аутсајдери, исто така, се и Романија, Бугарија, Летонија и Белорусија.

Рускиот министер за енергија Александар Новак претходно изјави дека цените на бензинот во Русија годинава ќе раснат во границите на инфлацијата.

Во ноември 2018 година Министерството за енергетика и Федералната антимонополска служба (ФАС) потпишаа договори со неколку големи нафтени компании за стабилизирање на пазарот на гориво за периодот од 1 ноември до 31 март 2019 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња