Трансаеро оди во банкрот?

Сергеј Бобиљов / ТАСС
На состанок со премиерот Дмитриј Медведев беше донесена одлука за можен банкрот на втората по големина авиокомпанија во Русија – Трансаеро. Претходно беше предложено компанијата да му биде предадена на неговиот најголем конкурент, националниот авиопревозник Аерофлот. Според експертите, банкротот на авиокомпанијата може да доведе до социјална нестабилност.

Вчера на состанок со премиерот на РФ Дмитриј Медведев беше донесена одлука за можен банкрот на втората по големина авиокомпанија во Русија – Трансаеро. Ова го изјави министерот за економски развој Алексеј Уљукаев, а пренесува новинската агенција РБК. Според министерот, обидите да се најдат други патишта за решавање на ситуацијата со авиокомпанијата Трансаеро завршиле неуспешно. По оваа изјава акцијата на компанијата на Московската берза паднаа за 38%. Освен тоа, најголемата банка во земјата Сбербанк и една од најголемите приватни банки Алфа-Банк изјавија дека ќе побараат банкрот на авиокомпанијата. Сепак, како што изјавуваат руските експерти, банкротот на компанијата е најлошото сценарио според кое може да се развива ситуацијата.

Основни причини

На почетокот контролниот пакет акции на компанијата Трансаеро требаше да бидат предадени на најголемиот авиопревозник во земјата Аерофлот, а ваквото решение беше одобрено од бордот на директори на двете компании. Сепак зделката беше запрена. „Зделката беше запрена поради 'лошите долгови' на Трансаеро, најверојатно на Аерофлот ќе му биде тешко да ги реструктуира и да ги опслужува, зашто меѓу кредиторите има и странски, кои ќе бараат враќање според меѓународните правила. Во таков случај најдобро за сите би бил банкротот“, смета Емиљ Мартиросјан, доцент на Институтот за бизнис и деловна администрација при Руската академија за народно стопанство и јавна администрација. Впрочем, како што вели водечкиот експерт на УК „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов, ниту еден од кредиторите засега нема поднесено барање за банкрот, иако вакви планови веќе најавија Сбербанк и Алфа-Банк. „Банкротирањето на компанијата никому нема да донесе полза, меѓу другото ни на кредиторите, а исто така ќе се влоши и транспортната пристапност на многу населени места“, вели тој. Од друга страна основните сопственици на компанијата – семејството Плешакови – исто така истапија против банкрот на Трансаеро и ја потврдија својата подготвеност да ги предадат своите акции во авиокомпанијата на конзорциумите на банките.

Според аналитичарот на UFS IC Ана Базоева, сигурна одлука за Трансаеро засега нема, но шансите за банкрот на авиокомпанијата се големи и пазарот, тргнувајќи од котирањето на акциите и на облигациите на Трансаеро се засновуваат токму на ова сценарио. Всушност, како што вели аналитичарот, двата бонда на компанијата паднаа за 40’ и сега изнесуваат како дефолтни – 42% и 33% од номиналната вредност. А, од 1 октомври 2015 година авиокомпанијата Трансаеро нема повеќе право да продава билети.

Плусови и минуси

Според мислењето на експертите, банкротот на Трансаеро е најнеоптималното решение. „Минусите од банкрот на една од најголемите компании на пазарот на авиопревоз, која меѓу другото е и јавен емитент, се многу поголеми од плусовите“, смета Ана Базоева. Според неа „со ваков пример уште еднаш ќе го потсетат бизнисот дека агресивниот раст на сметка на позајмени средства претставува директен пат во ќор-сокак“. Експертот смета дека главни настрадани од банкротот ќе бидат финансиските институции (банките и компаниите за лизинг), а исто така и оние што поседуваат облигации на Трансаеро, а тоа се најмногу физички лица.

Сепак, како што ветува началникот на управата за операција на руските берзи при ИК Фридом Финанс Георгиј Вашченко, Аерофлот може да го прифати решението, доколку се договори со кредиторите. „Со помош на банкрот Аерофлот може да се ослободи од скапите канцеларии и од дел од старите авиони“, вели тој.

Вкупниот долг на компанијата Трансаеро изнесува 260 милијарди рубли (3.9 милијарди американски долари), од кои 80 милијарди (1.2 милијарда американски долари) кон банките. Во моментов дејноста на компанијата ја обезбедува Аерофлот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.