Топ пет настани во руската економија во 2015

Getty Images
Ниските цени на нафтата и падот на платежната способност на населението станаа клучни фактори што влијаеја на руската економија во текот на 2015 година.

Централната банка ја намали клучната стапка

Руската Централна банка на крајот на јануари ја намали клучната ставка од 17 на 15%. Во текот на следните три месеци мегарегулаторот последователно ја намалуваше до 12,5%. На ваков начин Централната банка се обидуваше да ја стабилизира ситуацијата што избувна кон крајот на 2014 година, кога поради големата девалвација руските извозници си ги задржаа девизите, а за исплата на даноците претпочитаат да земаат кредит во рубли. Поради високата камата во Русија се намали бројот на издадени кредити, а индустријата остана без средства за проширување. Во август 2015 година стапката беше намалена до 11%.

Турски наместо Јужен тек?

Откако кон крајот на 2014 година Русија се откажа од проектот „Јужен тек“, низ кој по дното на Црно Море требаше да испорачува гас во Јужна Европа, Москва, се чини, најде нова варијанта за испорака на својот гас, заобиколувајќи ја Украина. Во јануари 2015 година беше објавена нова маршрута на гасоводот преку Турција. Веќе напролет преговорите за овој проект влегоа во ќор-сокак. Русија планираше да изгради гасовод за транзит во Европа, а Турција само една линија за своите потреби. Во една ваква констелација Русија беше принудена да бара и други варијанти. Како исплатлива варијанта се појави проектот „Северен тек 2“, со кој ќе се прошири гасоводот по дното на Балтичко Море. На крајот на ноември годинава поради конфликтот во Сирија и урнатиот руски авион Су-24 од страна на турските воени сили, проектот „Турски тек“ е фактички замрзнат. Русија воведе специјални економски мерки за Турција, а иднината на овој мегапроект останува непозната.

Уништени стотици тони зеленчук, сирење и месо

Во август 2015 година во Русија стапи на сила указот на уништување на производите што влегуваат во списокот за ембарго, а кој претходно беше потпишан од претседателот Владимир Путин. Во Русија започна закопување и палење на производите што, без оглед на забраната, влегуваа на територијата на Русија незаконски. Еден од аргументите беше заканата за здравјето на населението, со оглед на тоа што овие производи не ги поседуваа потребните сертификати. Првиот ден под гасениците на булдожерите се најдоа 319 тони прехранбени производи. Ваквиот чекор на власта предизвика негодување од страна на населението, а 250 илјади лица потпишаа петиција за повлекување на указот. Но, тој е сѐ уште на сила. На крајот на ноември беа уништени вкупно 787,4 тони производи. Во Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор сметаат дека ваквиот начин е најефикасен во борбата со шверцуваната стока. Во некои региони бројот на обиди за увоз на производи што се под ембарго се намали за 80%.

Нафтата повеќе не го полни буџетот

Силната волатилност на цените на нафтата ја принуди владата да се откаже од првичното тригодишно планирање на буџетот и да премине на едногодишен план. Веќе кон крајот на август светските котации на нафтата за кои е врзана и цената на руската извозна нафта Уралс, го обнови шестгодишниот минимум. Нафтата од марката Брент поевтини до 42,52 американски долари за барел, а WTI до 37,75 американски долари. За рускиот буџет, во кој 50% од позитивата се приходи од продажбата на нафта и гас, разликата 10–20 американски долари е принципиелна. На крајот беше решено да се формира буџет само за 2016 година, во кој билансот ќе биде зачуван за сметка на намалувањата на расходите во областа на одбраната, на образованието, на здравството и на станбено-комуналниот сектор.

Банкрот на втората по големина авиокомпанија

Во октомври 2015 година руската влада прогласи банкрот на авиокомпанијата „Трансаеро“. Така заврши историјата на вториот по големина авиопревозник во земјата, чие појавување во деведесеттите години од минатиот век го означи почетокот на вистинската конкуренција во руската цивилна авијација. Причина за крахот беше ризичната стратегија за развој, која подразбираше активно кредитирање, зголемување на обемот на превоз и дампинг-цени. Ситуацијата ја влоши економската криза, поради која се намали бројот на патници, а кредиторите станаа помалку трпеливи. Во моментот на банкротирањето долгот на „Трансаеро“ изнесуваше 260 милијарди рубли (четири милијарди американски долари). Заминувањето од пазарот на еден ваков крупен играч негативно ќе влијае врз мобилноста на Русите и ќе доведе до зголемување на цените на авионските билети. Низа приватни компании можат да добијат со делумно заменување на „Трансаеро“ во определени правци. Сепак, основен бенефицијар станува националниот авиопревозник „Аерофлот“.

Во подготовката на материјалов учествуваа експерти од Фондот за национална енергетска безбедност, од Вишата школа за економија, аналитичари од авијатичката индустрија, како и претставници на Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња