Кому ќе му ја довери Иран нуклеарната енергетика?

Ројтерс
Се заострува борбата за правото на изградба на нуклеарни централи во Иран, кому од неодамна му се укинати економските санкции. За соработка со Техеран претендираат компании од Русија, од Јужна Кореа, од Кина и од Шпанија.

Во јануари годината ОН, САД и ЕУ ги укинаа економските и финансиските санкции за Иран. Така на Блискиот Исток повторно е отворен еден од најголемите пазари на кои веќе сакаат да се вратат поголемиот дел од компаниите од целиот свет, вклучувајќи ги и оние од секторот на нуклеарната енергетика.

Претставникот на Иранската организација за атомска енергија Бехруз Камалванди во јануари изјави дека Иран, доколку западните земји обезбедат инвестиции во потребниот обем, ќе може на својата територија истовремено да изгради 7-8 нуклеарки.

Кој се бори за иранскиот енергетски пазар?

Кон крајот на јануари се дозна дека Иран и Шпанија веќе имаат подготвено прелиминарни спогодби за изградба на две нуклеарни електрани. „Врз основа на овие проекти, чие разгледување е во последната фаза, Иран и Шпанија ќе соработуваат во областа на изградба на електрани, во зголемување на капацитетот и подготовка на кадри“, изјави претставникот на споменатата организација Бехруз Камалванди, пренесува новинската агенција ИРНА.

Во втората половина од 2015 година шефот на Иранската организација за атомска енергија објави дека Пекинг и Техеран постигнале договор, според кој ќе се изградат две нуклеарни електрани на јужниот брег на Иран.

„Денес многу земји се обидуваат да се пробијат на иранскиот нуклеарен пазар. Меѓу нив е и Јужна Кореа, која на светскиот пазар го промовира својот реактор SMART (System-integrated Modular Advanced Reactor)“, вели генералниот директот на Рускиот сојуз за енергетска ефикасност Семјон Драгуљски. Сеул е подготвен со Техеран да развие соработка во изградба на мали и големи нуклеарни реактори, во производство на современа опрема за нуклеарна медицина и други области на примена на нуклеарната технологија во мирни цели.

Според сè изгледа, Иран сепак најмногу се потпира на соработката со руските компании. Шефот на Иранската организација за атомска енергија Али Акбар Салехи на 22 јануари годинава отворено изјави дека Русија ќе има предност во однос на другите држави, пренесува новинската агенција ИРНА.

„Претходно само Русија соработуваше со Иран во врска со изградбата на нуклеарни електрани, а сега многу земји се отворени за соработка“, го цитира ИРНА Салехи. Тој исто така нагласи дека Иран „никогаш нема да ја заборави помошта и поддршката што Русија му ја даваше во тешките моменти, и дека беше пријател и сопатник во тешките времиња“.

Но, експертите во ова гледаат и рационален приод. „Само Русија поседува најмодерен референтен енергетски блок на нуклеарна електрана од генерацијата 3+“, истакнува Семјон Драгуљски.

„На Иран му се потребни напредни технологии денес, а не утре. Земјата која поради санкциите изгуби толку време, не може повеќе да чека“, заклучува експертот.

Русија се зацврстува на Блискиот Исток

Руските нуклеарни технологии веќе одамна се присутни во блискоисточниот регион. Конкретно, во Ирак, во Египет, во Либија, во Сирија и во Алжир се присутни нуклеарни реактори изградени уште од советско време во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век. Дел од стручњаците за нуклеарна енергија од овие земји во тоа време минале низ советската научна и истражувачка школа.

„Росатом“ во Техеран ја има изградено нуклеарката во Бушер со јачина од 1.000 MW и ја пушти во погон во 2013 година. Русите практично го довршија енергетскиот објект што го започнаа германските стручњаци, а потоа го напуштија. Така, првата иранска нуклеарна електрана стана најсложениот нуклеарен инженерски проект откако постојат нуклеарните електрани. „Имено, „Росатом“ ја интегрираше технолошката опрема на рускиот проект со градежните конструкции со германски дизајн, а покрај тоа рускиот проект вклопи 12.000 тони германска опрема. Нуклеарната електрана „Бушер“ победи на конкурсот „Проект за 2014 година“, кој го организира најстарото светско енергетско списание Power Engineering (САД).

Независните експерти сметаат дека конкуренцијата тешко ќе се избори со „Росатом“ на иранскиот пазар. „И покрај огромниот притисок за санкциите, Русите на Иранците им изградија најсовремена нуклеарка и ги исполнија сите обврски пред својот партнер, а притоа не прекршија ниту едно барање на светската заедница. По стартувањето на нуклеарната електрана Бушер, Техеран стекна огромна доверба во Русија“, смета независниот експерт за нуклеарен сектор Александар Уваров.

Ова го потврдува и билатералната спогодба потпишана во 2014 година за изградба на осум енергетски блокови, вклучувајќи и договор за изградба на два нови блока на платформата на нуклеарката „Бушер“.

Во моментов во тек се преговори за деталите од реализацијата на проектот за изградба на втора низа објекти на нуклеарната електрана „Бушер“. Од почетокот на годинава околу 50 руски стручњаци се занимаваат со подготвителни работи.

Руските стручњаци за нуклеарна енергетика се исто така подготвени да понудат соработка и во сферата која не е енергетска. Станува збор за проектите во областа на технологијата на зрачењето, вклучувајќи и зрачење на земјоделски производи и модифицирани материјали. „Овие технологии веќе успешно се користат во Азија, во Европа и во САД, а можат да бидат релевантни и за Иран“, истакнува Александар Убаров.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња