Може ли Русија да го удвои БДП-то за 18 години?

Русија, Москва. - Претседателот на Одборот на Центарот за стратешки истражувања Алексеј Кудрин.

Русија, Москва. - Претседателот на Одборот на Центарот за стратешки истражувања Алексеј Кудрин.

Комсомољскаја правда / Global Look Press
За да се удвои показателот до 2035 година потребно е економијата на земјата да почне да расте со темпо што е над просекот за светот, наведува авторот на новата економска програма Алексеј Кудрин. Во претходните две години, бруто домашниот производ (БДП) на Русија имаше негативен раст поради кризата.

Русија може да го удвои БДП до 2035 година, смета поранешниот министер за финансии на Русија Алексеј Кудрин, кој е автор на новата економска програма подготвена за претседателот Владимир Путин, и кој е на чело на еден од главните тинк-такнови во земјата - Центарот за стратешки развој (ЦСР) . За таа цел треба да се направат сериозни реформи со кои се менува структурата на руската економија, вели тој.

Од криза кон пораст

„Сега економијата на Русија се развива полошо отколку во времето на застојот во СССР“, вака Кудрин го започна излагањето на Гајдаровскиот економски форум во Москва на 13 јануари. Кризата и девалвацијата на рубљата во 2014 година доведоа до пад на БДП во 2015 година од 3%, а во 2016 година се очекува пад од 0.5%, покажуваат податоците на Министерството за финансии на Русија.

Сосема реално е да се подобри ситуацијата, а за таа цел треба да започнат структурни реформи, за кои во владата се зборува веќе многу години, посочува Кудрин. „Чекорите кои земјата, владата и претседателот треба да ги направат, не се обични и се доста сериозни“, рече Кудрин. Според него структурните реформи треба да ги решат проблемите со демографскиот предизвик, недостигот на инвестиции, вклучувајќи го и проблемот со санкциите, оддалечувањето од светските финансиски пазари, технолошкото заостанување, ниската продуктивност и нискиот квалитет на државното управување.

Во аналитички забелешки колегите на Кудрин од ЦСР - економистите Павел Трунин и Евсеј Гурвич - посочуваат дека во среднорочна перспектива годишното зголемување на БДП ќе биде 2-2.5%, но до 2025-2030 година ќе се забрза до 4-4. 4%, го цитира документот бизнис-изданието РБК. Удвојувањето на БДП-то за 19 години „не е толку амбициозна цел“, посочуваат економистите.

Се прогнозира дека економијата на Русија ќе почне да расте уште во 2017 година. Рејтинг-агенцијата Moody's очекува дека по две години рецесија Русија ќе влезе во позитивен пораст на БДП на ниво од 1% на крајот на 2017 година.

Краток пораст или подолг пораст?

Проблемот на руската економија не е во тоа како да се движи кон обновување на порастот по кризата, ами во тоа по кратката фаза на пораст да „не се лизне назад кон стагнација“, вели Ксенија Јудаева, прв заменик-шеф на Руската централна банка (РЦБ ), на панел-дискусијата на Гајдарскиот форум за време на објавувањето на извештајот на Светската банка. Токму за тоа се потребни структурни реформи, вели таа.

Главните сектори во кои се специјализира Русија во надворешната трговија, тоа се секторите на светската хиперпродукција (нафта, гас, металургија и др.), коментира Јудаева. „Нашата економија треба да ја промени специјализација и да го произведува она што не го произведуваат другите, да стане пофлексибилна кон предизвиците на глобалниот пазар“, појаснува Јудаева.

Негативните стапки на пораст на рускиот БДП во последниве две години се последица на негативната динамика на цените на суровините, но, од друга страна, токму оваа негативна динамика турка кон развој на алтернативни мерки за зголемување на стапката на економски раст, тврди Сергеј Хестанов, советник по макроекономија на генералниот директор на „Дискавери Брокер“.

Според него, мотори на раст можат да бидат диверзификацијата на економијата, отстранување на административните бариери и подобрувањето на заштитата на правата на сопственост, кои се предвидени во концептот за структурни реформи предложени од Алексеј Кудрин. „Овие мотори не укажуваат бурен раст, но при успешна реализација, тие ќе го направат растот многу одржлив“, прецизира Хестанов.

Прогнозата на Алексеј Кудрин и на ЦСР може да се реализира, под услов да се задржи сегашната буџетска и монетарна политика на владата и на РЦБ, коментира Тимур Нигматулин, аналитичар од групата компании ФИНАМ. „Главниот проблем со кој се соочува руската економија уште пред санкциите и падот на цените на нафтата, е 'стапицата на просечниот приход', која само ја турка инфлацијата нагоре“, вели Нигматулин. За да се избегне оваа стапица, РЦБ треба да продолжи со таргетирање на инфлацијата на ниво од 4%, посочува аналитичарот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња