Русија подготвена да вложи 1,4 милијарди долари во продолжеток на „Турски тек“ низ Србија

Reuters
Претседателот на Русија изјави дека се работи на развојот на транзитната инфраструктура.

Русија е подготвена да вложи околу 1,4 милијарди долари во развој на инфраструктурата во Србија со цел низ таа земја да се спроведе огранок на „Турски тек“. Ова го изјави претседателот на РФ Владимир Путин одговарајќи на прашање на агенцијата ТАСС на конференцијата за новинарите во која учествуваше заедно со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

„Ние со Србија работиме на тоа. Тоа се однесува и на развојот на инфраструктурата, вклучувајќи ја и инфраструктурата на српска територија. Подготвени сме да ги вложиме во тоа потребните ресурси, а тие ќе изнесуваат околу 1,4 милијарди долари“, рече рускиот лидер одговарајќи на прашање поврзано со можноста за продолжување на гасоводот „Турски тек“ низ Србија.

„Ние таа работа фактички веќе ја подготвуваме, дури практично и ја придвижуваме, но на крај сѐ ќе зависи и од други земји, вклучувајќи ги и земјите на Европската Унија, т.е. колку тие ќе бидат во состојба да ги заштитат своите суверени интереси во дијалогот со европските структури“, нагласи Путин.

Тој во врска со тоа потсети дека претходно беше запрена работата над проектот „Јужен тек“ низ Бугарија и тоа не по вина на Русија, а сега Софија повторно искажува интерес за продолжение на „Турски тек“ преку својата територија, а потоа низ Србија, Унгарија и така натаму“.

„Ние сме во целост подготвени за тоа, дури вршиме и подготвителни работи и подготвени сме да ги издвоиме инвестициите“, заклучи претседателот на РФ. „Според тоа, малку нешта сега зависат од нас. Ние (доколку биде овозможено) ќе го сториме тоа“.

Путин рече дека претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, со кого ќе се сретне идната недела, исто така многу позитивно реагирал на можноста за продолжување на гасоводот во правец на Европа. „Според тоа, ќе работиме на тоа и ќе видиме што ќе испадне од тоа“, уште еднаш нагласи рускиот лидер.

Проектот „Турски тек“ подразбира спроведување на гасовод по дното на Црното море до европскиот дел на Турција и понатаму кон границата со Грција. Првата линија ќе биде предвидена за снабдување на турскиот пазар, а втората за снабдување со гас на земјите од Јужна и Југоисточна Европа. Како потенцијални пазари „Газпром“ ги разгледува Грција, Италија, Бугарија, Србија и Унгарија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња