Русија ќе создава национална рејтинг-агенција

Photoxpress
Руските власти повторно се вратија на идејата за формирање национална рејтинг-агенција, иако претходно се беа откажале од оваа идеја. Новата агенција ќе се појави под патронажа на Централната банка, а нејзин основач ќе бидат најголемите кредитни организации во земјата. Според експертите, рејтинзите на новата агенција ќе помогнат во добивање заемски капитал, пред сè за малите компании.

Во 2015 година во Русија ќе се појави нова рејтинг-агенција. Ова го изјави министерот за економски развој Алексеј Уљукаев, соопштува агенцијата РБК. Според министерот основачи на националната рејтинг-агенција треба да бидат нејзините корисници: големите банки и компании. „Најважно е агенцијата да располага со крупен капитал. Колку повеќе капитал, толку поголема одговорност за агенцијата и толку поголема тежина на оние рејтинзи што таа ќе ги формира“, изјави министерот. Всушност, според него, за агенцијата веќе покажале интерес најголемите банки, при што секој од основачите на агенцијата ќе добие не повеќе од 5% од нејзиниот капитал.

Принципи на работа

Основните контури на идната агенција беа определени на состанокот во Централната банка на 24 јули годинава. Согласно официјалното соопштение на Централната банка, на чело на новата агенција ќе биде првиот потпретседател на Гаспромбанк Екатерина Трофимова. Таа претходно повеќе од десет години работеше во меѓународната рејтинг-агенција Standard & Poor's, каде беше директор на групата за рејтинзи на финансиските институции на земјите во развој.

Се претпоставува дека капиталот на националната рејтинг-агенција ќе изнесува 3 милијарди рубли (47.48 милиони американски долари) со еднаков удел на инвеститорите. Првичното потпишување за акциите ќе се спроведе до крајот на август 2015 година. Како што подоцна за весникот РБК-Daily изјави Екатерина Трифомова, основачи на новата агенција ќе бидат 25 до 40 учесници на финансискиот пазар на Русија: во оваа улога можат да бидат банки, финансиски корпорации, а исто така и осигурителни и пензиски компании. За создавањето на агенцијата за рејтинг се заинтересирале втората по големина банка во Русија ВТБ, една од најголемите приватни банки Промсвјазбанк, инвестицискиот гигант – групацијата БИН и најголемата осигурителна компанија Росгосстрах. 

Перспективи за развој

Аналитичарите со кои стапи во контакт „Руска реч на македонски“ на различен начин реагираат на идејата за создавање нова агенција. „Скептичен сум во врска со идејата за формирање на ваква институција, зашто не сфаќам во што е смислата на нејзиното создавање и какви се нејзините цели“, вели главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. Според него, основниот актив на агенцијата за рејтинг е репутацијата, која се заработува со децении. „Лидерството на 'големата американска тројка' на светскиот пазар на рејтинзи се објаснува со историски високото ниво на квалитет на нивните прогнози“, смета аналитичарот на инвестицискиот холдинг „ФИНАМ“ Антон Сороко. Сепак, според него, развојот на алтернативни институции за оценка во долгорочна перспектива е во полза не само на Русија, туку и на целиот свет.

Всушност, потсетува Сороко, инвеститорите веќе активно ги користат рејтинзите на кинеската агенција Dagond. Поседувањето на рејтинг од кинескиот Dagond е задолжителен услов за излез на инвеститорот на внатрешниот пазар на кинески облигации, таканаречени panda bonds. Највисок рејтинг од оваа агенција веќе имаат добиено нафтената компанија Гаспромнефт, како и банката Гаспромбанк, чиј потпретседател ќе биде на чело на руската рејтинг-агенција.

Според Балакирев идејата за создавање агенција во Русија може да биде функционална доколку таа се позиционира себеси како институција за поедноставување на пристапот кон кредитниот пазар за малите емитенти. „Нема да успееме да направиме своја 'праведна S&P' како противтежа на нивната 'неправедна'. Ова е од причина што механизмот на рејтинзи не функционира на таков начин“, смета тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.