Гаспром доби поголем пристап кон гасоводот Опал

DPA/Vostock-Photo
Европската комисија ѝ дозволи на руската компанија Гаспром во поголема мера да го користи гасоодот Опал кој го спојува Северен тек со Чешка и со Германија. Сега Гаспром може да ја зголеми испораката на Гас во Европа, заобиколувајќи ја Украина, и воедно да ги намали трошоците за транспорт.

Европската комисија одлучи да ги иземе 50% од капацитетот на гасоводот Опал од Третиот енергетски пакет со кој се ограничува контролата на енергетските компании над гасоводната мрежа, соопштуваат на сајтот на Европската комисија.

Сега рускиот гигант Гаспром може да го искористи полниот капацитет на европскиот гасовод што го спојува Северен тек со чешка и со Германија, и тоа првпат од неговиот старт во 2011 година. Според податоците што ги наведува весникот „Вол стрит џурнал“ Гаспром ќе го задржи досегашното исклучиво право на користење 50% од капацитетот Опал, а 30-40% од овој гасовод ќе биде понуден на аукција на која може да учествува и Гаспром.

Според Игор Јушков, експерт од Фондот за национална енергетска безбедност, сега никој освен Гаспром не претендира на Опал, така што всушност станува збор за преземање контрола над гасоводот, која е само „маскирана со аукција“. Гаспром сега ќе може да го искористи целиот капацитет на Северен тек, смета Јушков. Тој нагласи дека дел од гасот што ќе излезе од тој гасовод веднаш ќе им биде продаден на европските потрошували, уште пред неговото влегување во гасоводот Опал. Зголемувањето на капацитетот ќе влијае врз оптоварувањето на Северен тек.

Одлуката на Европската комисија сепак не го решава проблемот со целосното искористување на Северен тек, смета Алексеј Калачов, аналитичар во групацијата Финам. „Капацитетот на гасоводот Опал изнесува 36, а на Северен тек 55 милијарди кубни метри гас годишно, со тоа што претстои изградба на Северен тек 2 со ист капацитет“, објаснува рускиот експерт.

Со транспортот на гасот преку Опал, Гаспром може да заштеди 300-400 милиони американски долари, оценува Јушков. „Според договорот со компанијата Nord Stream AG, на сила е правилото ship-or-pay (транспортирај или плати“ според кое Гаспром плаќаше дел од капацитетот на гасоводот што не го користеше“, вели рускиот аналитичар. По зголемувањето на искористливоста на гасоводот Опал цената ќе остане иста, но ќе се намали цената на транспортот по една милијарда кубни метри гас годишно“, додава Јушков.

Ќе остане ли Украина без рускиот гас?

По одлуката на Европската комисија Северен тек стана попривлечна варијанта за Гаспром, одошто транзитот низ Украина, смета Јушков. Според неговите проценки, Украина сега ќе биде „покуса“ за околу 250 милиони американски долари годишно. Потсетуваме дека истиот ден, 31 октомври, француската енергетска компанија Engie потпиша со Украина спогодба за преземање и чување гас.

Како што соопштуваат од Engie, овој документ ќе ѝ овозможи на компанијата да ги користи подземните магацини за гас во Украина, започнувајќи од оваа зима. Engie исто така планира да стане активен учесник на гасниот пазар во Украина и за таа цел ќе оформи компанија-ќерка на нејзината територија, се истакнува во соопштението.

„Оваа спогодба може да биде поврзана со одлуката на Европската комисија во таа смисла што Европа сака да се осигури пред грејната сезона“, коментира Јушков. „Компанијата Engie ништо не ја спречува да купува гас од Русија и да го чува во Украина како резерва“, додава тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња