Што се случи со рубљата во 2015 година

Shutterstock/Legion Media
Рубљата поевтини двапати повеќе отколку во минатата година – нејзиниот курс не се регулира од страна на Централната банка од ноември 2014 година. Експертите немаат исто мислење во својата оценка за дејствијата на Централната банка, а некои предлагаат враќање на контролата на регулаторот во 2016 година.

Од средината на ноември 2014 година руската валута се наоѓа во слободен тек, односно нејзиниот курс не се регулира од страна на Централната банка која претходно за намалување на побарувачката на девизи продаваше долари од резервниот фонд. Мнозинството експерти што ги консултираше „Руска реч на македонски“ смета дека одлуката на Централната банка била неизбежна, со оглед на тоа дека есента 2014 година нафтата почна да поевтинува.

„Централната банка практично немаше да може да го спречи понатамошниот пад на рубљата за сметка на девизните интервенции“, вели Наталија Борзова, заменик на генералниот директор за работа со кредитните организации на ФинЕкспертиза.

„Либерализацијата на курсот ѝ овозможува на економијата да реагира поеластично на реалиите на пазарот. Всушност, оние земји-производители на нафта каде курсот на националната валута е фиксиран за доларот се судрија со 20% дефицит на буџетот кој се пополнуваше од резервите“, вели финансискиот аналитичар на FxPro Александар Купцикевич. Експертот додава и дека Централната банка немала други варијанти.

Според оценката на Екатерина Власова, аналитичар Citi Research, Централната банка ја преведе рубљата на курс на слободно пливање мошне брзо. „Тоа беше можно благодарение на периодот на подготовка, во кој Централната банка постепено ја зголемуваше еластичноста на рубљата“, додава експертот.

Ефект на ослободување

Според оценката на аналитичарот на банката „Норде“ Дмитриј Савченко, веднаш по либерализацијата на курсот на зависноста на рубљата од цената на нафтата порасна до 88%. Тоа може да се види доколку се споредат пикот на курсот на рубљата со котацијата на нафтата.

Освен котациите на суровините, на курсот на националната валута влијаеја и геополитичките ризици и факторите во самата држава – нивото на клучната стапка и сезонската уплата на даноците и гаснењето на надворешниот долг, потсетува Екатерина Власова. Без оглед на тоа приврзаноста за нафтата остана основен. Ситуацијата се смени дури во последните месеци од 2015 година. Во декември при пад на цените на нафтата до 36.4 американски долари за барел, курсот на рубљата се зголеми само 70.55 рубли за долар. Истото ниво курсот го постигна во август, при помал пад на цените на нафтата.

„Тоа значи дека доколку помеѓу динамиката на цената на нафтата или на курсот на рубљата постоела апсолутна врска, курсот на доларот би бил 88.8 рубли, а не 70-71, - објаснува Александар Абрамов, професор на катедрата за берзи и пазари на инвестиции на Вишата школа за економија. – Односно, монетарните власти успеаја да дојдат до значително забавување на поевтинувањето на рубљата во однос со падот на цените на нафтата“.

Удар по индустријата

Сепак крајната девалвација на рубљата од моментот на нејзината либерализација изнесува практично 59%, потсетува Владимир Рожанковски, директор на аналитичкиот оддел на ИК „Океј Брокер“. „Во таква ситуација, секако, беше полесно да се наполни буџетот, но во исто време се отежна извозно-увозната дејност“, додава експертот.

Поради санкциите во однос на рускиот финансиски сектор, индустријата ги изгуби евтините западни пазарни ресурси. Според Рожанковски, големата девалвација на рубљата на овој фон доведува до загуби кај претпријатијата. „Големи расходи за нив се опремувањето, деловите, електрониката, кои претпријатијата во најголем дел ги купуваат од странство“, објаснува експертот.

Според мислењето на експертот, доколку Централната банка не ја пуштеше рубљата,, тогаш девалвацијата ќе беше за една третина помала. Рожанковски претпоставува дека во 2016 година би било логично да се врати регулирањето на курсот на рубљата.

Централната банка признава дека ослабувањето на рубљата има различни влијанија врз претпријатијата од реалниот сектор. „Сепак, позитивниот инпут на растечкиот приход од извозот (во извозноориентираните производства – заб. ред.) во финансиските резултати го надмина негативното влијание на курсната динамика на трошоците“, изјавија за „Руска реч на македонски“ од службата за односи со јавноста на Централната банка.

Таму, исто така, забележаа дека регулаторот не планира да ја заостри курсната политика. „Во исто време Банката на Русија ја задржува можноста за повремено спроведување на валутни интервенции за поддршка на финансиската стабилност“, се вели во соопштението од службата за односи со јавноста.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.