Како руската економија „исплива“ од 2016 година?

Сергеј Гунеев / РИА Новости
И покрај тоа што годишниот економски биланс најчесто се сумира во февруари кога се подготвени податоците за промената на главните стратешки показатели „Руска реч на македонски“ на своите читатели им нуди прелиминарен список на најважните настани во руската економија за 2016 година.

1. Русија се согласи да ја намали експлоатацијата на нафта

Првпат по неколку години руските власти се согласија да ја намалат експлоатацијата на нафта за 300.000 барели дневно. Оваа одлука беше услов за склучување на договор меѓу членките на ОПЕК и земјите кои произведуваат нафта, а не влегуваат во овој картел. Овој договор беше склучен на почетокот на декември 2016 година. Формиран е специјален комитет кој ќе води смета за тоа дали секоја земја ги исполнува преземените обврски.

Русија се реши на ваков чекот и покрај тоа што таа како држава на својата територија нема монопол на експлоатацијата на нафта. Имено, во Русија фосилното гориво се експлоатира од неколку компании, а само една од нив е под контрола на државата. Сепак, сите крупни компании на рускиот нафтен пазар се согласија да ја намалат експлоатацијата. На тој начин тие планираат да предизвикаат пораст на цената на нафтата и на гасот.

2. Москва се врати на светскиот финансиски пазар

На крајот од годината Министерството за финансии на Русија на пазарот понуди обврзници во вредност од 3 милијарди американски долари. Првото количество во вредност од 1.75 милијарди беше изнесено во мај, а останатите 1.25 милијарди американски долари во септември 2016 година. Државата свесно им ги продаваше обврзниците на странци, а не на домашните компании, така што немаше купувачи од Русија.

Секој пат вкупната вредност на понудата изнесуваше над 7 милијарди американски долари, а купувачи беа инвеститори од Велика Британија, од САД и од азиските земји. Министерството за финансии на РФ смета дека руските обврзници и понатаму се привлечни за странските инвеститори без оглед на санкциите.

Ова беше првото излегување на Русија на меѓународниот пазар на капитал од есента 2013 година. Русија се обврза да не ги користи средствата за помош на компании и на поединци на кои ЕУ и САД им имаат воведено санкции.

Сергеј Кузнецов / РИА Новости Сергеј Кузнецов / РИА Новости

3. За првпат по пет години е забележана дефлација

На почетокот на август во Русија за првпат по 5 години беше забележана незначителна дефлација, односно намалување на цените на стоката за широка потрошувачка. Во првата недела од август цените паднаа за 0.1%. Последен пат дефлација во Русија беше забележана во септември 2011 година. За споредба, во 2015 година инфлацијата изнесуваше 12.9%.

За руската економија намалувањето на инфлацискиот притисок е добра вест. Доколку сите други показатели останат исти, побрзо ќе се дојде до ниво на инфлација од 4% годишно, кое Централната банка го најавуваше како план за 2017 година. Оваа цел руската регулаторна банка ја постави кон крајот на 2014 година кога воведе конвертибилност на националната валута, а со самото тоа предизвика намалување на нејзиниот курс во однос на еврото и на доларот за 50%.

EPAEPA

4. Русија се искачи за 11 места на ранг-листата на „Дуинг бизнис“

Русите власти успеаја во 2016 дополнително да ја подобрат позицијата на својата земја на ранг листата на Светската банка „Дуинг бизнис“. Според резултатите објавени во ноември, Руската Федерација се придвижила од 51 на 40 место. Оваа ранг-листа се прави според квалитетот на бизнис-средината во секоја конкретна земја и според количеството бирократски бариери во нејзината економија.

Според Светската банка, Русија за една година во голема мера го намалила бирократскиот притисок врз бизнисот. На пример, според бројот на спроведени реформи Руската Федерација влезе меѓу првите 5 земји, а клучната предност на Русија се состои во едноставните процедури за приклучување на енергетскиот систем, едноставноста во регистрацијата на сопственоста и на обезбедувањето за исполнување на договорите.

Руските власти своевремено ја избраа ранг-листата „Дуинг бизнис“ како универзален клучен показател на успехот за определени квалитети на бизнис-климата во земјата.

5. Државата продаде пакет од компанијата Роснефт на странци

Со цел намалување на дефицитот во буџетот руските власти понудија 19.5% од акциите на компанијата Роснефт, која е најголема нафтена компанија во Русија во сопственост на државата. Овој пакет неочекувано го купи конзорциумот на швајцарската компанија Гленкор и на катарскиот фонд Qatar Investment Authority. Договорот е вреден над 10 милијарди евра.

За учесниците на пазарот овој договор беше целосно изненадување. Се сметаше дека потенцијални купувачи на акциите се кинеските и индиските инвеститори, но тие настојуваа да учествуваат во управувањето со компанијата Роснефт. Згора на тоа самата компанија Роснефт беше подготвена да ги откупи сопствените акции, односно да спроведе таканаречен бај-бек.

По склучувањето на договорот на државата ѝ останаа 59% плус 3 акции од компанијата Роснефт, а британската компанија Бритиш петролеум како главен европски партнер има 19.5%, додека 9.75 имаат Qatar Investment Authority и Гленкор. Останатите акции на оваа руска компанија се понудени на берзата.

6. Уапсен е министерот за економски развој

Во ноември 2016 година беше уапсен и ставен во домашен притвор министерот за економски развој Алексеј Уљукаев. Според податоците од истрагата, тој изнудувал мито во висина од 2 милиони долари од компанијата Роснефт заканувајќи се дека во спротивно ќе го спречи нејзиното учество во приватизацијата на нафтената компанија Башнефт. Министерот ги отфрла обвинувањата.

Алексеј Уљукаев е еден од попознатите економисти во земјата. Тој на почетокот на деведесеттите години од минатиот век му беше соработник на Егор Гајдар, авторот на клучните економски реформи кој потоа долги години работеше во Институтот за економија на преодниот период што го основаше Гајдар.

По апсењето на Алексеј Уљукаев на местото министер за економски развој беше поставен Максим Орешкин, кој претходно беше заменик-министер за финансии. Тој најави дека на новата функција ќе се обиде да обезбеди економски пораст.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња