Европската комисија воведе конечни антидампинг давачки за ладно валаниот челик од Русија и од Кина, вклучувајќи го и оној што се користи во машинството, соопштува официјалниот весник на Европската унија од 4 август 2016 година.
Зголемените тарифи влијаат врз најголемите руски производители на челик. Данокот за Магнитогорскиот металуршки комбинат (ММК) изнесува 18,7%, за „Северстаљ“ давачки ќе бидат 34%, за Новолипецкиот металуршки комбинат (НЛМК) - 36,1%. Тарифата се воведува привремено за период од 5 години и важи за увоз на челик во Европската унија од декември 2015 година.
Руските компании сметаат дека овие давачки се рестриктивни и ќе се борат за нивно укинување. „На групацијата НЛМК ѝ се припишува непостоечки дампинг врз база на лажни заклучоци. Ние планираме да ги оспориме воведените царини во Судот на ЕУ, а исто така и во рамките на СТО“, вели за „Руска реч на македонски“ Сергеј Бабиченко, началник на службата за односи со јавноста на Групацијата НЛМК. Според зборовите на Дмитриј Кучумов од прес-службата на ММК нивната компанија исто така ќе ги оспори царините.
„Русија и Кина, се разбира, можат да ги оспорат во СТО мерките на ЕУ, ако тие сметаат дека ЕУ не ги почитува нормите на СТО во својата антидампинг-истрага“, смета извор на „Руска реч на македонски“ од Женевската канцеларија на СТО.
Неодамна генералниот директор на СТО Роберто Азеведо изрази загриженост по повод зголемената политика на протекционизам меѓу земјите-членки на СТО. Во извештајот на организацијата за првото полугодие од 2016 година, објавен на 25 јули, Азеведо истакна дека се забележува пораст на новите мерки за ограничување на трговијата, што ѝ се заканува на глобалната економија со негативни последици.
Антидампинг истрагата во однос на кинеските и на руските металурзи започна во мај 2015 година. Повод за тоа е жалбата на Европската асоцијација на производители на челик Eurofer која обвинува дека руските и кинеските компании вештачки ги намалуваат цените на ладно валаниот челик. Здружението смета дека ова доведе до влошување на финансиската состојба на европското челичарство.
Според податоците на Еуростат од 2011 до 2014 година процентот на Руси на европскиот пазар е зголемен за 1.7 пати од 5.9% на 10.1%, обемот на испораките скокна 1.5 пати од 466 илјади на 724.7 илјади тони, а просечната цена е намалена за 21% (од 630 на 499 евра за тон).
Од рускаta страна сметаат дека истрагата е спроведена со нарушувања и не одговара на меѓународните норми. „Намерно истрагата на Европската комисија е спроведена од нејзините претставници со бројни прекршувања. Сеопфатните податоци дадени од нас во текот на инспекцијата беа целосно игнорирани и заменети со информации за производството на други компании и со фабрикувани проценки“, изјави за „Руска реч на македонски“ Сергеј Бабиченко.
Новите давачки ќе се одразат негативно врз профитабилноста на рускиот ладно валан челик, тоа ќе ги погоди особено силно производителите со поголем удел во извозот кон Европската Унија. Според зборовите на аналитичарот од инвестициската компанија Leon MFO Артјом Калинин над 30% од профитот на НЛМК и на „Северстаљ“ е формиран од извоз, вклучувајќи и за ЕУ.
Засега царините се однесуваат само за ладно валаниот челик, но во почетокот на јули 2016 година властите на ЕУ најавија почеток на антидампинг-истрага во однос на снабдувањето на топло валан челик од Русија, а исто така и од Бразил, Иран, Србија и од Украина.
„Веќе една година САД многу активно и агресивно воведуваат царини против кинеските производители на челик. Според нивниот пример, европските власти можат да покажат не помала решителност и најверојатно ќе воведат царини и за друг тип производи“, прецизира Калинин.
Според зборовите на водечкиот експерт од „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов можеби руските металуршки компании ќе можат да ги намалат финансиските загуби од царините на ЕУ, доколку се преориентираат кон пазарите на другите земји.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче