Подобра позиција за Русија на Doing Business

Shutterstock/Legion Media
Без оглед на санкциите и на намалувањето на БДП, Русија се искачи за 11 позиции на рејтингот Doing Business. Како што забележуваат специјалистите на Светската банка, земјата направила вистинска револуција во поедноставување на пристапот кон електромрежите: според овој параметар Русија се искачи на 114 место.

Русија се искачи за 11 позиции (на 51 место) на рејтингот за квалитетот на бизнис-средината Doing Business, кој секоја година го составува Светската банка. Како што се вели во експликацијата за рејтингот, Русија за една година спровела пет економски реформи кои придонеле за суштински напредок на земјата на рејтингот. Специјалистите на Светската банка ја одбележуваат регистрацијата на сопственоста (8 место во светот) и обезбедување на исполнување на договорите (5 место во светот). „Рејтингот останува ориентир за странските инвеститори“, изјави во интервју за бизнис-весникот Ведомости еден од авторот на истражувањето Валентина Салтане.

Глобалниот рејтинг Doing Business стана своевиден клучен показател на ефикасноста за руската влада. Во мај 2012 година претседателот Владимир Путин постави задача да се подобри местото на овој рејтинг од 50 во 2015 година на 20 во 2018 година. На овој начин, според резултатите од последниот рејтинг владата практично успеа да ја исполни задачата.

Што менува методологијата?

Во 2015 година кај пет од десет блокови беа додадени нови критериуми, при што кај четири од нив Русија доби високи оценки. На пример, се покачи новиот индекс на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и транспарентност на тарифите. „Мериме колку често има прекин во снабдувањето со електрична енергија, должината на можните прекини, а исто така и како работи системот за мониторинг“, ги коментира пресметките Салтане. Според овие показатели Русија ги доби максималните 8 бодови. Според темпото на поедноставување на процедурата за приклучување на електричната мрежа Русија постави рекорд, прескокнувајќи одеднаш 114 места. Слично е и со оценката за процедурите за добивање решение за изградба, каде Русија се искачи за 37 места. Бројот на процедури практично не е намален, но се појави нов индекс – квалитет на самата изградба, за што Русија доби 14 од можни 15 поени.

Методологијата претрпува измени секоја година со цел рејтингот да може во целост да ги одрази процесите кои се случуваат во земјите, објаснува за „Руска реч на македонски“ во Одделот за надворешни врски на московското претставништво на Светската банка. На пример, во 2014 година, за 11 земји со население од повеќе од 100 милиони жители во пресметката на рејтингот се вклучени податоци за вториот по големина град, за Русија е додаден Санкт Петербург, додека претходно пресметките се вршеа само за најголемиот мегаполис.

Според генералниот директор на Агенцијата за стратешки иницијативи Андреј Никитин, подобрувањето на позицијата на Русија на рејтингот не може да се објасни само со промената на методологијата. „Доколку позицијата на рејтингот зависи само од методологијата на пресметката, тогаш измените би биле исти според сите точки“, вели тој за „Руска реч на македонски“.

На што да се обрне поголемо внимание?

Најслабото место за руската економија според оценката на авторите на истражувањето е меѓународната трговија, меѓу другото и оформување на стоките за извоз: според овој параметар Русија падна од 155 на 170 место. „Меѓународната трговија е една од областите каде Русија треба да продолжи да ги концентрира своите заложби. За тоа се потребни заеднички заложби, а не само Федералната царинска служба која, всушност, активно се модернизира“, пишува во својот коментар за рејтингот Силви Босутро, програмски раководител на Светската банка во Русија.

Како што претходно објасни за весникот Ведомости Валентина Салтане, методологијата на пресметката на овој индекс е драстично променета: сега се зема предвид транспортот на стоките не само по морски пат, туку и по железница и со авион. Меѓу другото, најпрво се оценува квалитетот на процедурата на царинење: како се користат електронските системи, колку долго товарот се наоѓа на граница, колку чини оформувањето документи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.