Иран сака да го зголеми производството на гас до нивото на Гаспром

Ројтерс
Изјавите на Иран за зголемување на производството на гас и неговите планови да излезе на европскиот пазар се слушаат одамна, но реални можности за конкуренција со Гаспром не се гледаат, сметаат руските експерти.

Иран може да ја зголеми моќноста за производство на гас до 900 милиони кубни метри до 20 март 2017 година. Ова го соопшти министерот за нафта на Иран Биџан Зангане, пренесува агенцијата Shana. За споредба, рускиот гасен гигант Гаспром произведува по 1,146 милиони кубни метри на ден, според податоците за 2015 година кои се објавени на веб-страницата на компанијата.

Иран нема да успее да се натпреварува со Гаспром во наредните години, смета Михаил Крутихин, партнер во консултантската компанија „РусЕнерџи“ (RusEnergy). Во шпицот во 2014 година Гаспром доставуваше 444 милијарди кубни метри годишно, а за да се постигне ова ниво, на Иран ќе му требаат 15 години, тврди експертот. Според Крутихин Иран веќе се обиде да се договори со Турција за транспорт на гас, но обидите се покажаа неуспешни. Турција сака да влезе во улогата на препродавач на гас, а не на одговорно лице за транспорт, објаснува Крутихин.

Александар Јакименко, еден од акционерите во руската нафтена компанија Томскгеонефтегас, не гледа во Иран можност за реализација на изградба на гасовод. „Најпрво треба да заврши војната во Сирија“, вели тој.

Во таква ситуација на Иран му останува да се обиде да изгради сопствен капацитет за продажба на пропан-бутан, смета Крутихин. „Иран веќе оди по овој пат, ќе видиме што ќе се случи“.

Го очекува ли Иран повторување на „сирискиот заплет“?

Денес е распространето мислењето дека до заострувањето на политичката ситуација во Сирија се стигна по одбивањето на Башар ал Асад да биде изграден гасовод од Катар за Европа. На фонот на изјавите за потенцијална конкуренција од страна на Иран и Гаспром се дискутира за можностите за повторување на сириското сценарио, особено Михаил Крутихин ја споменува оваа гледна точка во својата статија за руското издание на Forbes.

На оваа теорија скептично гледа Леонид Исаев, соработник во Одделот за политички науки на Високата школа за економија. „Не верувам дека Сирија беше уништена од некого намерно поради тоа што одби да го потпише договорот, како и тоа дека ваквата ситуација може да се случи и во Иран. Системот во оваа земја е доволно монолитен и тешко може да биде нарушен однадвор“, коментира тој.

Лана Раванди-Фадаи, виш научен соработник во Центарот за проучување на Блискиот Исток при Руската академија на науките, исто така, не се согласува со ова мислење. Според неа периодично се појавуваат нови планови за зголемување на производството на гас во Иран. „Иран е заинтересиран за преувеличување на оваа информација за зголемена експлоатација на гас, со цел да се стимулира пазарот“, коментира Лана Раванди-Фадаи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња