Ѝ се заканува ли на Европа гасна криза?

Ројтерс
Руски Гаспром ја прекина испораката на гас за Украина, со оглед на тоа што земјата веќе го има исцрпено платеното количество „сино гориво“. Сепак, според експертите, овој пат ограничувањето на испораките нема да доведе до прекин на транзитот на гас за Европа: енергетските договори на двете земји застанаа на ново ниво.

Рускиот гасен монопол Гаспром ја прекина испораката за Украина. Ова го изјави првиот човек на компанијата Алексеј Милер, соопштува новинската агенција Интерфакс. Според него, украинската страна веќе го има исцрпено платеното количество гас, а нови средства нема префрлено. Во ваква ситуација украинската страна веќе почнала да ги користи резервите од своите подземни резервоари. Освен тоа, премиерот на Украина Арсениј Јацењук дури и најави целосно прекинување на набавката на руски гас. Притоа испораката на гасот е само дел од глобалната енергетска криза меѓу земјите.

Испорака на гас

Како што објаснува за новинската агенција Интерфакс првиот човек на Гаспром Алексеј Милер, Украина не успеала целосно да се подготви за зимата, така што одлуката за откажување од рускиот гас носи сериозни ризици за потрошувачите на гас. „Објективно, купените количества гас можат да бидат доволни за Украина само доколку има мошне топла зима“, изјавува за „Руска реч на македонски“ Иван Капитонов, доцент на Институтот за државна администрација и управување при Руската академија за народно стопанство и државна администрација, која е блиска до руската влада. Според Капитонов, во периодот на студенило во земјата ќе бидат потребни големи количества гас, а со производна цена никој нема да може да го извезува на соседна Украина. Купувањето гас за Украина со претплата може да биде обновено во јануари 2016 година во зависност од временските услови, смета Капитонов.

„Гасното прашање“ во односите помеѓу Русија и Украина излезе на виделина веднаш по распаѓањето на СССР. Тешкотиите се состојат во тоа што имено преку територијата на Украина рускиот гас се испорачува во Европа. Затоа, според водечкиот експерт на управувачката компанија „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов, во минатото доколку Украина не го плаќаше гасот, започнуваше со користење на транзитниот гас. Тоа се случи во јануари 2006 година кога Украина не плати за испораката на гас и почна да го користи гасот наменет за европските потрошувачи. Подоцна фактот за принудно користење на транзитниот гас беше и официјално признаен од украинската страна. Истото продолжи да се случува до 2014 година кога Гаспром ја постави Украина на системот за претплата за испорака на гас.

Јаглен

За да може без проблеми да ја преброди зимата на Украина не ѝ е потребен само гас, туку и јаглен на кој работат електраните во земјата. Во блиска иднина Русија може да ја запре испораката на јаглен во Украина како одговор на прекинувањето на испорака на електрична енергија во Крим од страна на украинските власти, соопшти министерот за енергетика на Русија Александар Новак за руското радио „Вести FM“.

Вработен во компанијата Укренерго, која управува со енергетскиот систем на Украина, за новинската агенција ТАСС изјави дека без испорака на јаглен од Донбас нема да може нормално да се помине грејната сезона, со оглед на тоа што 7 од 14 електрани во Украина работат на јаглен. 

Впрочем, според експертите, во секој случај сигурноста за снабдувањето со гас за европските потрошувачи за претстојната зима нема да биде ставена под знак прашање. Според професорот на факултетот за светска економија и светска политика при научно-истражувачкиот универзитет Виша школа за економија Алексеј Портански, „без оглед на постоечките економски проблеми, прекини со испораката на гас за Европа нема да има“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.