Што се крие зад гласовите за златото на Романови вредно 130 милијарди долари во Јапонското море

Legion Media
Во Јапонското море е пронајден рускиот крстосувач „Дмитриј Донски“ кој потонал пред 113 години. Кружат гласови дека на него се наоѓа злато вредно 130 милијарди долари. Една јужнокорејска компанија веќе соопшти дека планира да го извлече богатството. Но, како и обично, постои „мал проблем“.

„Нашето откритие им стави крај на контроверзиите околу крстосувачот Донски и местото каде потонал. Наскоро ќе започнеме процедура за спасување на бродот“, соопшти на 17 јули јужнокорејската компанија „Шинил груп“. Неколку дена претходно во територијалните води на Јапонското море нуркачите од оваа компанија пронајдоа остатоци од крстосувачот „Дмитриј Донски“ кој потонал пред 113 години и објавија фотографии од него. Во 1905 година овој брод учествувал во руско-јапонската војна и потонал на патот за Владивосток.

Веста за пронајдениот брод на Руската империја немаше да биде толку сензационална да не се појавеа гласови за содржината на товарот што го има превезувано. Според корејската верзија, на крстосувачот се наоѓале 5.500 сандаци во кои имало пари со кои располагала руската воена ескадра. Наводно, станува збор за злато вредно над 130 милијарди долари според денешниот курс.

Херој на морето

Оклопниот крстосувач од прва класа „Дмитриј Донски“ влегол во вода во 1883 година и долго време бил главен брод на Балтичката флота во царска Русија. Меѓу другото, на повик на владата на САД овој брод отпловил за Њујорк за прославата на 400-годишнината на Америка.

На почетокот на руско-јапонската војна „Дмитриј Донски“ веќе се сметал за „ветеран“ на морнарицата: во споредба со тогаш новите бродови тој бил премногу бавен и тром. Сепак, повлечен е од резервата и бил испратен во легендарната битка кај Цушима, која за него била и последната.

„Дмитриј Донски“, 1893

Стариот крстосувач тогаш ги штител побрзите бродови и им овозможувал да се извлечат од јапонските напади. Исто така и самиот извесно време избегнувал следење. На крстосувачот преминал екипажот од еден оштетен брод. „Дмитриј Донски“ ја преживеал ноќта и со изгаснати светла се упатил кон Владивосток. Но, петте часа, колку што било потребно да се префрли екипажот на бродот, им овозможиле на Јапонците да стасаат до „Дмитриј Донски“. Го опколиле девет бродови. Екипажот не сакал да се предаде и го потопиле сопствениот брод со кренати знамиња.

Афера на корејски начин?

Нуркачите на компанијата „Шинил груп“ соопштија дека за време на експедицијата ја виделе крмата на „Дмитриј Донски“, митралези, јарболи и палубата, како и голем број метални сандаци на крмата. „Веруваме дека тоа се сандаци со злато и тоа е историски докажано“, изјави портпаролот на компанијата Парк Сунг-Јин. „Сандаците се мошне цврсто врзани што укажува на тоа дека во нив се наоѓа нешто скапоцено“.

По ова соопштение акциите на компанијата „Шинил груп“ на берзите скокнаа за над 20%. Освен тоа, компанијата веќе ја лансираше криптовалутата „Донској интернешионал“ и вети дека дел од златото ќе оди на дивиденда на сите сопственици на акциите. Уште 10% ќе вложи во развој на проекти со Северна Кореја, а половина од богатството ќе го врати во Русија.

Но, веднаш излезе дека „Шинил груп“ нема дозвола од корејските власти за извлекување на бродот и, со самото тоа, не може да го стори тоа. Затоа на затворањето на берзата на 17 јули акциите паднаа за 20%, а следниот ден за уште 30%. Компанијата е предупредена дека може да биде кривично гонета поради шпекулации на темата „пронајдено богатство“.

Потрагата трае долго

Луѓето брзо се сетија и на други слични приказни. Истиот овој брод „Дмитриј Донски“ со „злато“ во 2000 година наводно го откри корејската приватна компанија „Донг ах констракшн“. Компанијата тогаш беше пред банкрот, а само гласовите беа доволни за нејзините акции нагло да скокнат.

Рускиот крстосувач го „пронајдоа“ и во 2003 година бизнисмени од „Тоња констракшн“ од Корејскиот институт за океанографија. Овој пат банките одбија на компанијата да ѝ дадат кредит и погодете што се случи по веста за рускиот крстосувач со злато. Да, така е. Фирмата сепак наскоро банкротираше и сите гласови за најдениот брод стивнаа.

Според сè, ловот на „Дмитриј Донски“ не престана сиве овие години. Постои можност овој пат крстосувачот да е навистина пронајден. Но, што станува со златото? Руските историчари немаат никакви сомнежи во врска со ова прашање: „Не постои архивски материјал, ниту научен доказ кој би ја поткрепил претпоставката дека на Дмитриј Донски се наоѓа злато. Прашањето за злато на руските воени бродови се појавува од време на време, но тоа злато го нема и Корејците само залудно ќе ги потрошат парите“, вели Сергеј Климовски, раководител за научни истражувања во Централниот музеј на воената морнарица во Санкт Петербург.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња