Гаспром се согласи со ограничувањата на ЕУ

EPA
Рускиот монопол реши да го продаде својот дел од латвиските активи, со цел да одговори на правилата на Третиот енергетски пакет.

Рускиот гасен монопол Гаспром се согласи да го продаде својот дел во латвискиот Latvijas Gaze каде е најголем акционер со удел од 34%. Како резултат на тоа компанијата ќе создаде две компании-ќерки-, од кои едната ќе се занимава со продажба и со распределба на гас, а втората со чување и со транспорт, објавува бизнис-весникот Комерсант. На овој начин Гаспром за првпат се согласи на барањата од Третиот енергетски пакет во Европа. Овој документ забранува една иста компанија истовремено да биде сопственик на транспортната инфраструктура и да настапува како доставувач на енергенси. Имено, поради ваквото ограничување кон крајот на 2014 година беше запрен проектот Јужен тек по дното на Црното море од Русија во Европа. Во руската компанија ги објаснуваат европските барања како политичка конјунктура.

Основни причини

Руската компанија не почна да се бори со барањата од Третиот енергетски пакет во Латвија поради неуспешното искуство со соседна Литванија, објаснуваат аналитичарите. Во 2012 година по барање на Европската комисија принудно беше разделена литванската Lietuvos dujos, во која на Гаспром му припаѓаа 37%. Како резултат на тоа рускиот монопол дури и се обрати до арбитражниот суд на ООН со тужба против Литванија, барајќи укинување на одлуката за поделба на компанијата Lietuvos dujos. Во 2014 година Гаспром реши да се откаже од понатамошна борба, продавајќи ги литванските активи за 164 милиони американски долари. „Во 2012 година Гаспром веќе влезе во судски спорови, во заткулисни борби, така што не сака по втор пат да се изгори“, вели генералниот директор на аналитичкиот центар ThetaTrading Дмитриј Едерман. Според него, уште еден ваков спор би бил излишен и би донел трошоци.

Згора на тоа, Гаспром се увери дека може ефективно да го продава во Латвија и во Литванија својот гас по добра цена, независно од контролата над инфраструктурата. Од 15 до 17 март странскиот трејдер на Гаспром – Гаспром експорт – организираше втора во својата историја и прва во Балтичкиот регион гасна аукција, на која на потрошувачите од регионот им продаде 420 милиони кубни метри гас. Тоа е повеќе од 10% од годишниот обем на испораки. За споредба, во 2015 година Гаспром експорт во Балтичкиот регион испорача 4 милијарди кубни метри гас. Цената на аукцијата не открива, но судејќи по благодушните коментари на претставниците на монополот, таа е доволно интересна, објаснува експертот-аналитичар на Финам Алексеј Калачев. Според него, станало јасно дека на Гаспром за успешен бизнис не му е потребно да ја контролира инфраструктурата, и дека ништо нема да изгуби со излегувањето од Latvijas Gaze.

Нови норми

Реорганизацијата на присуството на Гаспром во Латвија значи дека рускиот монопол е подготвен за новите правила на игра. „Третиот енергетски пакет ги менува правилата на игра на европскиот гасен пазар во правец на заминување од монополската положба на одредени играчи, како во Европа, така и во цела, како и во секоја страна на Европската Унија поединечно“, објаснува експертот-аналитичар на Финам Алексеј Калачев. Според него Гаспром има избор: да се противи и да се бори со тоа, или да се прилагоди на новиот ред и да се научи да го искористи во своја полза. Освен тоа, според аналитичарот на ИК „Премиер“ Иљја Балакирев, одлуката на Гаспром може да виде и нагледен „пример на однесување“ во поглед на идниот проект Северен тек-2: проектот треба да добие одобрение од Европската комисија. Гасоводот со моќност од 55 милијарди кубни метри гас ќе минува по дното на Балтичкото море од Русија во Германија. Земајќи ја предвид првата линија на гасоводот, обемот на испораките на гас во Германија ќе се зголеми за двапати, односно на 110 милијарди кубни метри годишно.

„Можно е притисокот врз монополот да продолжи, така што Гаспром со текот на времето ќе го препушти транспортот и опслужувањето на гасоводите во Европа на партнерите“, претпоставува началникот на управата  за операции на руската берза ИК „Фридом Финанс“ Георгиј Вашченко. Според него, во таков случај монополот ќе се сконцентрира само на продажба на гас.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња