50 милиони долари за поддршка на автопроизводителите

Getty Images
Со помош на државни субвенции руските автомобили можат да ги вратат позициите на пазарите во Азија и Африка, забележуваат експертите.

Руската влада одлучи да направи чекор без преседан во поддршка на автомобилската индустрија, при што за првпат во поновата историја на земјата издвои субвенции за нивен извоз во вредност од 3.3 милијарди рубли (50 милиони американски долари). Овој декрет беше потпишан од премиерот Дмитриј Медведев.

Според документот со помош на субвенциите руските автопроизводители ќе може да ги покријат до 80% од трошоците за транспорт на автомобилите, а исто така и половина од потребните средства за пласирање на автомобилите на нови пазари и сите пари на усогласување со меѓународните еколошки норми.

Идејата за активна државна поддршка за извозот на автомобили се роди во 2015 година на фонот на девалвацијата на рубљата. „Владата е заинтересирана да го зголеми извозот на производи од Русија, вклучувајќи и на стоки со повисока додадена вредност, а автомобилската индустрија, се разбира, спаѓа во таа категорија“, изјави за „Руска реч на македонски“ Владимир Беспалов, аналитичар од „ВТБ Капитал“.

Нови можности за АвтоВАЗ

Во последната година, според податоците на аналитичката агенција „Автостат“, извозот на автомобили од Русија во странство се зголемил за 64%. „Девалвацијата на рубљата им дава на руските производители можност да си ги вратат пазарите во Азија и во Африка, кои тие ги напуштија поради неспособноста да понудат конкурентна цена“, коментира Владимир Беспалов.

Најголемиот производител на автомобили во Русија АвтоВАЗ, чиј главен акционер е француско-руската групација Рено-Нисан (Renault-Nissan), извезува речиси 10% од вкупниот обем на производството. „Нашата стратешка задача е да го зголемиме извозот до 20% во среднорочна перспектива, но конкретните рокови зависат од економската конјуктура“, изјави за „Руска реч на македонски“ портпаролот на АвтоВАЗ Сергеј Илински. Според него компанијата веќе успешно извезува модели од новата генерација - Lada 4X4, Lada Granta, Lada Kalina - и сите тие ги исполнуваат меѓународните економски норми Евро-6.

Главни пазари за автомобилите на АвтоВАЗ во 2015 година станаа поранешните републики на СССР: Казахстан, Азербејџан, Белорусија, а исто така и Египет и Германија, при што извозот на автомобили падна за 45%, се наведува во годишниот извештај на компанијата. Според зборовите на Владимир Беспалов тоа нагло намалување е предизвикано од девалвацијата на националните валути на пазарите на поранешните републики на СССР, кои традиционално ги купуваат руските автомобили.

Испораките на компанијата во други земји се зголемиле за 49% во 2015 година, покажуваат податоците на „Автостат“. „Денес производството на АвтоВАЗ е апсолутно конкурентно на светскиот пазар - тоа е евтина, лесна за ракување и сервис техника со добри карактеристики за својот ценовен сегмент“, вели Беспалов.

Многу самоуверено на извозните пазари се чувствува друг руски автомобилски гигант - производителот на камиони КАМАЗ, кој кон крајот на 2015 година забележа зголемување на извозот со 8.2%, со што уделот на снабдување во странство (без земјите од ЗНД) е зголемен за 45%. Денес компанијата обезбедува 22% од товарните камиони во странство, главно во поранешните советски републики: Казахстан, Туркменистан и Литванија, а исто така и на пазарите надвор од ЗНД: Виетнам и Обединетите Арапски Емирати. Покрај тоа, КАМАЗ веќе пласира ограничени количества автомобили во Перу, Еквадор, Индонезија и Индија, а АвтоВАЗ во Перу, Чиле, Србија, Словачка и Бугарија.

Странски брендови од руско производство

Во 2015 година продажбата на нови автомобили на домашниот пазар е падната за 36%, според податоците на Здружението за европски бизнис (АЕБ). Поради тоа некои производители во Русија вложија непотребна моќност, забележува Владимир Беспалов. За да ги оправдаат, компаниите сега активно бараат потенцијални пазари, на кои ќе можат да го пласираат своето производство, а покривањето на трошоците за транспорт придонесува за тоа, посочува експертот.

На субвенции можат да се потпираат сите меѓународни играчи, кои се регистрирани и произведуваат автомобили во Русија. „Се надеваме дека овие мерки ќе ни помогнат да ги исполниме извозните проекти. Тоа ќе стане јасно, откако ќе бидат направени потребните чекори по потпишувањето на документите, назначени во декретот“, коментира Екатерина Третјакова, портпарол на „Рено Русија“ (Renault Russia).

Меѓународните компании ги испитуваат можностите за снабдување на пазарите во странство. Nissan планира да го испорачува моделот Datsun, склопен во Русија, на Блискиот Исток, а пак Hyundai размислува извоз на автомобили произведени во фабриката во близина на Санкт Петербург, во Грузија и во Тунис.

Застапеникот на Renault, изјави дека постајт планови да се извезува во Виетнам Logan и Sandero Stepway кои се склопуваат во Москва.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.