Како операцијата во Сирија влијаеше врз руската економија?

Руски пилоти до Су-24 пред мисија.

Руски пилоти до Су-24 пред мисија.

Дмитриј Виноградов / РИА Новости
Веќе трет месец Русија спроведува воена операција во Сирија против терористичката организација Исламска држава. Дополнителен ефект на оваа воена кампања е заострувањето на односите со Турција и замрзнувањето на проектот за гасоводот Турски тек. Војната во Сирија може да има одложено дејство и на руската воена индустрија, сметаат експертите.

Од 30 септември, кога започна операцијата, изведени се над 2.200 летови и уништени се над 2.000 цели. Руската воздухопловна група ја сочинуваат над 50 авиони и хеликоптери. Тешко е да се каже како трошоците за оваа воена операција се одразуваат врз рускиот буџет, но токму тоа е нејзиниот најнепосреден економски ефект. „Никакви податоци во врска со ова не се достапни. Обидите на аналитичарите да ги пресметаат трошоците даваат различни резултати, како од гледна точка на методологијата на процената, така и во конечните бројки“, вели Евгениј Гниломјодов, директор на Центарот за перспективна анализа на стратешките истражувања. Министерот за финансии Антон Силуанов даде на знаење дека Министерство за одбрана се вклопува во претходно издвоениот буџет, а дополнителни трошоци за тековната година не се предвидени. Во буџетот за 2016 година трошоците за национална одбрана се зголемени – сега изнесуваат 3 билиони рубли (42.6 милијарди долари), што претставува 4% од бруто националниот приход. Од тоа, според податоците на специјализираното издание „Независимое военное обозрение“, околу 145 милијарди рубли (2 милијарди долари) се одвоени за „определени акции, вклучувајќи ги и акциите во сферата на националната одбрана и безбедност“.

Нанесена ли е штета на инвестициите?

Во целост гледано, воената операција во Сирија засега само посредно влијае на руската економија. Дополнителните настани, како што е инцидентот во кој Турција го собори рускиот авион, влијаеја на односите помеѓу двете земји, вклучувајќи ја и економската сфера.

Фактички е замрзнат проектот за гасоводот Турски тек. Но, експертите се сомневаат дека ова навистина ќе резултира со економски загуби. „Тешко дека може да се запре проектот Турски тек поради незадоволството на турската страна од политиката на Русија во Сирија, пред сè зашто Турција е заинтересирана за увоз на овој енергенс и за перспективната улога што на пазарот на енергенси на Европската Унија што може да ѝ го донесе отпочнувањето на овој проект“, вели Иван Капитонов, доцент на Институтот за државна служба и управа при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Експертот потсетува дека Турција добива од Русија околу 60% од гасот што го троши (27 милијарди кубни метри во 2014 година). И покрај тоа што алтернативи формално гледано постојат, ова количество Турција може да го надополни од други извори само доколку создаде нова инфраструктура.

Не постои паника ниту кај претставниците на странскиот бизнис кој работи во Русија. „Големите инвеститори размислуваат во категории што се мерат со децении. Од гледна точка на однесување одлуки за нив се мошне поважни перспективите на цената на нафтата, одошто воените дејствија во регионот кој и онака е вжештен“, вели економистот Сергеј Хестанов. „Сиве овие настани не предизвикаа ниту одлив на капитал, ниту повлекување на активи од Русија“, потврдува Евгениј Гниломјодов. Сепак, според неговата процена определени настани можат краткорочно да влијаат врз цената на нафтата и врз акциите на руските компании, како и на стабилноста на рубљата во однос на другите валути.

Одложен ефект во воената индустрија

Според мислењето на експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ руската воена индустрија доби можност да ги понуди своите производи на светскиот пазар благодарение на демонстрацијата на овие производи во воени услови.

„Активните дејствија на Воено-космичките сили на Руската Федерација, користењето различно вооружување и очигледниот резултат од нивната примена (а, никој повеќе не се сомнева во тие резултати) нудат можност да се зборува за ефикасност на руската техника и муниција“, вели Евгениј Гниломјодов. Според него, ова во иднина може да доведе до потпишување нови поволни договори во оваа сфера.

Со овој став делумно се сложува и експертот за вооружување Константин Макиенко од Центарот за анализа на стратегии и технологии. Тој потсетува на практиката на извозниците на оружје од НАТО – тие секогаш нагласуваат дека нивното вооружување е испробано во борбени дејствија. Во Сирија сега се користат и тактичките бомбардери Су-34 и ловците Су-30СМ. „Сега кога овие системи се тестирани во борбени дејствија, нивната конкурентност е значително поголема“, вели Макиенко. Сепак, тој додава дека не може да се проследи директна врска помеѓу конкретните борбени дејствија и конкретни договори. Во овој момент главни увозници на руското вооружување се Индија и Ирак.

„Најголемата предност за руската индустрија во целина може да дојде до израз подоцна, доколку операцијата во Сирија биде успешно завршена. Во тој случај ќе биде неопходно да се обнови разурнатата инфраструктура во земјата, а руските компании ќе направат сè што е во нивна моќ за да овозможат свое долгогодишно учество во тие процеси“, заклучува Евгениј Гниломјодов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.