Кои фирми заминуваат од Русија

AP
Во последниве две години од Русија заминаа околу 60 познати бренда и компании – еден и пол пат повеќе одошто во кризната 2008 година. Уште неколку десетици компании гледаат кон вратата. При простувањето бегалците, обично, изговараат коректни зборови за „реорганизација на бизнисот“, но вистинските причини се празните џебови на потрошувачите и отсуството на увереност дека тоа е привремено.

Британската консултантска компанија Global Counsel кон крајот на минатата година ги обелодени резултатите во кои се вели дека во 2016 година Русија ќе ја напуштат многу светски компании. Заклучокот е направен врз основа на анализата на финансиските резултати на 46 компании што имаат свои претставништва во Русија, а меѓу нив се и BP, Royal Dutch Shell, Deutsche Bank, Siemens, Lafarge. Според Global Counsel, поголемиот дел од нив ќе го затворат својот бизнис во Русија. Аналитичарите сметаат дека најмногу станува збор за компаниите од делот на финансиите и на енергетиката, додека ова не сосема се однесува на фармацијата.

Првите ластовици од наведените ризични зони (енергетика и финансии) минатата година веќе тргнаа по тој пат. Се појавија гласови за првиот странец кој ќе го напушти пазарот, а тоа е Raiffeisenbank. На крајот излезе дека банката само ги прекинува автомобилските кредити и заминува од Далечниот Исток. Но, потоа замина првата западна нафтена компанија. Откако го продаде својот удел во проектот „Поларно сјаење“, во декември американската компанија ConocoPhillips по 25 години присуство во Русија ја напушти земјата. Conoco купи половина од малата нафтена компанија (проект во Ненецката област) пред да се обедини со Phillips во 1992 година. Потоа компанијата стана сопственик на дел од акциите на Лукоил, од кои се ослободи уште во 2011 година. На ваков начин, откако дојде во Русија меѓу првите, компанијата меѓу првите светски енергетски гиганти и ја напушти земјата.

Облеката не го чини човекот

Гигантите имаат дополнителни резервни сили за да не извршат избрзани чекори, а помалите компании мораат да дејствуваат побрзо. Најголем е одливот на компаниите во областа на трговијата, најмногу во делот на оние со средни цени.

На почетокот од првата половина од минатата година статистиката констатираше рекорден пад на малопродажбата од 1991 година од 7.9%. Реалниот приход на населението падна налето за 10%, и како резултат на тоа, според податоците на консалтинг-компанијата „Магазин магазинов“ минатата година во Русија се отвориле 991 продажни места, а се затвориле 1024. За споредба една година претходно беа отворени 1234 продажни места, а се затворија 314.

Заминаа многу познати брендови за облека. Во 2014 година според податоците на Fashion Consulting Group, пазарот на облека во Русија се намалил за 8%, односно 2.2 билиони рубли, а во 2015 година паднал за 20%.

Притоа, како што секогаш бива за време на кризата, бурата практично не допре до луксузниот дел. Во него се гледа извесна буржоаска стагнација: нема ниту пораст, ниту намалување. Некои брендови дури и го зголемуваат своето присуство – Hermes за двапати ја зголеми површината на својот бутик во ГУМ, Michael Kors го отвора првиот бутик за мажи во светот, Dolce & Gabbana го отвора својот најголем бутик на Третјаковската улица.

Нискиот сегмент порасна

Постои пораст во нискиот сегмент. Тоа може добро да се види на пазарот на брза храна: лидери според отворањето продажни места за измината година се KFC, Burger King и McDonald's. Според податоците на „Магазин магазинов“, 80% од отворените продажни места во минатата година се брендови од делот на масмаркетот, а 90% од затворените продажни места се брендови од средниот ценовен сегмент. Порастот во овој сегмент отпаѓа на оние што јаделе во ресторани и што се облекувале во поскапа облека. Намалувањето, па дури и исчезнувањето на средниот сегмент е главен тренд на изминатата година, а годинава тој, најверојатно ќе продолжи.

Имено најмногу брендови на облека има заминато од средниот сегмент. Ова најмногу се должи поради намалувањето на продажбата, кое изнесува 35-45%. Компанијата „Монекс трејдинг“ која е промотор за брендот American Eagle во Русија, минатата година ги затвори сите три продавници во Москва, сметајќи дека понатамошниот развој не е исплатлив. Претходно замина британскиот бренд River Island – за Maratex Fashion Retail Company која го развиваше овој бренд како франшиза, овој проект беше во загуба. Од истата причина Maratex ја запре продажбата на американскиот бренд Esprit во Русија, како и на италијанскиот OVS. Поради долг за франшиза во Русија беа затворени и продавниците од британскиот бренд New Look, кој во Русија постоеше од 2009 година.

Повеќе на Комерсант

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња