Од мај 2015 година руската валута достигна минимални нивоа, паѓајќи во однос на американскиот долар и на еврото за околу 30%. Според експертите, руската валута автоматски поевтинува по нафтата, откако во ноември 2014 година Централната банка премина на слободен курс на рубљата. „Преминот кон слободниот курс несомнено е едно од клучните решенија во сферата на макроекономската политика на современа Русија“, вели Константин Коришченко, поранешен заменик-претседател на Централната банка, а сега шеф на катедрата за берзански пазари и финансиски инженеринг на факултетот за финансии и банкарско работење при Руската академија за народно стопанство и државна администрација, институт близок на владата.
Останата традиција
Според Коришченко од 1995 до 2014 година руската економија се наоѓала во ситуација во која Централната банка во поголем или во помал степен го има регулирано нивото на замена на валутата. „Неопходноста од регулирање на курсот се појави на почетокот на деведесеттите години од минатиот век и тоа поради многу причини: борба со инфлацијата, зголемување на довербата во рубљата, финансирање на буџетскиот дефицит, привлекување странски инвестиции“, вели Коришченко. Според него, другата страна од стабилизацијата на рубљата е нејзиното прекумерно зацврстување. Во ноември 2014 година Централната банка на фонот на намалување на рубљата се откажа од практиката на постојани интервенции на пазарот: претходно регулаторот продаваше на пазарот долари, со цел да ја поддржи националната валута доколку нејзиниот курс доаѓаше до границите на претходно поставената валутна граница.
Одлуката беше донесена во ноември 2014 година по рекордниот напад на рубљата, поврзан со надворешнополитичката затегнатост. За да се поддржи курсот на националната валута во октомври 2014 година Централната банка продаде 27.2 милијарди американски долари. Според главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев, навременоста на оваа реформа предизвикува извесни прашања. „Не можам да кажам дека времето за спроведување на реформата беше погрешно. Наглото паѓање на руската валута на крајот на 2014 година беше предизвикано од одбивањето на Централната банка да ја заштити стабилноста на курсот“, вели аналитичарот на инвестицискиот холдинг „Финам“ Антон Сороко. Според него, либерализацијата на курсот на рубљата требала да се одложи додека внатрешната негатива не стана посуштествена. Без оглед на тоа, одлуката на Централната банка дала поддршка на внатрешните производители, а исто така и го намалила притисокот врз меѓународните резерви, додава тој. Згора на тоа, во мај 2015 година Централната банка дури почна и да купува долари на пазарот за пополнување на резервите.
Реакцијата на населението
Преминот кон слободниот курс на рубљата доведе до намалување на реалните плати и до пораст на инфлацијата, што предизвика негативна реакција кај населението. Во февруари 2015 година жалба на одлуката за премин кон слободниот курс на рубљата поднесе поранешниот прв човек на одделот за странски операции на Централната банка Андреј Черепанов. Сепак Мешчанскиот суд на Москва ја одби жалбата. Во јуни 2015 година до судот се обрати жител на Москва кој побара да се прогласи за незаконско неделувањето на Централната банка во периодот на паѓањето на курсот на рубљата од крајот на 2014 година. Според мислењето на тужителот политиката на Централната банка ја довело државата во криза.
Според оценката на Центарот за макроекономска анализа и краткорочни прогнози, според резултатите од 2015 година реалните плати на Русите се намалиле за 8%. Притоа анкетите на јавното мислење покажуваат дека во 2015 година Русите очекуваат инфлација од 27 до 28% годишно, а во 2016 година до 15%. Според податоците на Централната банка, според депозитите на правните лица уделот на валутните депозити изнесува 44%. „Економијата, вклучувајќи ги и претпријатијата, банките и населението, се обидуваат да се адаптираат на новите услови, менувајќи ги средствата во валута, се обраќаат на државата за финансирање“, вели Коришченко. Сепак, според него, само менувањето на структурата на економијата и намалувањето на зависноста од извозот на суровина, може да доведе до целосно слободен курс на рубљата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче