Обновени разговорите за Турски тек

Ројтерс
По едногодишна пауза продолжуваат преговорите за проектот Турски тек, со кој гасот од Русија треба да стаса до Југоисточна Европа.

Една година по последните официјални преговори за судбината на проектот Турски тек, Русија и Турција на крајот на краиштата се вратија на разгледување на проблематичниот гасовод. На 26 јули на средба со првиот човек на Министерството за енергетика на РФ Александар Новак министерот за економија на Турција Нихат Зајбекчи подвлече дека проектот е од полза за двете страни. Заменик-претседателот на Гаспром Александар Медведев кој присуствуваше на преговорите, соопшти дека РФ и Турција ќе создадат работна група за проектот. Следната средба на министрите може да се одржи на 6 август, наспроти посетата на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на Санкт Петербург, планирана за 9 август.

Турски тек: не е од полза за сите

Беше планирано Турски тек да го замени Јужен тек, се предвидуваше да бидат изградени четири линии со обем од 15.75 милијарди кубни метри годишно од Анапа до европскиот дел на Турција по дното на Црното море. Во средината на 2015 година поради сложеност во преговорите Гаспром ја намали моќноста на две линии. Инфраструктурата за нив во Русија е веќе изградена, а тоа монополот го чинеше најмалку 400 милијарди рубли.

Како и во 2015 година, Турција е подготвена да потпише договор само за една линија на гасоводот. За Гаспром ваквиот предлог е со загуба, со оглед на тоа што втората линија може да ги снабди со гас Балканот и југот на Италија. Освен тоа, на средбата на министрите се разговараше и за цената на гасот. Според податоците на „Комерсант“, предметно разгледување на средбата на министрите немало, и овие прашања, најверојатно, ќе бидат изнесени на средбата на претседателите.

„На крајот на краиштата, барем се запознавме со луѓето што ги водат преговорите од таа страна“, вели соговорникот за „Комерсант“ кој е близок на Министерството за енергетика. Во Турција пред една година се смени владата, а поради парламентарната криза новиот состав на владата беше формиран дури во ноември. Ова беше и една од тешкотиите во преговорите.

По обидот за државен удар во Турција, позициите на Русија станаа посилни

„За Гаспром, безусловно, е поинтересно да изгради две линии, зашто да се врзува само за турскиот пазар означува зголемување на ризиците“, се согласува Марија Белова од Vygon Consulting. Но, дури и формалните преговори со Турција ја засилуваат позицијата на Гаспром за проектот Северен Тек 2 од Русија во Германија по дното на Балтичкото море. Според Марија Белова, во дијалогот со Турција сега Русија има посилни аргументи одошто пред една година, земајќи го предвид неодамнешниот обид за државен удар во Анкара, со што објективно ќе биде посложено да се привлечат Европејците за работа над алтернативни транзитни проекти, како што е Јужниот гасен коридор.

„На оваа етапа преговорите имаат повеќе политичко, одошто економско значење – на Анкара ѝ е важно да ги подобри односите со Русија и да му покаже на Западот дека таа има алтернативни партнери“, објаснува директорот на турскиот Институт за енергетски пазари и политики Волкан Оздемир. Тој смета дека Гаспром ќе успее да добие изградба на две линии од Турски тек. Според Оздемир, централен проблем во преговорите ќе биде спорот за цената и имено од него ќе зависи развојот на ситуацијата за Турски тек.

Текстот на руски на сајтот на Комерсант.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња