За еден месец побарувачката за руските државни обврзници кај странските инвеститори е зголемена за четири пати. Во јуни 2016 година странците во овие хартии имаат вложено 20 милијарди рубли (314 милиони американски долари), додека во мај оваа сума изнесуваше 5 милијарди рубли (78 милиони американски долари), вели рускиот весник „РБК-Daily”, повикувајќи се на податоци од руската Централна банка.
Според податоците една од причините за споменатиот пораст се стравувањата поврзани со Брегзит. Имено, странските инвеститори вложуваа пари во руските државни хартии од вредност поради сè поголемиот ризик поврзан со резултатите од референдумот во Велика Британија. Слична ситуација се забележува и во другите сектори на рускиот финансиски пазар. Според аналитичарите, руските корпоративни обврзници и понатаму се меѓу најприходните во Европа, и тоа ги привлекува странските инвеститори.
„Сега многумина портфолио-менаџери ѝ изразуваат љубов на Русија“, вели заменик-директорот на корпорацијата IFC Станислав Вернер. Според него, на пазарите на развиените земји вредноста на обврзниците со негативен профит изнесува речиси 12 билиони американски долари. „Русија е можеби единствената земја чии активи се сè уште потценети“, вели Вернер.
Должничките инструменти на пазарите на земјите во развој се навистина интересни за странските инвеститори во контекст на нивната ниска профитабилност во развиените земји. „Ниските, па дури и негативни даночни проценти на развиените пазари ги принудуваат инвеститорите во потрагата за поголема профитабилност сè повеќе да обрнуваат внимание на државните и на сигурните корпоративни обврзници на пазарите во развој“, вели Михаил Додупски, аналитичар на групацијата TeleTrade.
На пример, според податоците на PwC, во април 2016 година еврообврзници во вредност од 200 милиони американски долари понудила руската компанија „Ренесанс Капитал“, и тоа со каматна стапка од 9.5% на годишно ниво. Банката „Руски стандард“ во октомври 2015 година понудила обврзници во вредност од 451 милион американски долари со фантастична каматна стапка од 13%. А, во септември 2014 година уште една голема банка, „Промсвјазбанк“ привлече средства со годишна камата од 12.5%.
Кога станува збор за девизните обврзници, односно за еврообврзниците, тогаш речиси и да не постои алтернатива за руските хартии од вредност. Тие се мошне сигурни, а обезбедуваат 50-100% поголем приход од најголемиот дел европски државни и корпоративни долгови“, вели Андреј Кочетков, аналитичар на компанијата „Откритие Брокер“. Така според податоците на PwC во првите пет и пол месеци од 2016 година руските компании преку еврообврзниците привлекле вкупно 4.0 милијарди американски долари, што е приближно исто колку за целата 2015 година.
Според експертот, ваквата статистика сведочи дека странските компании повторно се заинтересираа за руските активи. „Странските инвеститори заминаа од рускиот пазар на обврзници во 2014 и во 2015 година, но веќе кон крајот на 2015 се забележува стабилизација и сè поголем интерес“, уверен е Андреј Кочетков. Според него, руските инвеститори исто така активно учествуваат и во берзанските аукции, како на пазарот на обврзници во рубли, така и на пазарот на еврообврзници.
Во ваква ситуација и руското Министерство за финансии кон крајот на мај 2016 година одлучи да понуди нови државни еврообврзници. Ова беше прво излегување на Русија на странските пазари на обврзници откако беа воведени санкциите во 2014 година. Понудени се 1.75 милијарди американски долари, со тоа што побарувачката надмина 5 милијарди долари. Притоа Министерството за финансии свесно им го ограничи пристапот на руските купувачи.
Така странските инвеститори купија еврообврзници во вредност од 1.2 милијарди американски долари, додека приватните руски банки набавија еврообврзници во вредност од 550 милиони долари. Властите од самиот почеток одлучија на купувачите од Русија да им продадат најмногу 30% од понудените обврзници и да се концентрираат на привлекување на меѓународни инвеститори. На пример, за купување хартии од вредност се пријави и најголемата банка во Русија „Сбербанк“ која е во сопственост на државата, но не успеа да купи ниту една обврзница, изјави директорот на банката Герман Греф во јуни 2016 година на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче