Гаспром ќе го гради Северен тек-2 самостојно

AP
Полскиот регулатор го блокираше создавањето на заедничкото вложување помеѓу Гаспром и неговите европски партнери. Експертите, пак, сметаат дека сè дури Германија е заинтересирана за проектот, тој може да биде реализиран.

Рускиот гасен и нафтен монопол Гаспром, француската компанија Engie, швајцарската OMV, холандско-британската Shell и германските Uniper и Wintershall, со кои заеднички беше планирана изградбата на Северен тек-2, го отповикаа своето барање за заедничко вложување. Ова беше објавено на 12 август во заедничкото известувањето на компаниите до медиумите.

Ова се случи откако кон крајот на јули годинава од полскиот антимонополски регулатор UOKiK изјавија дека создавањето на гасоводот Северен тек-2 може да доведе до ограничување на конкуренцијата и до понатамошно засилување на Гаспром. Кој и онака зазема доминантна положба на полскиот пазар. Со оглед на тоа дека сите учесници во проектот Северен тек-2 имаат бизниси во Полска, извештајот на UOKiK беше основа за поништување на барањето.

„Повлекувањето на барањето е црвен сигнал за оваа зделка“, изјави првиот човек на UOKiK Марек Нечхал во официјалниот извештај на полскиот регулатор.

Во своето соопштение учесниците во проектот изјавија дека сметаат оти Северен тек-2 е мошне важен за европскиот енергетски систем и секој од нив самостојно ќе бара алтернативни начини за придонес во проектот. Сепак, за какви имено придонеси станува збор не објаснија.

Претходно се претпоставуваше дека европските партнери ќе купат 10% од акциите на Северен тек-2 и на тој начин ќе ги решат регулаторните прашања. На тој начин Гаспром останува единствен акционер на Северен тек-2, а тоа, според експертите, е мошне ранливо. „Проектите од ваков обем секогаш се поврзани со значителни политички ризици. Учеството на странски партнери може да ги намали“, сметаат во инвестициската компанија „ВТБ Капитал“.

Првичниот буџет за проектот Северен тек-2, кој треба да биде спроведен по дното на Балтичкото Море, беше проценет на 8 милијарди евра. Според мислењето на експертите од браншата, доколку на Гаспром му е потребно самиот да ги најде инвестициите, тоа нема да пречи во неговата реализација.

„Гаспром безусловно може да најде извори на финансирање, но постои проблем од политички карактер“, вели Андреј Полишчук, аналитичар за нафта и гас на Рајфајзенбанк. Според него, многу работи зависат од тоа дали ќе може Германија, која го поддржува проектот, да изврши притисок врз другите европски партнери.

„Сè дури Германија покажува позитивен интерес во однос на проектот, тој може да биде реализиран“, се согласува Сергеј Хестанов, доцент на катедрата за берзански пазари и финансиски инженеринг при Руската академија за народно стопанство и јавна администрација.

„Учеството на европските партнери е важно за проектот не само од гледна точка на инвестициите ами и од гледна точка на нивната можност за промоција на проектот во своите земји“, забележува експертот-аналитичар на инвестициската компанија „ФИНАМ“ Алексеј Калачев. Најверојатно, на овој или на оној начин, тие ќе најдат пат да влезат во проектот, додава тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња