Гаспром се соочува со нови предизвици во Европа

Ројтерс
Европската Унија го одобри проектот за изградба на алтернативен гасовод од Азербејџан во Европа. По новата траса гасот главно ќе оди до Италија.

Од Азербејџан во Европа гасот ќе тргне по траса која ја заобиколува Европа, и со тоа руската компанија Гаспром, најголемиот извозник на гас во Европската Унија, ќе добие конкуренција.

Европската комисија констатирала дека договорот за изградба на Трансјадранскиот гасовод (ТАР) во согласност со законите на Европската Унија, се истакнува во соопштението на Европската комисија. Гасоводот ќе минува низ Грција, Албанија и по дното на Јадранско море кон југот на Италија. Преку него азербејџанскиот гас ќе се извезува во Европа преку турската мрежа за транспорт на гас. Една од задачите на проектот е да се намали зависноста на југот од Европа од сегашните доставувачи, вклучувајќи го и руски Гаспром.

Но, како што претходно пишуваше „Руска реч на македонски“, кон крајот на февруари Грција и Италија прелиминарно се договорија за изградба на гасовод кој ќе ги поврзе овие две земји. Како база служи проектот ITGI Poseidon (Interconnector Turkey – Greece – Italy), односно гасоводот кој е планиран како дел од трасата од Азербејџан преку Турција во Италија, но кој не беше реализиран.

Опасност за Гаспром

„За Гаспром и за гасната индустрија во целина оваа вест беше сосема очекувана, со оглед на тоа што Европската Унија одамна интензивно ги поддржуваше проектите за Јужен гасен коридор“, вели Александар Курдин, началник на Управата за стратешки истражувања во енергетиката при Аналитичкиот центар на Владата на Русија.

Целта на проектот ТАР е токму Италија, зашто таа е еден од најголемите потрошувачи на гас на континентот. Сега Гаспром таму има нешто посилна конкуренција и повторно ќе мора да покаже флексибилност кога станува збор за условите под кои ги потпишува договорите, а ќе мора и да ги ограничува трошоците, со цел да се зачува рентабилноста и да остане во конкуренција, смета Курдин.

Од друга страна, експертите проценуваат дека азербејџанскиот гас не може во доволна мера да ги покрие потребите на јужноевропските земји. „До Европа (преку ТАР – заб. ред.) ќе стасуваат 10 милијарди кубни метри, од кои 8 милијарди кубни метри се наменети за Италија“, вели генералниот директор на Институтот за национална енергетика Сергеј Правосудив. За споредба, Италија купува од Гаспром 25 милијарди кубни метри гас годишно, а Либија и Алжир како алтернативни доставувачи ги намалуваат испораките на гас за Италија. Според тоа, азербејџанскиот гас може да го замени африкаснкиот, а не рускиот гас, додава Правосудов.

Побарувачката не се намалува

„ТАР нема значително да ја промени ситуацијата, дотолку повеќе што е голема веројатноста дека потребите на Европа за увоз на гас во следните години ќе стане уште поголема“, се сложува Александар Курдин.

Експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ се уверени дека ТАР нема да нанесе штета врз прелиминарниот договор на Гаспром со Италија и со Грција, поврзан со проектот ИТГИ. Планирано е низ овој гасовод да се пушти гас од Грција до југот на Италија. Во овој момент е најважно прашањето како да се достави гасот до границата со Грција. Меѓу другото, и двата гасоводи минуваат по речиси иста траса и можат да постојат истовремено, независно еден од друг. „Овие проекти сега решаваат сосема различни задачи: ТАР овозможува да се диверзификуваат изворите за испорака на гас и да се намали зависноста од Русија, додека ИТГИ е сега очигледно насочен кон диверзификација на трасите по кои ќе се извезува гасот од Русија“, објаснува Александат Курдин.

На Русија ѝ е важно да го диверзификува извозот на гас во Европа, зашто тој сега се реализира главно преку територијата на Украина. Една од трасите за диверзификација на на испораката во Северна и во Централна Европа е Северен тек 2. За јужниот дел на Европа ваква траса првично требаше да биде Јужен тек, а потоа Турски тек, но и двата проекти на крајот беа замрзнати.

Постои ризик и реализацијата на проектот ТАР да се оддолжи. „И покрај политичката поддршка што Европејците му ја даваат на Трансјадранскиот гасовод, на патот на неговата реализација постојат многу проблеми, вклучувајќи ги и финансиските“, смета Александар Пасечник, раководител на аналитичката управа на Фондот за национална енергетска безбедност. Проектот подразбира привлекување исклучиво приватни инвестиции, но за акционерите (меѓу кои се британскиот ВР, азербејџанскиот ГНКАР, италијанскиот Снам, белгискиот Флукус, шпанскиот Енгас и Швајцарскиот Акспо) тешко дека проектот ќе стане приоритетен, со оглед на ниските цени на енергенсите и општата криза во нафтената и во гасната индустрија, додава експертот.

Во 2015 година Италија беше трета на списокот на купувачи на Гаспром. Во оваа земја рускиот гигант извезе 24.42 милијарди кубни метри гас. Повеќе гас во текот на минатата година од Русија имаат купено само Турција (27.01 милијарди кубни метри) и Германија (45.31 милијарди кубни метри).
Во Грција Гаспром во текот на 2015 година има извезенo 1.98 милијарди кубни метри гас.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња