Руската нафта ја очекува „битка за Европа“?

Ројтерс
На пазарот на нафта во Европа започнува „нафтена војна“, во која засега се вовлечени Русија и Саудиска Арабија, но наскоро може да се приклучи и Иран. Во перспектива за Русија ваквата ситуација може да значи губење на една третина од испораките.

Европските капацитети за преработка на нафта започнаа активно да ја купуваат својата суровина од Саудиска Арабија, се вели во руското интернет издание Газета.ру, кое се повикува на извор од нафтениот ресор. Според податоците со кои располага агенцијата Ројтерс, во последниве месеци се зголемени испораките на нафта од Саудиска Арабија во Западна Европа и во Медитеранот за капацитетите на американската компанија Exxon, на британско-холандската Shell, на француската Total, како и на италијанската Eni.

На 13 октомври првиот човек на најголемата нафтена компанија во Русија Роснефт Игор Сечин изјави дека Саудиска Арабија започнала да ја продава својата нафта во Полска и тоа по дампинг-цени.

„Нафтата од Саудиска Арабија и претходно беше присутна на европскиот пазар. Во 2010 година на Европа отпаѓаше околу 10% од извозот на саудиската нафта, а тоа е околу 30 милиони тони“, ги коментира извештаите од медиумите Александар Пасечник, прв човек на аналитичката управа при Фондот за национална енергетска безбедност (ФНЕБ). Според него, станува збор најмногу за логистички коридор. „Полското пристаниште во Гдањск започна да прима партии нафта од Саудиска Арабија. Тука постои можност за зголемување на соработката меѓу нив и определен ризик за Русија“, вели експертот.

Опасна ли е саудиската нафта за Русија?

Експертите со кои контактираше „Руска реч на македонски“ сметаат дека експанзијата на европскиот пазат е еден од најлогичните чекори за Саудиска Арабија, со оглед на тоа што земјите-производители на нафта во рамките на ОПЕК не се обидуваат да го намалат обемот на експлоатација на нафта. „За да не се преплави постоечкиот пазар на купувачи, наједноставно е да се рашират неговите рамки“, објаснува Јуриј Прокудин, аналитичар на порталот Fx Bazooka.

Уште една причина за стравување е скорото излегување на светскиот пазар на нафта најавен од страна на Иран. „Кога правните санкции ќе бидат симнати, иранската нафта ќе почне да се пробива на европскиот пазар. Не е исклучено дека токму Саудиска Арабија има решено токму сега да ги засили позициите во Европа“, вели Александар Пасечник.

„Точните услови на испораката засега се непознати, иако, тргнувајќи од моменталната ситуација на пазарот, може да се претпостави дека барел нафта од Саудиска Арабија ќе ги чини европските купувачи 48-49 американски долари, односно 4-5 американски долари поевтино од марката Urals“, вели Јуриј Прокудин. Тој, исто така, додава дека е можно Саудиска Арабија да даде и дополнителен попуст од 0.5-1 американски долари.

Сега Русија обезбедува околу 25% од потребите за нафта во Европа. За тековнава година обемот успеа да порасне за повеќе од 5.5%, односно 97.6 милиони тони. Според процените на Јуриј Прокудин, следната година Русија може да изгуби една третина од овој обем.

Сепак, Александар Пасечник претпоставува дека зголемувањето на испораките од страна на Саудиска Арабија пред сè претставува сигнал за тревога за Русија, одошто вистинска закана. „За европските фабрики да се преориентираат на саудиската нафта, потребни се инвестиции во преработувачките комплекси и измена на логистичкиот синџир, а тоа се дополнителни трошоци. Дури и пониските цени за оваа нафта нема да ги покријат неопходните инвестиции“, забележува аналитичарот на ФНЕБ.

Кои се можните сценарија за Русија?

Доколку Русија почне да губи дел од европскиот нафтен пазар, тогаш ова намалување теоретски може да го компензира со испорака во Кина, со оглед на тоа дека според прогнозите испораките кон оваа земја ќе растат 3.2% на годишно ниво.

Впрочем, постои ризик дека во долгорочна перспектива Русија ќе се судри со недоволно инвестирање во оваа гранка и со намалување на експлоатацијата на нафта. Ова е едно од сценаријата на Министерството за енергетика на Русија. Намалувањето на експлоатацијата се заканува на гаранциите за опслужување на азиската побарувачка. „Освен тоа, азиските партнери засега не се подготвени технички за голема потрошувачка на руската нафта“, забележува Александар Пасечник од ФНЕБ. “Затоа, европскиот пазат за Русија сè уште игра главна улога“, додава тој.

Извор на изданието Газета.ру смета дека „конкуренцијата во цена на европскиот пазар на кракот ќе доведе до тоа или да се намали цената на руската Urals, или, пак, Русија ќе изгуби дел од пазарот“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.