Како Гаспром се бори за европскиот пазар

Гаспром.

Гаспром.

Ројтерс
Компанијата Гаспром почнува активно да се бори за европските потрошувачи со испорака на сè поголеми количества гас за Европската Унија. Освен со Норвешка, која претставува конкуренција на европскиот пазар, Гаспром ќе мора да се натпреварува и со увозниците на течен природен гас од САД. Кој има поголеми шанси да ја однесе победата во оваа борба?

„I`ll be back“ – со овој цитат од филмот „Терминатор“ го започна своето излагање пред американските инвеститори Александар Медведев, заменик-директор на компанијата Гаспром. Делегацијата на рускиот гасен гигант се состана со инвеститорите на 1 февруари 2016 година во Њујорк. Според зборовите на Медведев „огромен дел од парите со кои се финансира Гаспром стасуваат од САД, така што компанијата и понатаму е подготвена да соработува со американските инвеститори“.

Во 2015 година Гаспром демонстративно ги прекина вообичаените состаноци во Њујор и во Лондон, и наместо тоа одржа презентации во Хонгконг и во Сингапур. Но, во 2016 година компанијата го обнови дијалогот со американските инвеститори. Тие сè беа заинтересирани за тоа дали рускиот гигант ќе може да ја издржи конкуренцијата во вид на течен природен гас од САД кој наскоро ќе стаса на европскиот пазар.

Пораст на извозот

Во 2015 година Гаспром успеа да го зголеми својот удел на европскиот пазар од 30 на 31%. Во одделни европски земји овој пораст изгледа вака:

Во Германија

за 17%

Во Италија

за 12.6%

Во Франција

за 37%

Во Велика Британија

за 10%

 

„Гаспром зазеде дел од пазарот што им припаѓаше на Алжир и на Либија. Во Африка се намалува експлоатацијата на гас, зашто се намалуваат и инвестициите поради ниските цени и нестабилната политичка ситуација. Сега таму се произведува 30% помалку гас отколку пред пет години“, вели Георгиј Вашпченко, шеф на одделението за операции на рускиот пазар на хартии од вредност во инвестициската компанија „Фридом Финанс“. Според него, уделот на Гаспром на европскиот пазар сега е најголем за последниве 10 години, а Норвешка не е во состојба значително да го зголеми количеството на извозот.

На определени европски пазари позициите на Гаспром сега се послаби одошто беа. На пример, во ноември 2014 година Литванија во градот Клајпеда на источниот брег од Балтичкото море отвори терминал за прием на течен природен гас од Норвешка. Згора на тоа, Владата на Литванија најавува дека во 2016 година уделот на Норвешка на литванскиот пазар за гас за првпат ќе биде поголем од рускиот, односно ќе надмине 50%.

Според експертите, рускиот гас во Европа најмногу може да биде загрозен од увозот на течен природен гас од САД. Во истражувањето на американската компанија Wood Mackenzie отворено се тврди дека Европската Унија може да стане главен купувач на американскиот ТПГ. Згора на тоа, до 2020 година 55% од вкупниот американски ТПГ, односно 32 милиони тони годишно, ќе се извезува во Европа, велат од оваа компанија за Bloomberg.

Ривалство со течен природен гас

Во јануари 2016 година од терминалот Sabine Pass во Луизијана веќе требаше да тргне танкерот Energy Atlantic со првите количества ТПГ за Европа. Но, испораката од технички причини е одложена за крајот на февруари и почетокот на март 2016 година. За транспорт на поголем дел од гасот, односно 3.5 милиони тони, веќе е ангажирана британската компанија BG Group. Покрај Sabine Pass наскоро во САД треба да бидат пуштени во функција четири нови терминали за ТПГ.

Гаспром засега не се плаши од конкуренција кога станува збор за американскиот ТПГ. Според истражувањата на руската гасна компанија, американскиот ТПГ до потрошувачите ќе стаса со поголема цена од оној што стасува преку гасоводот. „Вкупните трошоци за увоз на американскиот ТПГ во 2016 година се поголеми од цените на европските „гасни хабови“. Во цената е пресметан и транспортот преку територијата на САД, доведувањето во течна состојба, поморскиот транспорт и регасификацијата во Велика Британија“, се истакнува во презентацијата за инвеститорите на Гаспром.

Руската компанија успева да обезбеди и ниски цени. Во моментов Гаспром ја разгледува можноста за дополнително намалување на цената на гасот што се извезува во Европа. Во буџетот на компанијата се пресметува цена од 199 американски долари за илјада кубни метри, а новата цена би изнесувала 169 американски долари за илјади кубни метри. За споредба, Гаспром во 2015 година извезуваше гас во земјите надвор од поранешниот СССР по цена од 243 американски долари за илјада кубни метри.

Според аналитичарот на инвестициската компанија „Премиер“ Сергеј Иљин „ниските цени на гасот му одговараат на Гаспром, зашто тој е во предност со оглед на тоа дека има помалку трошоци одошто извозниците на ТПГ“. Имено, испораката на ТПГ е поскапа од транспортот на гас преку гасовод. Според тоа, руската компанија може да ја намали цената, а тоа и да не се почувствува. И обратно, доколку цената се качи, рускиот гигант ќе ја изгуби предноста што ја има сега. Цената на гасот зависи од цената на нафтата. Во период на високи цени на фосилното гориво потрошувачката на гас во Европа е помала за речиси 50 милијарди кубни метри поради конкуренцијата со јагленот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња