Како Брегзит може да се одрази на руската економија?

Ројтерс
Руската економија може да има повеќе штета од корист од можното излегување на Велика Британија од Европската Унија.

Се смата дека Русија е една од оние земји кои ќе имаат полза од Брегзит, но ситуацијата е таква што Русија всушност ќе има повеќе штети од можниот излез на Велика Британија од Европската Унија.

Според мислењето на руските експерти, на руската економија пред сè ѝ се заканува пад на цената на нафтата поради намалениот интензитет на нејзината продажба во светот. Руските компании можат да ги исклучат своите хартии од вредност од листингот на лондонската берза, а нивната вкупна вредност ќе падне, поради што Владата може да ја одложи продажбата на пакетот акции на најголемата руска нафтена компанија „Роснефт“.

Од друга страна, може да се очекува и Европската Унија да ги ублажи санкциите кон Русија, на што упорно се противеше Велика Британија.

1. Пад на цената на нафтата

По објавувањето на резултатите од референдумот во Велика Британија цената на нафтата падна за 6%. „На пазарот се очекува забележлив пад на побарувачката за суровини во контекст на забавување на темпото на развој на најголемите европски економии поради прекинот на економските врски и нестабилноста на монетарниот пазар“, објаснува финансискиот аналитичар на групацијата Финам Тимур Нигматулин.

Можното излегување на Велика Британија од Европската Унија означува дека ќе дојде до намалување на прометот со стоки. „Денес оваа земја се потчинува на трговскиот режим кој важи во Европската Унија. Според тоа, доколку таа ја напушти Европската Унија, ќе мора да дефинира нов режим на правила во рамките на Светската трговска организација“, вели за „Руска реч на македонски“ Игор Купалов, советник во постојаното претставништво на РФ при Одделот на ОН и на други организации во Женева.

Доколку Велика Британија ја напушти Европската Унија, таа ќе има чист лист, нема да има никакви договори, ниту регулативи за тарифи и за такси“, изјави Кејт Роквел, портпарол на СТО на средба со руските новинари во Женева.

2. Заминување на компаниите од Лондонската берза

Најголемите руски компании најчесто ги нудат своите акции на лондонската берза за хартии од вредност. „По Брегзит низа компании ќе ги исклучат своите компании од листингот на берзата“, смета Нигматулин.

Меѓу нив може да се најде и најголемата нафтена компанија на Русија „Роснефт“. Руската влада во 2016 година донесе одлука на пазарот да продаде 19% од акциите на компанијата „Роснефт“, но купувачот секогаш се ориентира на моменталната пазарна вредност. Во ваква ситуација компанијата може или да ја одложи продажбата на акции или во целост да ја напуши берзата.

Вредноста на руските компании поради Брегзит може да падне за 10%, изјави во интервју за „Блумберг“ Герман Греф, директор на најголемата руска државна банка „Сбербанк“. Покрај компанијата „Роснефт“ владата сака да продаде и пакет акции на компанијата „Алроса“ која се занимава со експлоатација и со обработка на дијаманти. Таа исто така ги продава своите акции на лондонската берза.

3. Пад на берзанските индекси

По објавувањето на резултатите од референдумот во Велика Британија за време на отворањето на московската берза на 24 јуни забележан е пад на вредностите. На пример индексот РТС, кој е најважен за рускиот пазар, падна за над 5%.

Вредноста на акциите на „Сбербанк“ во очекување на Брегзит опадна за 10% и може да опадне за уште 10%, изјави за „Блумберг“ Герман Греф. „Во тек на две-три недели сите руски компании ќе поевтинат за 5 до 10%. Поради тоа во руската влада не постои никој што би го поздравил излегувањето на Велика Британија од Европската Унија“, изјави тој за „Блумберг“. Според мислењето на Греф, Русија е заинтересирана за зачувувањето на единството на Европската Унија како трговски партнер.

4. Можно ублажување на санкциите

Единствен позитивен ефект од Брегзит за руската економија може евентуално да биде ублажувањето на санкциите. Велика Британија упорно се залагаше за зачувување на санкциите кои беа воведени за Русија во 2014 година поради украинската криза, и покрај помеката позиција на другите земји, пред сè на Франција и на Италија.

По излегувањето на Велика Британија од Европската Унија санкциите кон Русија можат да бидат ублажени и ова на својот профил на Твитер веќе го изјави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин. „Без Велика Британија во Европската Унија нема кој толку силно да инсистира на санкциите што ни се воведени“, напиша тој.

Од друга страна, министерот за надворешни работи на Велика Британија Филип Хамонд ги повика земјите од Европската Унија да ги задржат санкциите што се воведени за Русија. Но, според него, теоретското излегување на Велика Британија од ЕУ може да значи и ублажување на санкциите.

За волја на вистината, не може со сигурност да се каже дека укинувањето на санкциите позитивно ќе се одразат на руската економија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња